ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
13.09.2019 👁 Прочитано: 567

ПАНЕЛ ДИСКУСИИ И ИЗЛАГАЊА НА БАЛКАНСКИОТ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ


 Во работниот дел од Балканскиот претприемачки самит, беа реализирани повеќе панел дискусии и излагања на докажани претприемачи од повеќе делови на светот, кои преку своите искуства говореа за новите трендови во претприемништвото и предизвиците како да се постигнат посакуваните резултати во работењето.

Васил Наци основач и сопственик на „Агна Груп“, акционер во повеќе албански компании од различни дејности ја сподели својата бизнис филозофија која меѓу другото вклучува и Академија за лидерство, специјално дизајнирана програма за вработените во „Агна“. Наци смета дека успешна компанија потребно е да има систем кој ќе осигура дека вработените се мотивирани, бидејќи таквите вработени даваат најдобри резултати за компанијата, а вработените всушност, се лицето на компанијата.

Секојдневно се соочуваме со стрес, но стресот е дел од работата и треба да научиме како да се носиме со него. Не може да се класифицираме за лидери ако постојано не вложуваме во себе, не се подобруваме и не си дадеме ветување дека ќе бидеме најдобри во она што го правиме. Лидерството се поистоветува со влијание, а влијанието се стекнува со креирање доверба, потенцираше Наци.

Еван Лутра, уште еден од говорниците на Самитот, пред присутните објасни дека од 12 години, користејќи ги компјутерите на татко му започнал да создава мобилни апликации, во времето кога мобилните апликации сеуште не биле во подем. Многу е битно да знаете што сакате и да го насочите Вашиот потенцијал кон правење на најдоброто што го знаете, вели Лутра. Кога бев 17 години Google дојде во Индија и на серијата настани кои ги организираа бев поканет од нивна страна и имав прилика да говорам пред 50.000 луѓе и тој настан беше добар старт кон кариера која ме донесе пред многу лица, компании и медиуми. Медиумите се многу моќна алатка, сега не го купувате она што Ви се рекламира на билбордите туку она што е популарно на социјалните медиуми.

Тој порача: Правете концепти, иновирајте и завршете ги работите! Вели дека најчесто учи од своите грешки и неуспеси, бидејќи тие се одлични лекции кои не насочуваат кои грешки да не ги повторуваме.Таков пример е лансирањето на апликација на платформата на Apple, за следење на резултатите од ICC Cricket, знаејќи дека тимот на Apple во јануари користи годишни одмори, лансирањето на апликацијата во декември овозможи истата да биде најсимнувана апликација кај корисниците во Индија, Шри Ланка и Пакистан, ова е вистински доказ дека од претходните неуспеси може многу да се учи.

Постојат многу трикови за растењето на еден бизнис, мора да се размислува рационално, како да се максимизира ефектот при минимални инвестиции, притоа користење на мислењето на корисниците и нивните препораки можат да донесат многу нови корисници и пазари. Тоа му се случи на Uber кој за секоја препорака подарува купон од 5 САД долари и на тој начин креира лојални корисници, заклучи Лутра.

Акаш Мехта, глобален менаџер за дигитален маркетинг на светски познатиот бренд „Диор“ се фокусираше на улогата на тренд-сетерството (trendsetter) во продажбата и маркетирањето на брендови преку социјалните медиуми, вклучително и брендирање на личности како претприемачи (инфлуенсери). Според статистиката која тој ја има направено, секоја личност просечно го проверува телефонот на секои 12 минути и има над 7 апликации во телефонот. За да разбереме како брендот може да функционира подобро, тој вели дека 37% од потрошувачите ги користеле социјалните медиуми пред да се одлучат да купат производ, а 42% од компаниите користат стратегии на влијаење преку инфлуенсери. Изборот на кредибилен инфлуенсер вклучува и анализа на нивното порфолио, следбеници и нивната локација, квантитетот и квалитетот на коментарите кои ги добиваат на објавите.

На Балканскиот претприемачки самит, се разговараше и за „Трендовите на финансирање за 2020 година“. Извршниот директор на НЛБ Банка АД Скопје, Антонио Аргир, во улога на панелист вели дека банкарскиот сектор во Македонија покажа огромна стабилност, пребродувајќи ги успешно сите кризи како сектор, но истовремено учејќи и прилагодувајќи се на новите трендови. Аргир посочи дека банкарскиот сектор е отворен за соработка со стартапите и е спремен да ги поддржи сите добри бизнис идеи.

НЛБ Банка, вели директорот е вклучена и во проекти за обезбедување кредитни линии преку МБПР кои поддржуваат женско претприемништво и стартапи, како банка имаат обезбедено едукација за бизнисите со што 40% од проектите се веќе финансирани без хипотека, што досега за многу бизниси претставувало пречка. Тоа е така бидејќи банката го разбира бизнис моделот на своите потенцијални клиенти.

Фокус на Самитот беше ставен и на справувањето со предизвици од недостаток на работна сила, клучно прашање за успешност на секоја претприемачка идеа, како и за очекувањата во следниот период во најголемите индустрии.

Инаку ова е прв Самит од ваков вид кој има за цел да ги обедини претприемачите во насока на интензивирање на регионалната соработката, преку користење на искуствата од светските брендови од една страна, но и успешните приказни од соседството, за кои допрва ќе се говори во светот. Во првиот дел настанот го поздравија највисоките претставници од Владата и подржувачите, Стопанската комора на Македонија и Амбасадата на Швајцарија во земјата. (линк до прв дел од самитот)

Михајло Донев
Даниела Михајловска Василевска

ПАНЕЛ ДИСКУСИИ И ИЗЛАГАЊА НА БАЛКАНСКИОТ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
ПАНЕЛ ДИСКУСИИ И ИЗЛАГАЊА НА БАЛКАНСКИОТ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
ПАНЕЛ ДИСКУСИИ И ИЗЛАГАЊА НА БАЛКАНСКИОТ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
ПАНЕЛ ДИСКУСИИ И ИЗЛАГАЊА НА БАЛКАНСКИОТ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
ПАНЕЛ ДИСКУСИИ И ИЗЛАГАЊА НА БАЛКАНСКИОТ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
ПАНЕЛ ДИСКУСИИ И ИЗЛАГАЊА НА БАЛКАНСКИОТ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