СИГНАЛИ ЗА КРЕАТОРИТЕ НА ДАНОЧНАТА ПОЛИТИКА

   

👁 Прочитано: 417


СИГНАЛИ ЗА КРЕАТОРИТЕ НА ДАНОЧНАТА ПОЛИТИКА
Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Државата е овластена да воведува, утврдува и наплатува даноци, како израз и атрибут на сопствениот државен суверенитет и при тоа за платените даноци таа не нуди конкретно добро, односно услуга. Даноците не се цени на добра односно услуги, туку обврската за нивно плаќање настанува само поради припадноста кон одредена држава. Така, должност на секој граѓанин е да придонесува со своите средства за извршување на функциите на државата, сразмерно на неговите способности.

Бидејќи, даночниот обврзник не добива конкретно добро, односно услуга за данокот кој го плаќа, често кај него се јавува субјективно чувство на жртва. Затоа, во најголем број случаи кога даночниот обврзник е погоден од одреден данок тој ќе настојува да го намали даночниот товар или да го пренесе врз друг.

Оттаму, извесно е дека уште во фазата на најавување на некоја нова даночна мерка, потенцијалните обврзници (физички и правни лица кои веројатно ќе бидат афектирани од неа) преземаат еден вид превентивни дејства настојувајќи да ја одбегнат новата даночна обврска или барем да ја сведат на најмала можна мера. Тие ќе се трудат да го елиминираат или минимизираат предметот на оданочувањето (приходот, доходот, имотот или потрошувачката).

На пример, ако се најави зголемување на даночната стапка со која се оданочуваат дивидендите и друг доход остварен со учество во добивката, компанијата може да го зголеми износот на задржана добивка, а да го намали износот наменет за дивиденди или да пристапи кон исплата на дивиденди пред стапувањето на сила на повисоката даночна стапка. Исто така, ако се воведе повисока стапка на данок на добивка или персонален данок на доход може да дојде до селење на капиталот во држави кои применуваат поблаго оданочување на профитот, односно доходот.

Токму претходните два примери ги видовме во реалноста кај нас по најавата, а потоа и по извршеното зголемување на стапките на данокот на доход од дивидендите и друг доход остварен со учество во добивката од 10% на 15% и воведување на прогресијата и оданочувањето по стапка од 18% на доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи.

Имено, на крајот на 2018 година, во декември приходите од капитални добивки кои изнесуваат 1.031 милиони денари се речиси пет пати поголеми во споредба со истиот месец претходната година кога изнесувале 215 милиони денари, што првенствено се должи на најавата за поголем данок и зголемена исплата на дивиденди, со цел истите да бидат оданочени по пониска стапка. Потврда за вториот случај го наоѓаме во анализата на Министерството за финансии во која  се утврдува дека во првите шест месеци од 2019 година средствата кои Буџетот можел да ги има, но не ги добил, поради промената во однесувањето на даночните обврзници како резултат на воведената прогресивна стапка кај персоналниот данок на доход се во износ од 6,5 милиони евра, што значи дека обврзниците своите доходи ги префрлиле во други даночни системи или на други лица чии доходи се под прагот за прогресивното оданочување.

Двата примери посочуваат дека кога даночниот обврзник е погоден од одреден данок тој ќе настојува да го намали даночниот товар или да го пренесе врз друг, ефект на оданочувањето познат како сигнално дејство или ефект на супституција. Оваа претпоставка креаторите на даночната политика секогаш мора да ја имаат предвид кога дефинираат одредени мерки и во конкретниот случај добро е што Министерството за финансии ги прочита сигналите, но уште подобро ќе беше ако истите беа антиципирани.

Во посочената анализа покрај одложувањето до 1 јануари 2023 година на прогресивната стапка и ставање во мирување примената на стапката од 15% на доходот од капитал, се истакнува и ставот дека прогресивен данок на личен доход може да даде добри општествено-економски ефекти и поправедно и поразвиено општество.  

При тоа, во меѓувреме се најавуваат идни чекори и нов „оптимален дизајн“, на системот на оданочување на доходот, „во чиј центар е домаќинството“. Се најавува дека индивидуата ќе остане даночен обврзник, но дека ќе има потенцијални олеснувања за одредени карактеристики на домаќинството и дека ќе се дефинираат повеќе стапки.

Во врска со претходното, потребно е да се истакне дека покрај прогресијата (бидејќи прогресивната стапка од 18% по 2023 ќе биде во сила) ова значи и воведување на дополнителна индиректна прогресија, односно во практиката значи некаква комбинирана двојна прогресија (комбинација од директна и индиректна). Индиректната прогресија е начин на прогресивно оданочување без примена на прогресивни даночни стапки. По дефиниција, кај индиректната прогресија даночната стапка е пропорционална, а ефектот на прогресија се постигнува преку намалувањето на доходот на обврзникот, во постапка на утврдување на даночната основица. Со други зборови, ако законската стапка е пропорционална, ефективните стапки се прогресивни.

Наредните чекори кои се најавуваат би значеле делумно враќање на еден претходен даночен систем. Имено, во македонскиот даночен систем пред даночната реформа од 1993 година фигурираа голем број на хетерогени даночни олеснувања и ослободувања, кои од една страна водеа кон преголемо администрирање, а од друга, создаваа комплексен и нетранспарентен систем. Трошоците сврзани со сложените пресметки често не кореспондираа со позитивните ефекти од мерките. Затоа,  беше извршено значително редуцирање на бројот на даночните поттикнувања, кои го оптоваруваат даночниот инструментариум со множество цели и ја усложнуваа постапката на утврдување и наплата.

Значи, во понатамошниот тек од реформирањето на системот на оданочување со персонален данок на доход треба да се има предвид ова искуството од минатото, како и искуствата од другите држави кои укажуваат дека оние кои имаат високи даночни стапки, си дозволуваат поголем број на различни даночни олеснувања и ослободувања, а кај оние со пониските стапки истите се ограничени. Дополнително, неопходно е да се цени и подготвеноста на даночната администрација за истото.

За успешна даночна реформа сигналите од даночните обврзници треба да се претпоставаат, а нивното субјективно чувство на жртва на да се сведе на минимум.