Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ВО ПОСЕТА НА КОМПАНИИТЕ
06.11.2019 👁 Прочитано: 191

ИЗВОЗОТ КЛУЧЕН ЗА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ ОД МЕЛНИЧКАТА ИНДУСТРИЈА


ЖИТО ЛУКС АД Скопје е основано во далечната 1946 година. До 1971 година ЖИТО ЛУКС работи како самостојна фирма кога преминува во состав на "ЖИТО МАКЕДОНИЈА" како филијала. Неколку години подоцна, ЖИТО ЛУКС е регистрирана како самостојна фирма со основна дејност производство на леб, печиво и промет со сопствени производи.
 
Оттогаш компанијата бележи значителен развој и подем на домашниот пазар.Во овој период се реконструирани постојните и се изградени нови современи производни капацитети. Со ваквите инвестициони зафати се создадоа услови за производство на разни производи со врвен квалитет, широк асортиман и зголемен физички обем. Со распадот на Југославија, од каде претежно се снабдуваа со брашно македонските компании, и заради сигурност за обезбедувањето на граѓаните со основните прехранбени производи (брашно и леб) ЖИТО ЛУКС АД кон крајот на 1993 година пушта во редовно производство современа мелница со капацитет на мелење од 150 тони пченица дневно. Овој капацитет во целост ги задоволува интерните потреби на ЖИТО ЛУКС, а еден дел од брашното го продава на други купувачи.
 
Наредните десет години во направени сеголем број на инвестициони вложувања меѓу кои позначајни се: набавка на околу 60 специјализирани возила за превоз на брашно, леб, печиво, слатки и друг вид на стока, заменета опрема во двата најголеми производни капацитети за леб, купени се и опремени неколку продавници, вршени се и останати инвестициони вложувања заради нормално функционирање на постојната опрема во сите делови на друштвото.

Денес, портфолиота на Жито Лукс опфаќа околу 550 различни видови производи и тоа: брашно, разни видови леб, кроасани, геврек, пити, салати, 23 видови пици, слатки, торти, крофни и широка палета на смрзнати производи (багети, пити, кроасани и др.). Исто така, компанијата е претставник и дистрибутер на добро познатите производи од други грчки компании (ЕВГА сладоледи,мелиса тестенини) и друго.

Околу триесет и пет проценти од приходот на компанијата се реализира од брашно и други сродни производи од пченица. Дел од брашното се користи за сопствено производство на леб и печива, а еден дел се продава на други купувачи.

Во рамки на посетата на компанијата беше остварена средба со заменик генералниот менаџер, Николаос Калимерис. Пченицата како суровина се помалклу се одгледува во земјата и претставува сериозен проблем. Поголем дел од суровината доаѓа од увоз, пред се од соседството. И работна сила се потешко се наоѓа, истакна г-дин Калимерис. Доколку нема брзо решение на проблемот, компаниите ќе бидат доведени во уште потешка позиција смета тој. Истовремено, тие побараа подршка и од комората и од Владата за подобра извозна бизнис клима. Домашниот пазар е мал, мора да се најде можност за извоз што претставува еден од клучните нивни приоритети.

Истовремено, побараа да се иницира субвенционирање во делот на замена на стари превозни средства кои ги користат компаниите за превоз и дистрибуција, со што директно ќе се влијае и на загадувањето во градот. 

Во компанијата, Центарот за квалитет своевремено го имплементираше стандардот ISO 9001, кој се искористи како основа за премин  кон ISO 22000:2005, систем за управување со безбедна храна, кој го имаат и сертифицирано. Во моментот фирмата мора да ја заврши транзицијата кон ISO 22000:2018, за што е можна комуникација со Комората. Воедно, им се презентираа и другите менаџмент стандарди од нивни интерес, а кои сеуште ги немаат имплементирано, како ISO 9001, ISO 14001 и ISO 45001.  Стана збор и за актуелниот етнички стандард HALAL.

Емилија Тодоровска
Васко Ристовски