1066 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
28.01.2019
АВСТРИСКИ ИСКУСТВА ВО ОБЛАСТА НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА И ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА НА ЕКОНОМИИТЕ НА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН


-Стопанските комори од регионот на Западен Балкан, преку Меморандумот за соработка, кој е потпишан помеѓу Коморскиот инвестициски форум, Австриската федерална стопанска комора и Австриското федерално министерство за Европа, интеграции и надворешни работи, кое ја координира работата на Австриската агенција за развој (АДА), ќе добиваат австриска поддршка во три клучни области - дигитализација, образование во областа на дигитализацијата и бизнис интегритет, -  посочи д-р Татјана Штерјова на прес-конференцијата на Стопанската комора на Македонија (28.01.2019 година).

Прес конференција

Една од основните цели поради која е основан Коморскиот инвестициски форум е да се обезбеди креирање на подобро деловно опкружување во регионот на Западен Балкан, со фокус на инвестициите, трговската размена, слободното движење на стоки и услуги и дигиталната трансформација низ целиот регион. Како инструмент креиран во рамките на Берлинскиот процес, Коморскиот инвестициски форум има за цел да ја поттикне економската соработка, која ќе овозможи да се максимизираат придобивките од размената на знаења и искуства помеѓу земјите од Западен Балкан, на нивниот заеднички пат кон пристапување во Европската унија. Овие активности треба да овозможат непречен проток на стоки, услуги, капитал и висококвалификувана работна сила, со што регионот ќе стане поатрактивен за инвестиции и трговија.

Коморскиот инвестициски форум, како асоцијација која претставува пазар од повеќе од 18 милиони жители и деловен сектор од повеќе од 350.000 компании, е основан во 2015 година. Фокусот на активностите на Коморскиот инвестициски форум вклучува зајакната соработка помеѓу шесте партнери (Стопанската комора на Македонија, заедно со Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија, Надворешно-трговската комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово), во однос на прашањата на регионалната економска соработка, промовирање на понатамошна трговска интеграција, воведување динамичен регионален инвестициски простор, олеснување на регионалната мобилност и креирање на агенда за дигитална интеграција.

Прашањето за дигиталната интеграција, кое вклучува имплементација на активностите во рамките на дигиталната агенда од повеќегодишниот акциски план за регионалната економска област, ќе биде полето во кое шесте комори од регионот на Западен Балкан ќе добијат поддршка од австриските партнери – Австриската федерална стопанска комора и Австриската агенција за развој, кои се водечки пример во регионот и лидери во постигнатиот развој во областа на дигитализацијата и дуалното образование.

- Примената на современите и иновативни технолошки решенија, засновани на информатичката технологија, денес се еден од основните инструменти за подигнување на конкурентноста, продуктивност и ефикасноста на економијата во целина. Прашањата кои се од примарно значење за компаниите при спроведувањето на процесот на дигиталната трансформација се, од една страна, за овој процес да биде обезбедено поволно деловно опкружување и да биде регулирана соодветна правна рамка, и од друга страна, да биде обезбедено практично знаење и совети како компаниите можат да го започнат процесот на трансформација и успешно да ги имплементираат дигиталните решенија во своето работење. Ова се прашања кои се релевантни за сите компании, без оглед на големината и дејноста во која истите работат, - посочи д-р Штерјова.

За да им се обезбеди помош и поддршка на компаниите во спроведувањето на тој процес, со австриска поддршка, ќе бидат спроведувани обуки за сертифицирање на консултанти за дигитална трансформација. Консултантите ќе поминат низ обука во согласност со стандардот ИСО 17024, а по спроведувањето на обуката и полагањето на испитот, лицата кои ќе се стекнат со сертификат за консалтинг за дигитализација ќе бидат директно вклучени во спроведување на процесот на дигитална трансформација на компаниите. Имено, сертифицираните консултанти ќе треба да организираат работилници со заинтересираните компании, на кои ќе биде развиена дигитална мапа за трансформација на компанијата, по што компанијата во соработка со консултантот ќе треба да дефинира и да имплементира активности за дигитализација на работењето на компанијата.

Вториот аспект од соработката која се воспоставува ќе биде на полето на образованието, каде коморите од регионот на Западен Балкан ќе имаат прилика да ги преземат искуствата и добрите практики од Австриската комора, како една од трите земји - лидери во успешното спроведување на дуалното образование. Во рамките на заедничкиот проект, фокусот ќе биде ставен на едукација и тренинг во областа на дигитализацијата, така што ќе се работи на креирање и акредитација на работни профили во областа на дигитализацијата и подготовка на алатки за дигитално учење, кои ќе бидат приспособени на потребите на компаниите, со посебен фокус на вклучувањето на практичната работа во процесот на учење. Истовремено, ќе се работи на развој на виртуелна регионална тренинг академија, која ќе нуди дигитализирани модуларни тренинзи, согласно потребите на пазарот.

Паралелно со овие активности, ќе се имплементираат активности за зајакнување на бизнис интегритетот на компаниите од Западен Балкан, преку промовирање на чесни деловни практики и спречување на корупцијата.

Австриските искуства во овие три клучни области треба да придонесат за унапредување на конкурентноста и продуктивноста на економиите на земјите од Западен Балкан.

д-р Татјана Штерјова

АВСТРИСКИ ИСКУСТВА ВО ОБЛАСТА НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА И ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА НА ЕКОНОМИИТЕ НА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН