1066 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
10.12.2018
СООДВЕТНО ПЛАНИРАНИ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ, ЗА ДОЛГОРОЧЕН РАСТ НА ЕКОНОМИЈАТА


Градежништвото како сектор – двигател на македонската економија од којшто зависат околу дваесетина други стопански гранки, во изминатите години го даваше импулсот за остварување на растот на домашната економија. Меѓутоа, намалената активност на градежните компании во 2017 година доведе до пад на учеството на градежниот сектор во бруто домашниот производ (БДП) за 17,3 %. Ваквиот тренд со уште позасилено темпо продолжи и во првото тримесечје од 2018 година, кога споредено со истиот период лани, учеството на градежништвото во БДП забележа пад од 37,2%. Воедно и во самата структура на бруто-домашниот производ, градежништвото во 2017 година (учество од 6,17% во БДП) е намалено за 1,23 процентни поени во однос на 2016 година (учество од 7,45% во БДП), додека за првиот квартал на 2018 година наспроти истиот период лани намалувањето изнесува 2,25 процентни поени. Очекувано, забавеното темпо на градежништвото се одрази и врз вкупно остварениот бруто-домашен производ (БДП) на државата кој за првото тримесечје на 2018 година забележа раст од само 0,1%.

Падот најмногу се почувствува во делот на нискоградбата, каде изведените градежни работи во првиот квартал од 2018 година, во однос на истиот период лани бележат намалување од 68,4 %. Во овој период забележано е намалување и на бројот на издадени одобренија за градење за 40,3%, додека во однос на предвидената вредност на објектите намалувањето изнесува 82,42 %.

Негативните показатели во најголем дел се должат на застојот во реализацијата на капиталните проекти, пред сé на изградбата на патните делници Кичево – Охрид, експресниот пат Градско – Прилеп и гасоводната линија Неготино – Битола во кои се ангажирани голем дел од градежните компании. Запирањето на проектите доведе и до ниско ниво на реализација на капиталните инвестиции предвидени во државниот буџет, при што реализацијата за првите четири месеци изнесува само 11 % од предвиденото. Дополнително, причина за падот во нискоградбата и ниското ниво на реализација, беа и лошите временски услови, кои резултираа со нецелосна искористеност на потенцијалот на градежните компании и мал број на остварени работни часови, особено во Источниот регион.

Паралелно, активно се работи на реконструкцијата на патот Кочани – Делчево, како и на изградбата на патиштата, Демир Капија – Неготино, Свети Николе - Штип, Штип – Радовиш и Ранковце – Крива Паланка. Овие градежни активности, но и најавите за деблокирање на застоите за изградба на големите инфраструктурни проекти автопатот Кичево – Охрид и експресниот пат Градско – Прилеп, навестуваат дека може да се очекуваат подобри резултати во идниот период, бидејќи сите заедно повлекуваат сериозен ангажман на градежната оператива. Изградбата на транспортната инфраструктура која е од меѓународно значење, ќе ги придвижи во позитивна насока и другите сектори, на начин што ќе го олесни транспортот на стоки и услуги и поврзувањето на нашата држава со земјите од регионот и Европа.

Искуството, покажува дека без големи и соодветно планирани инфраструктурни проекти неможе да се креира долгорочен тренд на раст на економијата. Во спротивно, секое остранување на пропустите направени при проектирањето, ќе значи дополнително трошење на време и финансиски средства, кои неминовно се одразуваат врз градежниот сектор и економијата во целост.

М-р Нена Николовска
Стопанска комора на Македонија

СООДВЕТНО ПЛАНИРАНИ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ, ЗА ДОЛГОРОЧЕН РАСТ НА ЕКОНОМИЈАТА