ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
СВЕТСКИ ПИКНИК
29.05.2019 👁 Прочитано: 1298

ВКУСОТ НА АВСТРИЈА КАКО ДЕЛ ОД СВЕТСКИОТ ПИКНИК


Австрија, земјата на уметноста, класичната музика, убавите дворци и планини често била инспирација за многумина. Сите оние кои барем еднаш ја посетиле останале воодушевени од нejзината култура, знаменитости, а еден од начините да се запознаете со културата на оваа земја претставува гастрономијата. Несомнено, виенската шницла и захер тортата како специјалитети чија рецепта долги години се криела во австриските дворци, претставуваат типични репрезенти на австриското кулинарство и амбасадори на нивната култура.

Сите љубители на австриската гастрономија ќе имаат можност да ги вкусат овие специјалитети на Светскиот пикник кој ќе се одржи на 9 јуни со почеток од 12 часот во Градскиот парк во Скопје. Штандот на Австрија ќе биде претставен од страна на компаниите: ЕВН Македонија АД, компанија која на домашниот пазар е присутна од 2006 година и чија основна дејност е дистрибуција и снабдување со електрична енергија како и Шпаркасе Банка Македонија АД која од 2010 годинa успешно се позиционира на домашниот финансиски пазар, презентирајќи ги своите корпоративни вредности.

Компаниите членки на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, инспирирани од традицијата  и културата на земјата од каде што потекнуваат, во насока на реализирање на мисијата за општествена одговорност, пред 4 години за првпат го организираа Светскиот пикник. Преку традиционалната храна, проследена со музика и детско катче за најмалите гости компаниите членки на Советот на странски инвеститори имаат за цел да ги унапредат своите врски со земјата во која делуваат и работат. Сите средства кои ќе бидат собрани од продажба на билети ќе бидат донирани за хуманитарни цели.

Михајло Донев

ВКУСОТ НА АВСТРИЈА КАКО ДЕЛ ОД СВЕТСКИОТ ПИКНИК