Инвестиции на ЖИТО ЛУКС Скопје, за целосна дигитализација и автоматизација на дистрибуцијата на брашно во фабриката за леб
➢ Актуелно (12.09.2020)
👁 Прочитано: 1332



Инвестиции на ЖИТО ЛУКС Скопје, за целосна дигитализација и автоматизација на дистрибуцијата на брашно во фабриката за леб

Најголемиот производител на леб и брашно во нашата држава Жито Лукс Скопје, е во процес на имплементација на голема инвестиција, односно модернизирање на производството што подразбира целосна дигитализација и автоматизација на дистрибуцијата на брашно во фабриката за леб.

Техничкиот систем што ќе се имплементира е еден од најмодерните системи достапни деновиве на пазарот во ЕУ. Ова ќе овозможи безбедно и одржливо продолжување на деловните активности на компанијата што би значело зголемена ефикасност и флексибилност во производството на различните видови леб, соопштуваат од компанијата.

„Горди сме, што и покрај сите предизвици оваа година, ќе спроведеме процес на модернизација на производството што подразбира целосна дигитализација и автоматизација на системот на дистрибуција на брашно во нашата фабрика за леб. Оваа инвестиција е најголема од низата спроведени изминатите 10-тина години. Токму поради овие инвестиции во можност сме постојано да ја прошируваме палетата на производи и да воведуваме нови стандарди на пазарот се со цел да ги задоволиме потребите на потрошувачите и да пресретнеме нови трендови во прехранбената индустрија. Конкретно, оваа инвестиција ќе ни овозможи да работиме поефикасно и е од огромно значење за квалитетна одржливост на бизнисот“, изјавија од компанијата Жито Лукс.

Од компанијата соопштуваат и дека во изминатите 10 години компанијата имала неколку позначајни инвестиции, како вложување во нова линија за производство со што го зголемила степенот на автоматизација на процесот на производство на тост и двопек и во исто време го зголемила производствениот капацитетот на овие две групи производи. Дополнително, додаваат од Жито лукс дека, како позначајна инвестиција во опрема се издвојува инвестицијата во линијата за пастеризација на лебовите, а придобивките од истата се задоволување на потребите за зголеменото производство на пастеризирани лебови, зголемен рок на производите без употреба на конзерванси, стабилен и контролиран квалитет.

Инаку, и во време на кризата со КОВИД-19 еден од приоритетите на компанијата е да помогне на социјално загрозените групи граѓани. Во рамките на општествена одговорност компанијата оствари донација на производи на неколку здруженија, институции и организации за помош и поддршка на најранливите категории, се дополнува во соопштението од компанијата.

Служба за информирање при Комората