КОЛКУ СМЕ -ТОЛКУ СМЕ, АМА ДА СЕ ПРЕБРОИМЕ

   

ПОРАКА ОД ... / 18.02.2020
👁 Прочитано: 349


КОЛКУ СМЕ -ТОЛКУ СМЕ, АМА ДА СЕ ПРЕБРОИМЕ
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Како во нашата држава, со стапка на невработеност од 17,1% постои недостиг од кадар?!

Често, како одговор на ова прашање го слушаме следното објаснување: Стапката на невработеност е висока, ама лицата се неактивни (тие што даваат ваков одговор веројатно мислат дека невработените се декларираат како невработени, ама не сакаат да работат, па затоа има недостиг од кадар).

Овој одговор е погрешен, бидејќи стапката на невработеност се пресметува како учество на бројот на невработените во вкупната работна сила. Работната сила го сочинува економски активното население - вработените и невработените и за третото тримесечје од 2019 година изнесува 964.248 лица (од кои вработени се 799.546 лица, а невработени 164.702 лица). Невработени се лицата кои не работат, кои активно бараат работа, т.е. преземаат конкретна активност за наоѓање работа и се подготвени да прифатат работа (ова го предвидува методологијата на ДЗС, а во согласност со меѓународните стандарди и препораки на ИЛО (ILO) и ЕВТОСТАТ).

Значи, стапката на невработеност е одраз на анкета, во која одреден број лица се произнеле дека се невработени и активно бараат работа за да ја најдат и немаат врска со неактивност. Друг случај e ако некое лице кое е регистрирано како невработено во Агенцијата за вработување и одбива понудена работа. Таквото лице не е невработено, бидејќи не е подготвено да работи и во тој случај точно е дека треба да има третман на неактивно.

Според Анализата којашто врз основа на анкета на компаниите ја подготви Стопанската комора на Македонија 62% од компаниите се соочуваат со недостиг на работна сила , а дури 36% од компаниите во Анкетата како причина за недостиг на работна сила го гледаат заминувањето на работоспособното население од нашата земја во други држави. Ако тргнеме од сопствените искуства, ваквото образложение на компаниите може и да го разбереме некако, бидејќи секој од нас познава некој кој што ја напуштил државата. Но, ако ги погледнеме податоците од Државниот завод за статистика, салдото на миграции на населението (кое се добива како разлика меѓу бројот на доселени и бројот на отселени лица од државава) е позитивно во 2018 година и изнесува 2.548 лица (резултат на 369 доселени граѓани, 144 отселени граѓани, 2.556 доселени странци, а 233 отселени странци). Во 2015, 2016 и 2017 година исто така постои позитивно салдо над 2.000 лица, а салдото е позитивно и во претходните години.

Значи, ако се водиме од ова, миграциските движења не може да се причина за недостиг на кадар, бидејќи повеќе се доселиле отколку што се отселиле.

Или нешто не е во ред со методологијата...

Според Анализата на Стопанската комора на Македонија, 32,9% од компаниите причините ги гледаат во неактивното работоспособно население и неквалитетното и несоодветно образование кое нуди кадри со стручни и практични вештини и компетенции.

Ова се две причини во една, ама и двете држат... И веројатно тука е клучот на проблемот, а компаниите кои го дале овој одговор се апсолутно во право. За стручни и практични вештини и компетенции неопходен е ремонт на образованието, со цел обезбедување понуда на работна сила, која ќе е соодветна на побарувачката. За зголемување на активноста, потребно е да се укинат одредени права и да се намали неформалната економија.

За оние 13,7% компании кои недостигот на кадар го врзуваат со преземање од другите компании во земјата , потсетување дека во пазарна економија понудата и побарувачката ја одредуваат цената, па истото во голема мера важи и за цената на трудот. Ќе мора да ги зголемат платите.

Сепак, останува чувството на несигурност во бројките. Кога станува збор за оние кои се врзани со населението апсолутно оправдано, бидејќи се темелат на проценки на Државниот завод за статистика врз основа на Пописот од 2002 година.

Време е да се преброиме. Ако се попишеме, ќе знаеме колку сме... и колку сме - толку сме, токму ќе сме за да можеме со поголема сигурност да планираме.