КУЛМИНАЦИЈА НА КОМОРСКИТЕ АКТИВНОСТИ

   

👁 Прочитано: 708


КУЛМИНАЦИЈА НА КОМОРСКИТЕ АКТИВНОСТИ

Како и секоја година нашите активности доживуваат кулминација кон средината на ноември, кога и на внатрешен и на надворешен план настаните се случуваат од час во час, од ден во ден и просто е неможно да ги проанализираш и да направиш проекција за нивни континуитет. Мора да кажам дека искусниот актуелен персонал на СКМ одлично се снаоѓа и со тоа докажува дека може да се носи со најголемите предизвици во наредниот период. Посетата на две моќни мултинационални компании на Комората, кои се сериозно заинтересирани за инвестирање; активностите околу годишниот собир на „Македонија 2025“; Седницата на Управниот одбор; учеството на Виенскиот економски форум; престојната посета на бизнис-делегација на Србија со претседателот Пендаровски; средбата на македонските и на чешките текстилни компании; одличното предавање на проф. Андрески од Универзитетот „Квинс“ во Канада; посетата на британската амбасадорка на Комората; тековните активности околу буџетот; дуалното образование, даночниот систем, престојната средба со министерот за земјоделство и преку стоте реализирани посети на компании-членки на СКМ се потврда за кулминацијата на нашите активности. Сакам да ја охрабрам нашата оперативна директорка да го заокружи процесот на посета на сите таргетирани компании и однапред да ѝ честитам за огромната активност во овој период.

Ова е период во кој се програмираат и политиките за наредната година. За нас тие се особено значајни во делот на буџетските предвидувања, особено на капиталните инвестиции, но и проекциите за даночната и за царинската регулатива, кои го создаваат амбиентот за предвидливост во работењето на нашите компании. Мора да кажам дека прогнозите што доаѓаат од Германија не се најповолни за нас, со оглед на структурата на нашиот БДП. Ништо подобри не се ни прогнозите од земјите на ЦЕФТА и затоа очекувам веќе во наредниот месец општа мобилизација на сите чинители на економски политики за излегување во пресрет на најавените проблеми. Единствено ме охрабрува фактот дека веќе постојат сериозни искуства од кризата во 2008 г. и се надевам дека тие ќе бидат доволни да не направиме грешки што можат да нѐ чинат.

Во однос на овие прогнози, како мала играчка се проблемите што можат да ги донесат нашите избори. Затоа чувствувам потреба да го најавам нашето најсилно оружје, а тоа е упорноста, и по стотипат да ги повторам нашите ставови дека е многу значајно за бизнисот престојните избори да не нѐ оптоваруваат, да бидат стопостотно фер и демократски и да завршат што побрзо. Некој можеби ќе рече дека сме досадни што повторуваме едно исто, но стварноста нѐ демантира и затоа сме толку чувствителни. Секогаш се прашуваме дали ние можеме да придонесеме за напредок во тој правец. Мојот одговор е „да“ без оглед на најавите да се однесуваме крајно одговорно и професионално во своето работење, да направиме општа мобилизација кон стратегиските цели, како што се обезбедување кадар за стопанството врз основа на неговите потреби, навремено да преземеме мерки за можните несакани последици и да ја одржуваме кондицијата на производството и на извозот на максимално високо ниво. Тоа ќе е и во интерес на самите компании и во интерес на државата.

Неколку кратки оцени за клучните активности во изминатиот период:

1.            Имавме квалитетна расправа за промена на Статутот, што мислам дека ќе финишира со најдоброто можно решение, кое ќе отвори правна рамка за развој на институцијата во наредните 10 години. Управниот одбор прифати голем број забелешки од расправата и со тоа покажа дека внатрешната дебата е значаен чинител во градењето на развојните политики.

2.            Нашето вклучување во активностите на „Македонија 2025“ ги даде очекуваните резултати, за нас многу значајни, бидејќи со потпишувањето на Меморандумот ние се приклучивме со последната значајна алка на бизнисот која недостигаше. Ние ја имаме најсилната мрежа на домашни, странски и на компании на нашите граѓани во странство и тоа прави да бидеме најмоќната бизнис-организација на доброволна основа на Балканот, но создава и огромна одговорност. Од друга страна, „Македонија 2025“ го доби најсилниот бизнис-агрегат во државата, кој беше неопходен за да може да се реализираат нивните зацртани активности. Го исфрливме терминот „дијаспора“, но ги исфрливме и термините што прават разлика меѓу бизнисот и компаниите и се договоривме за неколку активности што ќе бидат реализирани во наредната година. За мене најзначајна е иницијативата за органзиран настап на македонските компании на американскиот пазар, што треба да биде централна точка и за што имаме позитивни примери – пред сѐ, остварениот извозен скок на нашата членка „Алкалоид“ Скопје. Зоран Јовановски ги заслужува сите пофалби за својата упорност да се вклучиме во заедничките активности со „Македонија 2025“. 

П.С. 1 Од разговорите со менаџментот на една од најмоќните компании во светот, која вработува преку 177.000 луѓе и која има вкупен приход од околу 43 милијарди долари, можам да кажам само дека постои вистинска подготвеност за нејзино инвестирање во Македонија и дека е тоа одлучен чекор и патоказ дека сѐ уште сме атрактивни за големи странски вложувања, а веројатно и предвидливо безбедни за толку значајни инвестиции.

П.С. 2 Иако се наоѓаме среде вакви активности, ние успеавме да го опремиме четвртиот кат како пристојно место за нашето и за работењето на компаниите. Петтиот кат е во добра кондиција и ги повикувам службите, во текот на наредниот период, да го направат истото и со другите наши простории. Комората мора да биде место во кое претставниците на нашите членки ќе се чувствуваат пријатно и удобно, исто како во своите матични компании, и тоа не е и не може да биде занемарено од наша страна и да биде поттурнато од зголемениот број настани.