ОКТА инсталираше фотоволтаична централа на меѓународното училиште НОВА
➢ Актуелно (24.09.2020)
👁 Прочитано: 1039



ОКТА инсталираше фотоволтаична централа на меѓународното училиште НОВА

ОКТА АД Скопје и Меѓународното училиште НОВА преку меѓусебна соработка пуштија во употреба две фотоволтаични централи поставени на покривот на двете згради на училиштето. Централите ќе произведуваат електрична енергија од обновливи извори, од која дел ќе се користи за потребите на училиштето, а остатокот ќе биде наменет за слободниот пазар. Ова е четврта фотоволтаична централа поставена од ОКТА што е дел од стратегијата на компанијата за учество на пазарот за производство и снабдување со електрична енергија преку примена на иновативни технологии и заштита на животната средина, соопштуваат од компанијата.

„Со поставувањето на новата фотоволтаична централа, ја продолжуваме трансформацијата на ОКТА во модерна енергетска компанија која континуирано ги зголемува своите капацитети за производство на енергија од обновливи извори. Преку ваквите проекти, исто така им помагаме на нашите партнери да ја рационализираат потрошувачката на струја преку значителна заштеда во споредба со користењето енергија генерирана од согорување фосилни горива. Дополнително, за нас е особено важно да придонесеме кон развивање на свеста од потребата за поголема употреба на обновливите извори на енергија и намалување на влијанието на јаглеродот што има значителни ефекти врз животната средина “, изјави Вук Радовиќ, главен извршен директор на ОКТА.

Како што соопштуваат од ОКТА, двете фотоволтаични централи се со вкупна инсталирана моќност од 125 kW и очекуван животен век од над 25 години. Поставени се вкупно 440 фотонапонски панели од светски реномираниот производител Multicrystalline Trina Solar, два инвертора HUAWEI SUN2000-60 KTL-MO и еден инвертор HUAWEI SUN2000-33KTL-А. На годишно ниво, централите ќе произведуваат околу 160 MWh зелена електрична енергија.

„Како училиште во кое главниот фокус е ставен на иновативноста и примената на технолошкиот развој, во согласност со еколошката одговорност, поставувањето на фотоволтаичната централа е целосно во корелација со сето она за кое се залагаме и што им го пренесуваме како вредност на нашите ученици. Соработката со ОКТА покажа дека е возможна успешна синергија помеѓу голема енергетска компанија и меѓународно училиште. Веруваме дека оваа инвестиција ќе има позитивен придонес во нашето оперативно работење, но уште поважно, ќе ја подигне свесноста кај целата наша ученичка популација за потребата од личен придонес кон одговорно однесување во нашето опкружување“, изјави Иван Новаковски, директор на Меѓународното училиште НОВА.

ОКТА претходно инсталираше три фотоволтаични централи, од кои една за сопствени потреби, во кругот на компанијата, и по една на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје и на Конфекција и трикотажа АД Единство во Струмица. Во претстојниот период од компанијата соопштуваат дека планираат пуштање во употреба на уште еден ваков производствен капацитет.

ОКТА АД Скопје е долгогодишна членка на Стопанската комора на Македонија, Покровител е на Комората и активно е вклучена во работата на органите и телата на Комората.

Служба за информирање при Комората