Стопанската комора на Македонија го реализираше и бесплатниот семинар во Скопје за Медијацијата како ефикасен начин на решавање на споровите со предавање од страна на лиценцирани медијатори

   

АКТУЕЛНО / 16.09.2016
👁 Прочитано: 2174


Стопанската комора на Македонија го реализираше и бесплатниот семинар во Скопје за Медијацијата како ефикасен начин на решавање на споровите со предавање од страна на лиценцирани медијатори

Стопанската комора на Македонија ја поддржува медијацијата со главна цел популаризација на овој ефикасен начин на вонсудско решавање на споровите. Со популаризација и употреба на медијацијата преку доверливоста, доброволноста и уште неколку важни начела на постапката,  ќе се искористат нејзините бенефити преку поголема ефективноста и ефикасност за надминување на конфликтите во ставовите, преку наоѓање решенија прифатливи за страните во процесот и нивна идна соработка.

Стопанската комора на Македонија, како најголема и најбројна бизнис-асоцијација во Република Македонија, врз база на потребите на компаниите, прва во РМ започна со креирање и нудење на нова услуга во своето портфолио на активности, односно воведе поддршка за вршење на Медијација како за членките, така и нечленките. Со цел поголема афирмација на оваа алатка и во насока на организација на промотивни и др.активности за нејзина поддршка, на 15.07.2016 год. се формираше и Асоцијација за поддршка на медијацијата во рамките на Стопанската комора на Македонија во која членуваат фирми кои ја поддржуваат медијацијата, а соработници се лиценцирани медијатори, експерти од делокругот на медијацијата како и надлежни државни институции поврзани со областа медијација.

 

Со цел најпрво да се информираат компаниите за законските измени на ЗПП  кои се поврзани за медијацијата, за текот на постапката на медијацијата, како и за можностите за тоа кои спорови се медијабилни и да се поттикне користењето на доброволната медијација, Стопанската комора на Македонија започна со циклус на бесплатни семинари кои ги реализира со предавачи – лиценцирани медијатори, согласно последните промени на Законот за Медијација. Во изминативе два месеци во целосна организација на Стопанската комора на Македонија беа одржани повеќе семинари за промоција на медијацијата и тоа во регионалните комори во Штип (1-ви јули 2016 год.), Кавадарци (2-ри јули 2016 год.), Кичево (8-ми јули 2016 год.), Охрид (9-ти јули 2016 год.), Прилеп (2-ри септември 2016 год.) и Битола (3-ти септември 2016 год.) со присуство на над 120 учесници.

На семинарите беа потенцирани предностите на медијацијата, беше детално објаснета медијацијата во РМ согласно законските прописи, акцент беше ставен на тоа кои се медијабилни/немедијабилни предмети, како и се даде осврт и на медијацијата во работните спорови, и заштитата на потрошувачите во постапката за медијација. Од активната дискусија која се реализира на семинарите произлегуваат и одредени прашања кои се јавуваат при практична примена на медијацијата и потребата од усогласување на неколки закони со Законот за медијација. Стопанската комора на Македонија од сите забелешки дадени од учесниците подготвува информација до носителите на законските решенија со цел целосна поддршка и поголемо поттикнување на примената на медијацијата.

 

Како информација наведуваме дека со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка („Службен весник на РМ“, бр.124./15) со член 47 од Законот, извршена е измена на член 461 од пречистениот текст на ЗПП  според кој: „ Во стопанските спорови за парично побарување чија што вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. При поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен доказот од ставот (2) на овој член судот ќе ја отфрли”. Оваа одредба од ЗПП е влезена во сила од 1-ви февруари 2016 година.

Според новиот Закон за медијација и неговите измени и дополнувања („Службен весник на Република Македонија“ бр. 188/13, 148/15, и 55/16), постапките за медијација може да ги спроведува единствено медијатор на кого му е издадена лиценца за вршење на медијаторски работи согласно член 46 од Законот за медијација, од страна на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата. Медијаторот врши работи согласно ЗПП и погоре потенцираната законска одредба, како и спроведување на постапки за решавање на сите видови медијабилни спорови за кои спротивставените страни ќе изјават волја доброволно, спорот да го решат по пат на медијација.

 

Циклусот на семинарите кои беа организирани и реализирани од Стопанската комора, беше заокружен со семинарот за Медијација кој се одржа во Стопанската комора на Македонија на 14.09.2016 година со предавање од страна на лиценцираните медијатори д-р Јелисавета Георгиева и м-р Илија Манасиев пред повеќе од 70 учесници.

д-р Јелисавета Георгиева