ПРАВНА ИЗВЕСНОСТ ВО ГРАДЕЖНИШТВОТО – МИТ ИЛИ РЕАЛНОСТ?

   

👁 Прочитано: 1583


ПРАВНА ИЗВЕСНОСТ ВО ГРАДЕЖНИШТВОТО – МИТ ИЛИ РЕАЛНОСТ?

Правната извесност e императив за стабилни и поволни бизнис услови. Применлива и конзистентна правна регулатива која ќе претставува основа за градење на институционалниот систем и административен апарат кој ќе биде креатор на политики и амбиент кои овозможуваат деловна извесност се предуслов за остварување континуиран економски раст и поголема инвестициска активност на приватниот сектор.

Градежништвото, како еден од секторите-двигатели на македонската економија, сé уште нема национална стратегија за развој како стратешки документ со кој би се утврдиле моменталните состојби, би се согледале потенцијалите за развој и би се дефинирале приоритетите во насока на соодветно планирање на просторот, зголемување и реализирање на капацитетите на градежното земјиште во државата. Правната рамка е обемна и сочинета од голем број закони, подзаконски акти и подложна на чести измени и дополнувања. Националната стратегија проследена со јасна и конзистентна правна рамка треба да претставува почетна основа за градење на стабилен и одржлив градежен сектор.

 

Каква е реалноста?

ПРАВНА ИЗВЕСНОСТ ВО ГРАДЕЖНИШТВОТО – МИТ ИЛИ РЕАЛНОСТ?Законот за градење со последните измени во почетокот на оваа година надмина триесет измени и дополнувања со што претставува еден од најчесто менуваните законски прописи во државата. Градежните компании укажуваат дека брзите и чести измени, неретко спроведени без консултации со бизнис-заедницата отвораат можност за различно толкување и недоследности во примената на законските одредби, како и одолговлекување на постапките за добивање на потребната документација во процесот на градење, што во одредени случаи негативно се одразува врз одлуките за инвестирање. Проблем претставува и нормирањето на „инцидентните“ исклучоци со цел одбегнување на непрописно постапување во практиката, со што се обременува законскиот текст кој и натаму останува „мртво слово на хартија“ за нелојалната конкуренција. Според градежните компании, наместо на нормирањето, акцентот треба да биде ставен на примената на Законот за градење и делувањето на надлежните органи во насока на обезбедување на фер и рамноправен третман на сите учесници на пазарот и спречување на „сивата“ економија. Законот за градење наместо да го ограничува работењето, треба да остави простор и перспективи за развој на деловните субјекти, притоа имајќи оптимален број одредби чија доследна примена ќе овозможи континуиран и одржлив раст на градежниот сектор.

Законот за урбанистичко планирање по повеќемесечна дебата и консултации со засегнатите страни, овој месец едногласно беше донесен во Собранието. Бизнис-заедницата континуирано го нагласува значењето на овој Закон, дека истиот треба да претставува „устав“ на градежништвото и дека треба да биде темелен и системски пропис со кој ќе се усогласат другите закони од оваа област. Експертите од областа на планирањето со децениско искуство, при подготовката на текстот на законот дадоа свој придонес истакнувајќи ја потребата за додефинирање на одредени постулати кои претставуваат спој на претходниот и новиот Закон со цел да се обезбеди континуитет во нивната примена, започнатите постапки и активности за донесување и спроведување на планските документации и стекнатите права на досегашните учесници. Законот за урбанистичко планирање ќе започне да се применува 120 дена по неговото влегување во сила. Примената ќе покаже во која мера се исполнети посакуваните цели. Дотогаш акцентот се очекува да биде ставен на подготовката и донесувањето на подзаконските акти како клучен сегмент за успешна и доследна имплементација на овој Закон, за што бизнис-заедницата е подготвена активно да се вклучи и да даде конструктивен придонес во процесот.

Законот за градежни производи претставува современ пропис кој обезбедува подигнување на квалитетот на градежните материјали и производи. Овој Закон, меѓу другото, ги уредува условите за пуштање на градежните производи на пазар од хармонизирано и нехармонизирано подрачје, обврските на економските оператори, основањето и работењето на сертификационите тела, надзорот и контролата на пазарот. Сепак, потребни се дополнителни заложби за да се обезбеди негова доследна имплементација од страна на засегнатите страни во практиката. Доследната имплементација на Законот за градежни производи подразбира и подготовка и донесување на потребните подзаконски акти, како и донесување и усвојување на стандардите од областа на градежништвото со цел заокружување на правната регулатива од областа на градежните производи и следење на чекорот со развиените европски земји.

Посочените закони се само дел од клучните закони преку кои може да се согледаат реалните состојби во градежништвото и мал сегмент од морето законски и подзаконски градежни прописи во кои тешко „пливаат“ и најдобрите правници. Ова само уште повеќе ја потврдува горе наведената теза дека час поскоро е потребно преку национално стратешко дефинирање на градежниот сектор да се работи на креирање оптимални градежни прописи кои навистина би ги оствариле ефектите и посакуваните цели при нивната примена.