УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВРШЕЊЕ НА СМЕТКОВОДСТВЕНИ РАБОТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 140 ОД 29.05.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македoнија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македoнија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 29 мај 2020 година донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВРШЕЊЕ НА СМЕТКОВОДСТВЕНИ РАБОТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

(1) Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 95/12, 188/13, 27/14, 154/15, 192/15, 23/16, 190/16 и 193/17), ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
(2) За рокот за исполнување на обврската за посета на обуката за континуирано професионално усовршување за сметководител односно овластен сметководител, за време на траењето на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

(1) Рокот за исполнување на обврската за посета на обуката за континуирано професионално усовршување од 60 часа за сметководител за период од три години односно 90 часа за овластен сметководител за период од три години, започната во 2017 година, престанува да тече за време на траењето на вонредната состојба и продолжува 200 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба.
(2) Oбврската за посета на обуката за континуирано професионално усовршување од најмалку 10 часа во текот на една година за сметководител, односно од најмалку 20 часа за овластен сметководител, нема да се однесува за сметководителите односно овластените сметководители кои обуката за континуирано професионално усовршување ја започнале во 2018 и 2019 година.
(3) Доколку сметководителот, односно овластениот сметководител од ставот (1) на овој член, до 31.12.2019 година посетил повеќе од 60 односно 90 часови обука за континуирано професионално усовршување, тие часови му се признаваат во следниот тригодишен циклус.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4708/1                                     Заменик на претседателот
29 мај 2020 година                            на Владата на Република
Скопје                                                    Северна Македонија,
                                                м-р Радмила Шекеринска-Јанковска, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје