ЗГОЛЕМЕН ИНТЕРЕС ЗА СРЕДНИТЕ СТРУЧНИ УЧИЛИШТА, СОРАБОТКАТА СО БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА - КЛУЧ ЗА КВАЛИТЕТЕН СТРУЧЕН КАДАР

ЗГОЛЕМЕН ИНТЕРЕС ЗА СРЕДНИТЕ СТРУЧНИ УЧИЛИШТА, СОРАБОТКАТА СО БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА - КЛУЧ ЗА КВАЛИТЕТЕН СТРУЧЕН КАДАР

Изминатата недела беше во знакот на уписите во средните училишта, што во голем дел се поистоветува со носењето клучна одлука за младите ученици во процесот на градење на својата кариера. Секоја година битката се води помеѓу општите и стручните училишта. Традиционално, медицинските училишта и гимназиите секогаш биле највисоко поле на интерес кај идните ученици, но годинава позитивно изненадува зголемениот интерес на учениците за електротехничката и градежната струка.

-Во првиот уписен рок во СЕУГС „Михајло Пупин“ се запишаа 219 ученици, што значи продолжување на трендот од минатите две години, што се должи на одличната соработка воспоставена помеѓу компаниите и Стопанската комора на Македонија во насока на приближување на овие занимања до учениците, нудејќи им пракса, можности за стипендирање и вработување во компаниите-партнери и поддржувачи на образовниот процес, - изјави м-р Димитар Ѓорѓиев, директор на СЕУГС „Михајло Пупин“ - Скопје.

-Големиот интерес за тригодишните и четиригодишните струки кои се изучуваат во СГГУГС „Здравко Цветковски“ кои обезбедуваат одлична перспектива за вработување веднаш по завршувањето на средното образование и уште подобра основа за успешна кариера, исто така се плод на воспоставената соработка помеѓу училиштето, Комората и компаниите, - истакна Атина Томовска, директорка на СГГУГС „Здравко Цветковски“ – Скопје.

Преку Стопанската комора на Македонија, беа иницирани низа состаноци со членките од Здружението на градежништвото при Комората, на кои беа презентирани ставовите на компаниите, но и нивната подготвеност за вклучување во реализацијата на практичната обука на учениците. Во таа насока, беа склучени меморандуми за соработка со компаниите, од страна на Стопанската комора на Македонија беше реализирана обука за стручен и друг кадар - ментори во компании со кои се обезбедија потребни услови за верифицирање на компаниите. Од страна на компаниите пак беше обезбедено стручно лице - ментор, превоз, оброк и заштитна опрема за учениците, со што беа создадени услови за реализирање  практична обука.

-Соработката со Стопанската комора на Македонија во насока  на регрутирање и соработка со компаниите доведе до зголемување на бројот на ученици во електротехничката струка. Во иднина планираме истото да го направиме и со останатите струки, - истакна директорот на ССОУ „Моша Пијаде“ од Тетово, Небојша Трпковски.

Исто така, во рамките на Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“, имплементиран од страна на „Хелветас Северна Македонија, Македонскиот центар за граѓанско образование и Стопанската комора на Македонија, во соработка со образовните институции во изминатиот период се реализираа низа активности во насока на промоција на средното стручно образование и обука. 

Овие активности се меродавен показател за заложбите преку јавно-приватно партнерство да се подигне квалитетот на стручното образование и обука, преку креирање на квалитетен кадар кој по завршувањето на стручното образование ќе биде подготвен за трансфер на пазарот на труд и лесно препознат од страна на работодавачите.

Михајло Донев

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија