Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Од компаниите
07.11.2019 👁 Прочитано: 148

Тутунски комбинат Прилеп дрма како на „екстази“


Најголемиот и единствен домашно поседуван Тутунски комбинат Прилеп има фантастичен квартал, нешто на што можат да му позавидат и многу домашни компании. Официјалните податоци покажуваат дека приходот од продажба за 90 дена пораснал за 9 милиони евра што е раст од 150 отсто во однос на првите шест месеци кога приходот изнесувал 6 милиони евра.

Куриозитет е тоа што домашната државна компанија за првите девет месеци е во добивка. Оперативната добивка изнесува речиси 600.000 евра, но заради големите финансиски расходи на компанија нето добивката е 110.000 евра.

Генератор на овој извонреден позитивен резултат е извозот. Во периодот јули-септември извозот пораснал за 8,1 милиони евра, а уште 0,9 милиони евра се зголемување на домашната продажба во периодот јули-септември. Значајно влијае врз позитивниот резултат има и намалениот трошок за вработени. За потсетува лани оваа компанија издвои значајна сума средства за компензација на вработени кои престанаа на работат таму. Еве ги бројките: за првите девет месеци годинава за вработени се издвоени 1,55 милиони евра. Лани за истата намена биле исплатени 5,6 милиони евра. Сега тој трошок е намален за 72 отсто.

Резултатот во периодот јули-септември е дијаметрално спротивен на првите шест месеци. Тогаш загубата беше 1,1 милиони евра. За овој период оперативните расходи на компанијата се двојно поголеми од нејзините приходи, а за камати за пола година се платени околу 340.000 евра. Податоците за првата половина од годинава беа загрижувачки. Приходот од продажба падна на 6 милиони евра и е за 8 отсто помал од реализацијата во првата половина на 2018 година. Менаџментот успеал да ја зголеми продажбата дома, но значајно е намален извозот односно за 25 отсто или 1,27 милиони евра помалку од лани. Залихите исто така се помали во споредба со лани за околу 800.000 евра.

Билансот на состојба покажува дека компанијата на крајот на јуни годинава има долг од 20,7 милиони евра. Долгот во споредба на истиот период лани е намален за 1,1 милиони евра. Намалувањето е во делот на краткорочните кредитни обврски кои сега се помали за 10 отсто во однос на лани. Долгорочните кредитни обврски се на исто ниво и изнесуваат 9,56 милиони евра.

Акумулираната загуба на оваа голема компанија е 148 милиони евра.

Најголем акционер во Тутунскиот комбинат е Владата која поседува 83 отсто од акциите, па државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување кој контролира 7 отсто акции. Повеќе од 2.600 домашни физички лица поседуваат 10 отсто од акциите на компбинатот.

Последен пат акцијата на оваа компанија е тргувана на почетокот на јули лани и цената е 250 денари.

Тутунски комбинат Прилеп дрма како на „екстази“