ДО КОМПАНИИТЕ...
👁 Прочитано: 1306



ДО КОМПАНИИТЕ...

Зајакнување на вештините, развој на капацитетите на човечките ресурси и таргет на стратешки инвестиции е ставот на ОЕЦД, изнесен во Студијата за развојот на земјите на Западен Балкан. Компаниите тешко наоѓаат соодветен квалификуван кадар кој што поседува функционални знаења, умеења и вештини, а тоа директно влијае на продуктивноста и производството на компаниите и го отежнува економскиот развој на државите.

Како држава, имаме обврска низ образовниот процес да создаваме образовани и стручни генерации кои ќе бидат спремни за новите предизвици во компаниите, имајќи го предвид фактот дека модернизацијата на производните процеси во компаниите бара стручен кадар кој би управувал со модерната технологија, машини и опрема. За реализација на поставената цел, се преземаат соодветни мерки преку дизајнирање на пазарно ориентирани програми во системот на средното стручно образование и двоен пристап во учењето, односно комбинација на теоретска настава во училиште и практична настава што ќе се реализира во самите компании.

Стопанската комора на Македонија, како претставник на бизнис заедницата ги поттикнува компаниите активно да се вклучат во образовниот процес, не само како учесници во дискусии, туку и во креирање на стручното образование. Успехот може да се постигне ако компаниите:

  1. го зајакнат партнерскиот однос со образовните институции и училиштата;
  2. ги планираат и јасно ги изразат своите потреби и новите вештини, неопходни за успешно работење;
  3. изготват флексибилни наставни програми во соработка со стручните училишта за реализација на поставената цел;
  4. покажат интерес и се отворени за прием на ученици за реализација на практична обука;
  5. подготват програма за практична обука според специфичноста на нивното работење и во согласност со Наставниот план и програма за квалификацијата;
  6. обезбедат обучени ментори кои поседуваат стручно знаење и вештини за работа со ученици;
  7. ги исполнат условите за реализација на практична обука на ученици;
  8. се верификуваат за реализација на практична обука на ученици;
  9. потпишат договор за реализација на практична обука со ученикот/родителот и стручното училиште;
  10. квалитетно ја реализираат практичната обука со задолжително присуство на учениците на обуката;
  11. учениците ги водат низ работните процеси и
  12. го проверуваат знаењето и вештините на учениците додека се на практична обука кај нив.

Од сето ова, корист ќе имаат сите, и учениците и компаниите.

- Учениците ќе имаат можност да ја применат теоријата во пракса, ќе се запознаат со работната средина, организациската поставеност и функционирање на компанијата, ќе бидат обучувани од стручни лица и со соодветна технологија која ја нема во нивните училишта. Тоа директно ќе влијае на намалување невработеноста, посебно кај младите на возраст од 15 до 29 години и скратување на времето да најдат работно место согласно нивните квалификации. Овој факт го поткрепуваат податоците од Извештајот за 2019 година на Агенцијата за вработување, според кои, од вкупниот број 101.748 невработени лица, активни баратели на работа, невработени се 20.698 лица (20,3%) на возраст до 29 години, а според Извештајот на Европската комисија, 70% од невработените чекаат две до три години работа по завршување на нивното образование.

- Не е мала ниту придобивката на компаниите кои ќе ги обучуваат учениците според нивните специфични работни задачи и процеси и ќе обезбедат квалификувана работна сила со специфични вештини и компетенции. Истовремено ќе обезбедат и нивна лојалност и посветеност во работењето.

Тоа значи, зголемената продуктивност на компаниите и нивна конкурентност на пазарот, расположливоста и одржливоста на пазарот на труд со квалитетни и стручни кадри секако ќе бидат придобивка од учеството на компаниите во дуалниот систем на образование.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија