Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ДАНОЦИ И ЦАРИНИ
09.10.2019 👁 Прочитано: 426

ЕДНАКОВ ДАНОЧЕН ТРЕТМАН ЗА СИТЕ НЕПРОФИТНИ ОРГАНИЗАЦИИ


Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Согласно Законот за здруженија и фондации („Службен весник на РМ“ бр. 52/10,135/11 и 55/16) правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон.

Овие организации имаат правен субјективитет и не можат да се основаат за стекнување со добивка, односно ако во работењето на организациите се оствари добивка таа мора да биде употребена за остварување на целите утврдени со статутот. Организациите средствата за финансирање ги стекнуваат од членарина, основачки влогови, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, дејности со кои се стекнува добивка, кирии и закупнини, како и приходи од инвестиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со закон и со статутот.

Согласно Законот за стопанските комори („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/2011), комората е независна и самостојна организација со својство на правно лице која се основа за унапредување на стручните и деловни обичаи и норми, како и за застапување и заштита на интересите на стопанските субјекти на територијата на Република Македонија.  Комората е непрофитна организација, а доколку оствари добивка по кој било основ, таа мора да биде употребена исклучиво за поддржување и остварување на целите и задачите заради кои е основана. Според Закон, Комората се финансира од: членарина, наплата од извршени услуги, донации и други извори.

Со измените и дополнувањата на Законот за данокот на добивка објавен во „Службен весник на РМ“ бр. 248/18, во Законот за данокот на добивка („Службен весник на РМ“ бр. 12/14, 129/15, 23/16 и 190/16), се додаде нов член 4-а, со кој здруженијата на граѓани, фондациите, сојузите, како и секој организационен облик на странска организација, како и друга форма на здружување (во натамошниот текст: организации), регистрирани согласно со Законот за здруженија и фондации, не се обврзници за данок на добивка. Како неоданочиви приходи за претходно споменатите организации се сметаат: приходите од членарини, доброволните прилози, донациите, грантовите, подароците (во пари, добра, имотни права), завештаниjaта, легатите, приходите од дивиденди од трговските друштва основани со средства на здружението и приходите од Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалната самоуправа и Буџетот на град Скопје врз основа на претходно изготвени програми (проекти) одобрени од Владата на Република Македонија, односно надлежните министерства, советите на единиците на локалната самоуправа и Советот на град Скопје. Ваквите организации ако остваруваат приходи од вршење стопанска дејност во рамките на нивното непрофитно делување, заради избегнување нелојална конкуренција со субјектите на кои добивката остварена од вршење стопанска дејност им се оданочува, стануваат обврзници за пресметување и плаќање данок на вкупен приход, доколку нивниот вкупен годишен приход од стопанска дејност е поголем од 1.000.000 денари.

Имајќи ги предвид одредбите од претходните закони, може да се заклучи дека начинот на финансирање е идентичен како за здруженијата и фондациите, така и за стопанските комори. Исто така, како и здруженијата и фондациите, така и стопанските комори се непрофитни организации.

Сепак, при донесување на посоченото решение во членот 4-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија” број 248/18 од 31 декември 2018 година) истото не било земено предвид. Така, покрај тоа што стопанските комори имаат идентичен статус на непрофитни организации не се наведени во членот 4-а како субјекти кои не се обврзници за данок на добивка, со што се ставени во нерамноправна положба во однос на другите организации  регистрирани согласно со Законот за здруженија и фондации.

Исто така, во член 12 од Законот за данокот на личен доход  („Службен весник на Република Македонија“, бр. 241/18 година) дефинирани се надоместоците на кои не се плаќа данок на доход. Во истиот член, во ставот 1, во точката 41, како надоместоци на кои не се плаќа данок на доход дефинирани се надоместоците на трошоци за сместување, храна и превоз за лица кои се учесници на настани, организирани во рамки на активностите на организацијата основана согласно со Законот за здруженија и фондации, утврдени врз основа на документи за направените трошоци. Исто така, во точката 42 како надоместоци на кои не се плаќа данок на доход дефинирани се надоместоците на трошоци за сместување, храна и превоз за членови на синдикатот за активности во рамки на синдикатот, како и примања на членови на синдикатот од средствата на синдикатот согласно статут, програма и одлуки на органите на синдикатот, врз основа на документи за направените трошоци, освен исплатени надоместоци на членови на синдикатот по основ на повремено или привремено вршење услуги.

Во рамките на овој Закон, како надоместоци на кои не се плаќа данок на доход издвоено не се дефинирани надоместоците на трошоци за сместување, храна и превоз за лица кои се учесници на настани, организирани во рамки на активностите на стопанските комори, кои се основани согласно Закон за стопанските комори („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/2011) и на другите непрофитни организации, а во суштина основните начела на непрофитност и начин на финансирање, независноста, јавноста и транспарентноста во работењето, како и непартиско дејствување се заеднички за здруженијата, фондациите и синдикатите од една и стопанските комори и другите непрофитни организации од друга страна.

Затоа, а со цел обезбедување рамноправен даночен третман на непрофитните организации од аспект на данокот на добивка потребно е да се направат соодветни измени како во Законот за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија“, број 112/14, 129/15, 23/16, 190/16 и 248/18). Исто така, потребно е да се направат измени и во Законот за данокот на личен доход  („Службен весник на Република Македонија“, бр. 241/18 година), во насока на тоа надоместоците на трошоци за сместување, храна и превоз за лица кои се учесници на настани, организирани во рамки на активностите на стопанските комори основани согласно со Законот за стопански комори, утврдени врз основа на документи за направените трошоци, да се дефинираат како надоместоци на кои не се плаќа данок на доход.

ЕДНАКОВ ДАНОЧЕН ТРЕТМАН ЗА СИТЕ НЕПРОФИТНИ ОРГАНИЗАЦИИ