ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Неделен коментар
   
Неделен коментар
14.06.2019 👁 Прочитано: 2182

ШТО Е ДОБРО И ТРЕБА ДА ПРОДОЛЖИ?



М-р Зоран Јовановски

М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања

Деновиве јавноста е заплисната од добри податоци за состојбата во која се наоѓа македонската економија. Статистичките податоци укажуваат дека реалниот раст на економијата во првиот квартал од годинава е 4,1%, при што растот има широк опфат и е регистриран во сите освен во два сектори. Во првите четири месеци од годинава во споредба со истиот период од минатата година индустриското производство е зголемено за 7,9%. Во истиот период, извозот, изразен во евра, порасна за 16%, а покриеноста на увозот со извоз е 75,1%. Во првиот квартал од годинава стапката на невработеност е намалена на 17,8%, најниското ниво откако се прави Анкетата за работната сила. Со еден збор, охрабрувачки статистички податоци за македонската економија.

Дали има место за еуфорија? Не! Статистиката покажува дека има позитивни поместувања, но јас би истакнал неколку работи за кои мислам дека се добри стратешки определби во пристапот на водење на економските политики. Тие би требале да продолжат и да станат трајна определба, без оглед на тоа кој е во позиција да ги креира и имплементира економските политики. Зошто? Затоа што позитивно влијаат на економскиот амбиент и поттикнуваат инвестиции во приватниот сектор, а со тоа ги зголемуваат шансите за нови позитивни економски вести.

Кои се тие добри стратешки определби?

Прво, значително е зголемена транспарентноста во дизајнирањето и водењето на фискалната политика. Граѓаните сега имаат појасна слика во однос на буџетот и водењето на јавните финансии. Зголемената транспарентност по правило оди рака под рака со зголемена отчетност. Во тој контекст, мислам дека сега е многу помала опасноста од нетранспарентно акумулирање на внатрешен долг на државата кон бизнис секторот. 

Второ, зголемена е фискалната прудентност. Искажано е јасно разбирање за потребата од постепена фискална консолидација и сведување на буџетскиот дефицит на земјава на ниво што е долгорочно одржливо. Ова е важно за да се обезбеди маневарски простор, за секој случај, за заштита и евентуална буџетска инјекција за македонската економија, она што го прават и најразвиените земји, доколку во иднина дојде до силно изразени неповолни влијанија од светската економија. Притоа, треба да се има предвид дека фискалната консолидација мора да се одвива постепено, умерено, без нагли движења.

Трето, стабилизирано е движењето на јавниот долг. Тој сега има траекторија што е придружена од поголема предвидливост, со што се релаксира загриженоста за долгорочната одржливост на јавните финансии.

Четврто, макроекономските проекции на носителите на економските политики ги карактеризира професионален степен на реалност. Се добива впечаток дека отсуствува порив проекцијата за економскиот раст, на пример, да се прави нереално оптимистичка, што никому не би користело. Со пристапот што сака да се базира на реалност се создава можност со текот на времето институциите да акумулираат кредибилитет во однос на сегашните и идните макроекономските проекции, што креира дополнителна предвидливост на економскиот амбиент и ги поттикнува домашните инвестиции на приватниот сектор.

Петто, социјалната политика покажува повисок степен на ефикасност, преку подобро таргетирање на корисниците на разновидна социјална помош од државата.

Шесто, прудентните потези во водењето на економските политики што овозможуваат долгорочна одржливост на позитивните движења, по правило, се препознаени од агенциите за одредување на кредитниот ризик на државите и од меѓународните финансиски пазари. Тоа резултира со нивна подобра перцепција за економијата на земјата, намалување на ризикот и намалување на каматните стапки по кои земјата би се задолжила во земјата или во странство. Ова е важно за земји што имаат стар долг за чија отплата мораат повторно да се задолжат, но сега веќе тоа можат да го направат по пониска цена. За ваквите земји тоа значи заштеда на пари во однос на отплатата на долгот.   

Се разбира, состојбите во македонската економија се далеку од розеви. Има уште многу работи за кои треба да се најдат решенија и да се преземат чекори. Но, за тоа наредната недела.

ДАТУМ НЕМА, ДА СЕ ДЕПРИМИРАМЕ ИЛИ ДА СЕ МОТИВИРАМЕ?

СВЕТСКА БАНКА, ПРОДУКТИВНОСТА, МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА, ГЛОБАЛНИТЕ ТРГОВСКИ ВОЈНИ

ГОЛЕМИ РИБИ ВО МАЛ АКВАРИУМ

ПРВАТА ГОЛЕМА ГЛОБАЛНА ЛЕКЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ

ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ФИРМИ

ВАЖЕН МОМЕНТ ЗА МАКЕДОНСКАТА ИНДУСТРИЈА

БУРА ВО СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА, КАКО ЌЕ СЕ СПРАВИМЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ?

56ТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО

ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО НЕ Е САМО ЗА СУДИИТЕ И АДВОКАТИТЕ

ЛУД, ЗБУНЕТ, НОРМАЛЕН...

ДОАЃААТ ПОТЕШКИ ВРЕМИЊА ЗА НЕЕКОЛОШКИ БИЗНИСИ

ДА СЕ ЧЕКА ВО ЧЕКАЛНАТА ИЛИ НЕШТО ДА СЕ ПРАВИ?

РАЗУМНОСТ ВО ПРАКСА

ШТО НЕ Е ДОБРО И ТРЕБА ДА ЗАПРЕ?

КАКО ГЛЕДА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА НА ЕКОНОМИИТЕ ОД ЗАПАДНИОТ БАЛКАН?

ИМА УШТЕ МНОГУ РАБОТА КАЈ ПОЛИТИКИТЕ ЗА МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО ЗАПАДНИОТ БАЛКАН

ДА СИ ПОВТОРИМЕ

МАКЕДОНСКОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО – ПРАШАЊА ШТО БАРААТ ОДГОВОРИ

НИШТО НЕ Е НЕВОЗМОЖНО

ПРАЗНИЦИТЕ И ЕКОНОМИЈАТА

ВАЖНИ ПОРАКИ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН ОД „САРАЕВО БИЗНИС ФОРУМ 2019“

КОЈ КОЛКУ РАСТЕ ЕКОНОМСКИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН?

БИЗНИС СЕКТОРОТ И НАСЕЛЕНИЕТО СЕКОГАШ ГО НАОЃААТ РАЦИОНАЛНИОТ ПАТ

ЧЕТИРИ СТРАТЕШКИ ОДЛУКИ ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

СИРОМАШНА ДРЖАВА СО НЕИСКОРИСТЕНИ РЕСУРСИ

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И ЕКОНОМИЈАТА

ПОПИСОТ КАКО ОСНОВА ЗА ВАЖНИ ЕКОНОМСКИ ОДЛУКИ

НАЦИОНАЛЕН КОНСЕНЗУС ОКОЛУ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

ЕКОНОМСКА ФИЛОЗОФИЈА ШТО МОТИВИРА ИЛИ ДЕМОТИВИРА

Што е, всушност, Коморскиот инвестициски форум?

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР