ТЕМА НА ФЕЉТОНОТ - Образование за 21 век

   

👁 Прочитано: 966


ТЕМА НА ФЕЉТОНОТ - Образование за 21 век

Образованието има важна функција и претставува двигател на развојот на општеството. Влијанието на образованието и неговите последици се чувствуваат во економијата, културата, науката, технологијата и на државата во целина. Затоа, секоја држава се стреми кон квалитетно образование, а со тоа и кон квалитетен и реализиран поединец. Поради важноста, државата пред се, мора да има дефинирана стратегија за целите и насоките во кои ќе се движи образованието. Тоа значи унапредување на квалитетот на образовните услуги и создавање вработливи, оспособени и конкурентни кадри. Дефинирањето на стратегијата значи да се опфатат сите фактори кои влијаат на квалитетот на образованието и реализација на главните императиви.

Образовната дејност е обемна по својата содржина и форма. Повеќе фактори имаат влијание врз ефектите од преземање одредени мерки и чекори за надминување на состојбите во кои сега се наоѓа. Во изминатите недели пишувавме за дел од тие фактори. За финанисирањето, за инвестирањето во наставниот кадар, за начинот на профилирање на професијата наставник. Во ова продолжение акцентот го ставаме на процесот на менаџирање на образованието како предуслов за создавање ефикасен образовен систем кој ќе произведе кадри за потребите на бизнис секторот.

1. МЕНАЏИРАЊЕ НА ОБРАЗОВАНИЕТО

Образовни институции, наставни процеси,

1.1. Управување со образовните институции

Раководниот кадар во училиштата, работната средина, условите за работа на наставниците, автономијата за креативно организирање на наставата и улогата на родителот се останатите фактори кои влијаат на квалитетот на образованието. Раководниот кадар треба да е компетентен и оспособен за менаџирање на процесите во училиштето. Селекцијата и изборот на директор на училиште се врши од страна на Градоначалникот на локалната самоуправа, врз основа на исполнетост на критериуми: најмалку високо образование и исполнетост на услови за наставник или стручен соработник во основно училиште, најмалку пет години работно искуство во воспитно-образовната работа, положен испит за директор, соодветен сертификат, не постар од пет години, за познавање на англискиот јазик ТОЕФЕЛ ИБТ (TOEFL IBT), ИЕЛТС (IELTS), БУЛАТС (BULATS) КЕТ (КЕТ) (Cambridge English), положен психолошки тест и тест за интегритет, и поседување потврда дека во моментот на именување нема изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност. [1] Обуките за директори ги реализира Државниот испитен центар врз основа на акредитирана програма за обука која се состои од 6 модули и изработка на семинарски работи. Но и покрај предвидените критериуми, праксата покажува дека директорите се менуваат со промена на политичката структура на државата, без да се внимава на рокот на траење на мандатот на директорот, квалитетот на образовниот процес кој се спроведува и успехот на училиштето за време на неговото менаџирање. Можеби треба да се размислува дека селекцијата и изборот на директорот на училишта заради поголем квалитет и компетентност, да го прави Министерството за образование и наука, наместо Градоначалникот.

Кога станува збор за критериумите за влез во обуката за директор мора да се до прецизира критериумот дека обуката за директори можат да ја реализираат лица со завршено, најмалку високо образование, во траење од четири години, бидејќи високо образование подразбира тригодишни и четири годишни студии (180 и 240 кредити.) Недозволиво е раководен кадар кои треба да ја води образовната институција да биде со завршени тригодишни студии.

За разлика од кај нас, во Словенија постои посебна институција наречена „Школа за директори“ која реализира програма за обука на раководниот кадар, но и дообука и советување на раководните лица на образовните институции. Во Финска, пак, критериумите за раководниот тим се подигнати на уште повисоко ниво и кандидатот за директор, треба да има стекнато титула магистер по образовен менаџмент.

1.2. Наставен процес

Условите за одвивање на наставниот процес се уште еден од факторите за квалитетно образование. Државата, треба да размислува за издвојување поголеми средства во образованието и да поттикнува набавка на соодветни наставни средства, помагала, опрема и материјали, потребни за одржување квалитетна настава . Наставата со примена на нагледни средства на часот и очигледност на наставната единица која се изучува, е важен фактор за подобрување на резултатите од учење кај учениците на ниво на училиште. За да се изведе квалитетна настава во стручните училишта, за развивање на практичните вештини на учениците, потребни се лаборатории, опрема, машини и работни материјали кои мора да се набавуваат во континуитет. Состојбата во поглед на техничката опременост со аудио и визуелни средства за настава, како и со нагледни алатки, загрижува. Денес, најчесто помагало во осовременување на наставата се ЛЦД проекторите и застарените програми на компјутерите, што не е доволно за реализирање на новиот тип на настава за критично размислување и самостојно истражување на ученикот.

Ваквата состојба, без нагледност во процесите, едноставно оди во прилог на фактографскиот пристап на настава, а не кон настава која го поттикнува креативното мислење и примената на искуственото знаење. Затоа државата доколку сака квалитетно образование мора да го зголеми инвестирањето во образованието и тоа да и стане приоритет во следните 10 години.

Во процесот на настава и учење, денес, наставниците се фокусирани на реализација на преобемната наставна програма, додека учениците се фокусирани на меморирање и репродуцирање на знаењата. Тие учат голем број факти и податоци, но многу малку учат за нивната смисла и поврзаност, и најважно од се, примената на истите. Се јавува неповрзаност (или има минимални обиди за поврзување) на една наставна единица од еден предмет со другите предмети кои се предаваат во истата година, било да се работи за поврзување на природните предмети со математика, или на останатите предмети со мајчин јазик и уметностите. Тоа оди во прилог на фактот дека нашите ученици не се подготвени за решавање проблемски задачи и самостојно откривање на соодветното решение со примена на знаењата кои ги стекнале во текот на учењето. За жал, ова го потврдуваат и резултатите од ПИСА тестирањето, кои покажаа дека пристапот на учење во нашата земја е различен од методологијата на мерење на знаењата на ОЕЦД. Постигањата на учениците од нашата земја се слаби, односно од 72 држави учеснички во студијата, во читање со разбирање и во писменост во природните науки се наоѓаме на 69 место, а во математичка писменост на 68 место[2]. Според последното ПИСА тестирање спроведено во 2015 година, постигањата на учениците мерени според поставените шест нивоа на владеење на материјата (каде ниво 1 е најниско ниво, а ниво 6 највисоко) изгледаат вака:

Табела бр. 5 Постигања на учениците во ПИСА 2015 тестирањето

 Извор: Извештај за постигањата на учениците во Република Македонија [3]

Бројот на предмети и бројот на ученици во паралелката се уште еден фактор кој влијае на образованието. Наставниот план треба да се растерети од непотребниот број предмети и содржини. Ученикот е оптоварен со голем број наставни единици и честопати се случува да нема можност за проверка на неговите знаења. Предметите да бидат интегрирани во подрачја како наука, општество, јазик и култура и да се надополнуваат. Наставната програма да биде конципирана според резултати од учење и постигнување на резултатите од учење. Примената на ИТ технологијата и креативните наставни методи и техники е неопходна за постигнување на резултатите од учење. Намалувањето на бројот на предмети и воспоставување пристап базиран на резултати од учење придонесува за поголема флексибилност во образованието и применливост на тоа што е релевантно за општеството. Намалувањето на бројката на ученици во паралелка, од 20 до 25 ученици, води кон квалитетен пристап во подучувањето на ученикот и можност за реализација на практичната обука.

Во реализација на наставата, наставниците, треба да бидат насочени кон примена на проблемски задачи и ситуации каде учениците би ги примениле знаењата стекнати и од другите предмети. Наставниците, кај учениците, треба да ја развиваат вештината на примена на стекнатите знаења, способноста за откривање извори на нови знаења и способноста за користење различни техники за презентирање на знаењата . Денес, повеќе се води грижа за способноста на учениците да ги репродуцираат содржините од програмата и за тоа, учениците добиваат квантитативна оценка врз основа на проценката на наставникот. Затоа, проверката на знаењата на учениците треба да се базира на отворени прашања преку кои ќе може да се проверува начинот на кој ученикот размислува. Затворените прашања, не доведуваат до критичко размислување, и често можат да се одговорат случајно. Процесот на размислување кај ученикот треба да биде поважен од самиот резултат. Завршните документи во кои се запишуваат квантитативните оценки треба да бидат надополнети со соодветен додаток на документот во кои ќе се напишат резултатите од учењето, односно што знае, какви вештини поседува и за што е оспособен ученикот.

