Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

13.11.2018


Актуелно  

РЕГИОНАЛНА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ШТИП - ОТВОРЕН ЈАВНИОТ ПОВИК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ ПРЕДЛОГ-ПРОЕКТИ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ ПОД ИНСТРУМЕНТОТ ЗА ПОДДРШКА: КОФИНАНСИРАНИ ГРАНТОВИ ЗА НОВООСНОВАНИ ТРГОВСКИ ДРУШТВА „СТАРТ-АП“ И „СПИН-ОФ“


На 13.11.2018 година, во просториите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во  Штип, во организација на Фондот за иновации и технолошки развој, а  во соработка со Регионалната  комора со седиште во Штип, Центарот за развој на Источниот плански регион  и Универзитетот „Гоце Делчев“, се одржа Информативна  сесија за отворениот јавен повик за  поднесување предлог-проекти за финансирање под Инструментот за поддршка: Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“.

Пред присутните компании заинтересирани за овој повик, свое обраќање имаше Бисера Јордановска од Фондот за иновации и технолошки развој.

Инструментот има за цел да го поттикне нивото на иновативност преку обезбедување на неопходната финансиска поддршка за активности за  истражување и развој на „старт-ап“ и „спин-оф“ компании. Дополнително се очекува со овој инструмент да се поттикне културата на преземање ризик, како и да се обезбеди поддршка за претпријатијата кои сакаат да развијат нов или подобрен производ, процес или услуга. Исто така, инструментот поддржува проекти кои се во фаза на „потврден концепт“ (proof of concept) до преткомерцијална (претпазарна) фаза и со реален план за комерцијализација.

Истиот е наменет за финансирање на новоосновани, микро, мали и средни претпријатија (не постари од 6 години) –„старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија, во доминантна сопственост на македонски државјани (50,1% или повеќе), кои имаат иновативна идеја во фаза на „потврден концепт“ со солидно очекување за комерцијализација.

Целта е поттикнување на иновативноста кај компаниите, имплементирање на иновативни решенија и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст, како и пренесување на резултатите од научните истражувања во апликативни, односно комерцијални активности преку формирање на „спин-оф„ - претпријатија.

Со јавниот повик е предвидено кофинансирање најмногу до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 евра. Преостанатите 15% од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од апликантот (средства добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на апликантот).

Времетраењето на проектот за кој се доделени финансиски средства преку овој инструмент може да биде до 12 месеци, а за финансирање проекти  обезбеден е вкупен износ од 1.000.000 (еден милион) евра, односно 61.500.000  денари.

Аплицирањето на јавниот повик трае заклучно со 11.12.2018 година.

Моника Стоичева











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права