„СОПСТВЕН БРЕНДИРАН ПРОИЗВОД“ – ЗА УСПЕХ ВО ТЕКСТИЛНАТА ИНДУСТРИЈА

   

👁 Прочитано: 286


„СОПСТВЕН БРЕНДИРАН ПРОИЗВОД“ – ЗА УСПЕХ ВО ТЕКСТИЛНАТА ИНДУСТРИЈА

Стопанската комора на Македонија продолжува со посета на компании и за таа цел, беше остварена посета на компании од текстилниот сектор во Штип, за подетално и посеопфатно согледување на интересите и потребите на членките  во наредниот период.

Модната куќа „Астибо Бејзик“ е успешен фамилијарен бизнис, кој се базира не само на 30 годишното искуство во полето на текстилната индустрија на фамилијата Саневи каде поминувајќи низ неколку фази на развој, Астибо Бејзик денес е добро основана средна компанија во околу 100 вработени. Компанијата е единствената текстилна компанија специјализирана за производство на тешки и полу-тешки производни програми.

При посетата беше остварена работна средба со сопственикот Александар Санев кој истакна дека покрај лон производството кое е минимално, компанијата има и сопствена модна линија каде производите  се направени по единствен и исклучително квалитетен дизајн. Именувани по препознатливиот бренд „АСТИБО“ – трговска марка заштитена на интернационално ниво од Женевската Конвенција. Најголем дел од производите на Астибо Бејзик се пласираат на домашниот пазар, но и на пазарите на поранешните Југословенски републики: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и од неодамна Србија, Црна Гора и Австралија.

Развојната стратегија на модната куќа Беас-с цели на константно освојување на пазарот со соработка со агенти кои ја претставуваат АСТИБО БЕЈЗИК во Русија, Белорусија, Украина и Германија. За да го постигнеме сето ова, беше имплементирана технолошка иновација како CAD/CAM, вработуваме високо-квалитетни, квалификувани експерти и консултанти во полето на текстилната индустрија со цел да ги постигнеме ISO стандардите како трајна цел на бизнис стратегијата. Бидејќи се работи за една од ретките компанија со класично производство, неопходно е помош од страна на државните институции во издвојување на финансиски средства во делот на промоција и промотивен материјал за пезентирање на сопствениот брендиран производ -  потенцираше гдин Санев.

Традицијата на ЕАМ конфекција започнува уште од далечната 1936 година, прво како занаетчиски дуќан на фамилијата Патриклиски, а подоцна во 90 тите години и како компанија која се занимава со  производство на трикотажен материјал и готови трикотажни производи: плетење, фарбање, шиење, печатење, везење. Претставникот на компанијата истакна дека денес имаат околу 150 вработени каде за кои секоја година издвојува средства за едукација на вработените, усовршување и унапредување на производствената технологија, се` со цел на клиентот да му се овозможи високо ниво на услуга. Процесот на производство е под постојана контрола и тоа почнувајќи од првиот чекор од производството на предиво, преку плетење,фарбање и шиење и преку останатите производни процеси, се` до комплетирање на готовиот производ.

Компанијата располагаше и со сопствено производство на памук, засадено на 90 хектари кое беше наменето за производниот процес, а денес количините на памук ги набавува од Индија и Кина. Компанијата располага и со две сопсвени конфекции за производсво во Кавадарци и Виница, каде своите производи ги извезуваат во повеќе европски земји,  пред се Германија, Швајцарија, Холандија, Белгија.

На крајот остваривме посета и на успешната и долгогодишна членка на Комората компанијата „Фeрмактекс“  која како германска странска инвестиција започна со работа во 2006 година, а свои дисперзирани погони за производство под истиот германски бренд има и во Бугарија и Чешка.

Управителката на компанијата Ленче Димитрова потенцираше дека имаат 153 вработени со годишен обрт од 5-6 милиони евра. Најголем дел од материјалот за производство го увезуваат од Турција и азиските земји, и како брендиран производ го извезуваат за нивната компанија во Германија. Во разговорот беа отворени низа на прашања кои ја оптоваруваат работата на оваа дејност, како недостигот на стручна работна сила кој се провлекува со години наназад и малата продуктивност во производство, како и зголемувањето на минималната плата која по автоматизам мора да доведе до зголемување на платите и на подобрите работници.

Она на што многу реагираат пред се компаниите со странски капитал т.е странските сопственици е  непредвидливиот деловен амбиент во работењето како  и честото менување на законските и подзаконските акти кои дефинитивно ги оптеретуваат и им прават дополнителни  проблеми во  тековното работење.

Сашо Деспотоски