Кога станува збор за квалитетно образование наставниците во Финска [4] имаат комплетна автономија во организирање на наставниот процес, сами го подготвуваат наставниот план и го осмислуваат начинот на кој ќе ги подучуваат децата. Целта на наставниот процес е да ги научат децата да размислуваат и да бидат креативни и иновативни. Исто така, тие се во позиција да им помагаат на децата и да ги насочат при изборот на идната професија, што не е случај кај нас.

 Ова укажува дека, доколку сакаме образование кое ќе биде применливо, треба да им се овозможи поголема автономија на наставниците сами да го креираат наставниот процес врз основа на општ наставен план и програма. Наставната програма да вклучува интегративни програмски подрачја како наука, општество, јазик и култура и да предвидува повеќе часови за проверка на знаењата преку применливост на знаењата во различни ситуации. Наставниците да бидат фокусирани да ги научат учениците како да учат и како да ги применуваат стекнатите знаења. Учениците да се наградуваат, не, за она што го знаат, туку за тоа, што можат да го направат со своето знаење.

1.3. Практична обука кај работодавач за применливост на вештините и квалификациите на учениците по завршување на образовниот процес

Квалитетот на образованието се гледа и во неговата прилагодливиот на потребите на економијата и општеството во целина и применливост на вештините и квалификациите на учениците по завршување на образовниот процес. Затоа е потребно, да се има посериозен пристап, и од страна на училиштето и наставниците, и од страна на учениците и работодавачите, во реализацијата на практичната обука на учениците која се реализира кај работодавач. Ученикот мора да разбере дека практичната обука за него е можност теоретските знаења практично да ги примени на работно место и да учи од искусни и вешти лица. Работодавачите треба да ги отворат вратите за прием на ученици за практична обука, да ги обучуваат според нивните можности, и на тоа да гледаат како можност да добијат оспособена и стручна работна сила која ќе ја регрутираат за своите потреби. Сериозниот пристап од страна на училиштето значи дека ја исполнува својата цел да подготвува стручни и компетентни кадри кои ќе одговорат на барањата на бизнис заедницата. Стандардите за изведување на практичната обука се изготвени и се прават напори за нивна примена. Но, праксата покажува дека поголеми пречки се јавуваат поради законската легислатива во која не се целосно уредени постапките за реализирање на практичната обука и не се хармонизирани со законите од другите сектори кои ја опфаќаат оваа проблематика како законите од областа на трудот и социјалата, од областа на здравството и од областа на финансиите. Сеуште не е отпочната во праксата примената на членот 15 од Законот за стручно образование и обука, за финансиски, даночни и царински овластувања за работодавачот кој ќе прими ученици на практична обука со што ги демотивира работодавачите, посебно од малите и средни фирми да примаат ученици за реализација на практичната обука. Но исто така многу малку работодавачи одвојуваат надоместок за ученичкиот труд за учениците кои реализираат практична обука кај нив како можност да ја поттикнат нивната мотивација за посериозен пристап кон практичната обука. Контролата од инспекциско тело, исто така, може да поттикне квалитет во реализацијата на практичната обука.

1.4. Професионално и кариерно советување на учениците

Насочувањето кон идната професија како процес кај нас се случува премногу касно, и тоа во средното образование. Во средните стручни училишта одамна има отворени Центри за кариера кои главно се занимаваат со подготвување на учениците за вработување преку подготвување на мотивирачко писмо, биографија и однесување на прво интервју, но динамиката и квалитетот на работа се разликува од едно во друго училиште и не е секаде ист.

Проектот на УСАИД и ЈЕС мрежата даде најголем придонес кон отворањето на центрите и обуките за кариерно советување, но недостасува системска заснованост на овој важен процес. Како примери за кариерно советување може да се замат презентациите што се прават од страна на средните училишта во основните училишта на крајот на учебната година во завршните паралелки, но тоа се прави од причина да се привлечат ученици за упис во нивните училишта, отколку да се влијае на изборот за идната професија или занимање на учениците. Целта на кариерното советување и насочување би била исполнета доколку кариерните советници својата функција би ја вршеле во основните училишта. Тие би го следеле развојот и напредокот на учениците и според нивните способности би ги насочувале во правилен избор на идната професија или занимање и би ги насочувале при упис во средните училишта . Денес, професионалната ориентација, преку следењето на постигнувањата и способностите на учениците во основното образование е само знак на индивидуално поставување и посветеност на училишниот психолог. Со новиот Закон за основно образование [5] донесен во август 2019 години, во кој е предвидена професионалната орјентација на учениците, би требало да поттикне посериозен пристап на училиштата во следењето на постигнувањата и способностите на учениците во основното образование и нивно професионално насочување.

Ова состојба ја лоцира потребата од нов стратешки приод во образованието, односно давање вистинска смисла на улогата на Кариерните центри кои професионално ќе ги насочуваат учениците преку образование до вработување .

Кариеното советување на учениците во последната година од основното образование или по завршување на истото, треба да биде една од активностите на Стопанската Комора за насочување на учениците за упис во стручните училишта и стекнување квалификации на барање на работодавачите. За таа цел, Комората, би требало да отвори Кариерни центри за советување на учениците во кои ќе бидат вработени квалификувани психолози како професионални советници. Истите, преку примена на разни психодијагностички инструменти и тестови, ќе направат проценка на способностите и амбициите на учениците и професионално ќе ги насочуваат кон стекнување соодветна квалификација и правилен избор за упис во средните училишта. Кариерните центри треба да бидат сврзното ткиво на различните нивоа на образование и ориентирани кон пазарот на трудот. Вистинскиот избор на идната професија на учениците значи создавање идна работна сила, барана на пазарот на труд, а не хипер продукција на кадар кој не е побаруван на пазарот и за кој нема работни позиции. Тоа значи усогласување на побарувачката и понудата на пазарот на труд.

1.5. Релација родител - ученик – училиште

Релацијата родител-училиште е следниот значаен фактор за квалитетот на образованието. Во оваа насока, треба дефинирање на правата и одговорностите на родителите. Родителите имаат право на свои мислења и идеи по однос на програмата, но не смеат да се мешаат во реализацијата на часот на наставникот и да вршат притисок врз креирањето на оценката и дефинирањето на компетенциите на ученикот. Креирањето на оценката и дефинирањето на компетенциите на ученикот е задача на наставникот кој го следи развојот, постигнувањата и напредокот на учениците. Родителите би требало посериозно да се позанимаваат со постигањата на нивните деца, односно со причината на непостигањето на резултатите од учење и изнаоѓање начини како да се помогне на детето, а не со префрлање на вината на наставниците и училиштето за слабиот резултат на ученикот. Во тој воспитно-образовен процес неизбежна е соработката со родителите и за вистинскиот избор на идната професија на нивното дете според неговите можности, способности и амбиции. Родителите не би смееле своите амбиции да ги пресликаат во изборот на професијата на детето. Тоа предизвикува фрустрација кај детето и демотивација за развивање и надградување на неговите вештини и компетенции за кои има желба и амбиции.

Затоа, за успешна реализацијата родител-училиште мора да се дефинираат правата и обврските на родителите, зошто преголема либерализација во односот родител-училиште доведува до намалување на квалитетот на образованието.

ПРОДОЛЖУВА...



[1] Закон за основното образование, член 128, став 3 и Закон за средното образование, член 91, став 2

[2] Ламева, д-р Бети, д-р Тања Андоновска-Митревска, Лирие Реџепи, д-р Виолета Наумовска, д-р Катица Спасовска Бинчев, д-р Даниела Јорданова и Решат Рамадани, Извештај за постигањата на учениците во Република Македонија , стр.11

[3] Ламева, д-р Бети, д-р Тања Андоновска-Митревска, Лирие Реџепи, д-р Виолета Наумовска, д-р Катица Спасовска Бинчева, д-р Даниела Јорданова и Решат Рамадани, Извештај за постигањата на учениците во Република Македонија , стр.14

[4] OECD,Education at a Glance: OECD Indicators, Finland,7

[5] Закон за основно образование, член 47, http://www.mon.gov.mk/images/Zakon_za_osnovnoto_obrazovanie_br._161-_2019.pdf/ пристапено на 24 септември 2019 година