ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
СВЕТСКИ ПИКНИК
06.06.2019 👁 Прочитано: 528

БЕЛГИСКИ И ГЕРМАНСКИ „ШМЕК“ НА „СВЕТСКИОТ ПИКНИК“


Белгија, административниот центар на Европската унија, земја која ги обединува Фламанија и Валонија под круната на Кралството Белгија, светски центар за трговија со дијаманти, синоним за првокласно чоколадо, квалитетно пиво, незаменливите белгиски вафли и земјата која на светот му ги подари класичните цртани „Авантурите на Тинтин“, „Астерикс и Обеликс“, како и најпознатите „Штрумфови“. Сите оние кои не можат да им одолеат на белгиските вафли, традиционална закуска која од Брисел и Лиеж станува популарна низ целиот свет, ќе имаат можност да ја пробаат на штандот на Белгија на „Светскиот пикник“ на 9 јуни 2019 година, со почеток од 12:00 часот во Градскиот парк во Скопје. Штандот на Белгија ќе биде претставен од страна на компанијата „Ван Хоол“, која на домашниот пазар е присутна од 2014 година, семејна компанија за производство на автобуси и индустриски возила.

Германија, индустрискиот гигант на Европа, земјата која е синоним за моќни автомобили и автопатишта без ограничување на брзината.  Оваа земја се поврзува со многу нешта, почнувајќи од класичната музика на Бетовен, Хајден и Брамс, следена од познатите фудбалски клубови кои се натпреваруваат во Бундеслигата, Берлин - симболот на поделена и обединета Европа, класичните дворци на Баварија и Прусија од кои најрепрезентативен е Нојшванштајн кој во превод означува нова лебедова карпа и земјата на најпознатиот фестивал на пивото – „Октоберфест“, а каде е пивото таму е и гастрономијата. Германската кујна изобилува од најразлични деликатеси од кои најшироко познати се колбасите, сирењата, баварскиот перек „Прецел“, кнедли со компир, Шварцвалд торта и торта со сирење. Љубителите на германските деликатеси ќе имаат можност да ја пробаат тортата со сирење (Käsekuchen) на штандот на Германија кој ќе биде претставен од страна на компанијата „ЕОС Матрих“, која се занимава со меѓународно управување со побарувања: наплата, откуп на побарувања и целосно преземање на деловниот процес, компанија која на домашниот пазар е присутна од 2003 година.

Покрај белгиските и германските специјалитети, присутните ќе имаат можност да пробаат деликатеси и од останатите земји од каде што доаѓаат компаниите -странски инвеститори кои се директно вклучени како поддржувачи на овој настан, а тоа се: Австрија, Грција, Велика Британија, Италија, Словенија, САД, Турција, Швајцарија, Шпанија и Холандија.

Изминативе 3 години „Светскиот пикник“ прерасна во препознатлив настан и традиција која претставува спој на промоција на културите на земјите од кои доаѓаат странските инвеститори, од една страна и хуманитарниот аспект на настанот презентирајќи ја општествената одговорност на овие компании од друга страна. Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија ве поканува на заедничко дружење во Градскиот парк,  затоа што пикник секогаш се прави во недела.

Михајло Донев

БЕЛГИСКИ И ГЕРМАНСКИ „ШМЕК“ НА „СВЕТСКИОТ ПИКНИК“