Хакатон “Hack the Crisis”- Естонија има нови идеи за решавање на пандемијата
➢ Актуелно (03.08.2020)
👁 Прочитано: 938



Хакатон “Hack the Crisis”- Естонија има нови идеи за решавање на пандемијата
  • Естонија започна Хакатон во март годинава, за да генерира идеи за решавање на пандемијата,
  • Беше организиран глобален настан, привлекувајќи учесници од 20 држави,
  • Естонија е една од најпознатите дигитално најнапредни земји во светот


Естонија, нација со само 1,3 милиони жители и признат лидер во дигиталната економија, одржа тридневен хакатон во кој преку 1.000 програмери се пријавија со решенија за решавање на негативните ефекти од пандемијата на коронавирус.
Хакатонот со наслов „Хакирај ја кризата“ започна во март, само неколку часа откако земјата прогласи вонредна состојба и ги затвори своите граници. Виртуелниот настан привлече големо внимание со учество на претставници од 20 земји во 14 временски зони.
Најдобрите пет проекти добиле награда од 5.700 долари кои треба да им помогнат на креаторите да ги реализираат идеите. Некои од проектите веќе се реализираат.

Помеѓу победниците има апликации од различни сектори со многу нови идеи меѓу кои апликација со која компаниите може да споделуваат работници наместо да ги отпуштаат поради пандемијата. 

Претседателот на Естонија, Керсти Каjулаид, рече дека хакатонот го отелотворува духот на Естонците кои сакаат да останат мирни и да ги решаваат проблемите со ум. „Ова е оригинален пример на иницијатива што ги наведува луѓето да бараат решенија за предизвиците со кои се соочуваме“, рече таа. Нејзината земја е едно од најнапредните дигитални општества, рангирана во првите три нации за развој на е-влада во неодамнешното истражување на Обединетите нации. Скоро сите државни услуги се онлајн и повеќе од една третина од Естонците користат дигитална идентификација за пристап до јавните услуги. Светскиот економски форум во својот извештај „Скриени претприемачи“, ја прогласи Естонија за најпретприемачка земја во Европа, во кој се вели дека претприемништвото е клучен двигател на Четвртата индустриска револуција.

Во Естонија има над една илјада технолошки старт-ап компании и четири „еднорози“-стартапи вредни над 1 милијарда долари. За време на парламентарните избори во 2019-та година, 43,8% од гласачите гласале по електронски пат.
Во Естонија може да се основа фирма на интернет во рок од 18 минути, да се управува со фирмата и да се поднесува годишен финансиски извештај преку интернет. Во Естонија исто така постојат и многу други дигитални услуги, како што се е-даноците, е-рецептите во здравството.....

Стопанската комора на Македонија на неколку наврати има одржано средби со стопанственици од Естонија каде заклучоците секогаш биле дека нашата земја треба да ги искористи искуствата на Естонија за да го подигне нивото на дигитализација, но и да научи од оваа мала економија како се повлекуваат средства од европските фондови.


(Хакатон претставува повеќечасовен настан посветен на кодирање и тимско создавање на софтверско или хардверско решение. Неговата главна цел е споделување на знаење и искуство, создавање на нови вештини и поврзување со професионалци. Преку хакатонот, се зајакнуваат врските во заедницата, активно се вклучува во решавање на предизвиците, а на самите учесници им се нуди и прилика да научат нешто ново, да запознаат нови луѓе и да го зајакнат своето искуство. Неговиот назив доаѓа од зборовите хакирање и маратон. На хакатоните се пријавуваат луѓе кои имаат задача да решат конкретен проблем или предизвик).

 

Служба за информирање при Комората