ЦВРСТА ПОЗИЦИЈА НА ПАЗАРОТ ВОДЕЈЌИ СЕ СПОРЕД ПРИНЦИПОТ „ВРВЕН КВАЛИТЕТ И НИШТО ПОМАЛКУ“

   

👁 Прочитано: 1896


ЦВРСТА ПОЗИЦИЈА НА ПАЗАРОТ ВОДЕЈЌИ СЕ СПОРЕД ПРИНЦИПОТ „ВРВЕН КВАЛИТЕТ И НИШТО ПОМАЛКУ“

„АПИМЕЛ“ е македонска фармацевтска компанија со 100% домашен капитал,  лоцирана во Охрид, која е специјализирана за производство на природни производи со прополис и етерични масла. Производите на пазарот се препознатливи под брендот „Dr. Bacheff“ кој претставува синоним за квалитет и функционалност во доменот на фармацијата. Основач на компанијата и автор на производите е д-р Петар Бачевски,  спец. дерматовенеролог со долгогодишно искуство во медицината и автор на неколку научни трудови. Верувајќи во чудесната моќ на примарните пчелни производи, д-р Бачевски успеа да направи спој на пчеларството и медицината.

Асортиманот на компанијата создаван во текот на 30-годишното постоење, вклучува:

• гранични производи;
• додатоци во исхраната;
• козметички производи.

Својата цврста позиција на пазарот, „Апимел“ од своето постоење ја обезбедува водејќи се според принципот „Врвен квалитет и ништо помалку“.

Преку организирање едукативни обуки на пчеларите и пчеларските здруженија од кои ја откупуваат есенцијалната суровина - суровиот прополис, се обидуваат да го подигнат нивото на квалитет и квантитет во сите нивоа на производство. Со тоа го поддржуваат и го стимулираат развојот на пчеларството во земјата како земјоделска гранка која е есенцијална за развојот и на останатите земјоделски гранки ако се земе  предвид значењето на пчелата за целокупната флора на планетата. Тоа е причината и поради која постојано истражуваат и вршат мониторинг на иновациите во пчеларењето.

ЦВРСТА ПОЗИЦИЈА НА ПАЗАРОТ ВОДЕЈЌИ СЕ СПОРЕД ПРИНЦИПОТ „ВРВЕН КВАЛИТЕТ И НИШТО ПОМАЛКУ“Во текот на сите овие години на развој и напредок, ги користат несебичните услуги на бројни еминентни стручни лица од медицински, фармацевтски, ветеринарен и технолошки профил на кои им се неизмерно благодарни.

За компанијата најголема потврда за нивниот труд и посветеност се позитивните коментари од потрошувачите, кои се иницијална каписла за насоката на развојните политики во иднина.

Покрај застапеноста на македонскиот пазар, дел од палетата на производите се застапени во Р.Србија и наскоро очекуваат проширување на пазарот во Косово и Либија.

-Како и секој правен субјект кој бележи повеќедецениски период на постоење се соочувале со бројни препреки во работењето, особено ако се земе предвид транзицискиот период. Како би се постигнала подобра позиционираност на бизнис секторот на пазарот во РС Македонија и останатите потенцијални пазари, неопходна е поголема ефикасност на јавната администрација во поглед на процесирањето на барањата од приватниот сектор, дигитализација на јавните услуги и електронско меѓусебно поврзување на државните институции, – беше посочено од директорот Наум Трпчески на работната средба која беше остварена во рамки на посетата на компанијата од страна на Љупка И. Самарџиска од Стопанската комора на Македонија, која ги координира активностите на Здружението на хемиската индустрија, каде оваа компанија членува според дејноста. Според директорот Трпчески, како олеснителна околност која би ја посакал дел од бизнис секторот кој се занимава со интернет-трговија е поголема конкурентност и ценовна позиционираност на „Македонски Пошти“, олеснување т.е. ослободување од царинските процедури за индивидуални пратки со поединечни производи кои се испраќаат за купувачи во странство, а секако го сочинуваат процесот на интернет-трговијата, со што домашните производи би станале подостапни на глобалниот пазар и ценовно поконкурентни. Немањето Pay Pall како инструмент кој дава сигурност за добивање противвредност за направената финансиска трансакција на купувачот е уште еден сегмент кој ја одвраќа неговата намера за купување особено кај странските потрошувачи. - Секако, истакна Трпчевски, и во делот на локалната самоуправа повеќе од потребна е поголема посветеност кон индустријата и овозможување подобра инфраструктурна поврзаност и ефикасност во носењето на урбанистичките планови. Овој сегмент е од особена важност за голем дел од правните субјекти кои имаат потреба од изградба на нови или проширување на веќе постојните производствени капацитети. Со тоа се отвораат можности за осовременување на производството и следење на светските трендови, како и можности за искористување на европските фондови што е од особено значење за општествената заедница.

-Стремежот кон присоединувањето со големите пазари и посакуваното членство во Европската унија, како и изедначувањето на националните регулативи, ги отвора перспективите за настап на странските пазари и земајќи ја предвид генералната перцепција за македонскиот производ кој е препознаен по високиот квалитет, несомнено како домашна компанија го имаме вистинскиот адут во рака кој ќе ни ја зацементира позицијата и во најконкурентните глобални пазари, - порача директорот Наум Трпчески.

Љупка И. Самарџиска