НАТО И РАСХОДИТЕ ЗА ОДБРАНАТА

   

ПОРАКА ОД ... / 24.01.2020
👁 Прочитано: 315


НАТО И РАСХОДИТЕ ЗА ОДБРАНАТА
м-р Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања

Најновите медиумски написи посочуваат дека на 11 февруари македонското Собрание ќе одржи седница за ратификација на Протоколот за членство на нашата земја во НАТО. Ако дотогаш заврши ратификацијата на Протоколот во Шпанија тогаш и кај нас ратификацијата ќе биде веднаш ефективна, во спротивно македонското Собрание ќе ја донесе ратификацијата со одложено дејство. Во секој случај, денот на формалното зачленувањена земјава во НАТО станува прашање на временски многу блиска реалност. Во такви околности, корисно е да ги погледнеме податоците за расходите на НАТО за одбраната.

Колку троши НАТО за одбраната? Според проценетите податоци, последни расположливи, вкупните расходи на НАТО за одбраната за 2019 година изнесуваат фрапантни 1.039.628 милиони американски долари. Интересно е дека во 2013 и 2014 година, вкупните расходи на НАТО за одбрана на годишно ниво се намалиле за 1,2% и 1%, соодветно, но оттогаш наваму, трошоците остваруваат само позитивни, и тоа повисоки, годишни стапки на раст. Така, во 2015 и 2016 година расходите се зголемиле за 1,7% и 3%, соодветно, во 2017 година растот е највисок и достигнува 5,7% годишно, а во 2018 и 2019 година изнесува 4,4% и 4,6%, соодветно.

Набљудувано по земји, доминираат САД. Од вкупните проценети расходи за одбрана на НАТО за 2019 година, дури 70,2% или 730,1 милиони долари отпаѓаат само на САД, а остатокот на сите други членки заедно. Набљудувано во апсолутен износ, после САД, најголемо е учеството на Обединетото Кралство со 60,761 милиони долари, па следуваат Германија со 54.751 милиони долари и Франција со 50.729 милиони долари. На дното на листата се Албанија со 198 милиони долари и Црна Гора со 92 милиони долари.

Но, она што е поважно е соодносот на расходите за одбрана на секоја земја членка на НАТО и нејзиниот БДП. Насоката на НАТО е секоја земја членка на годишно ниво да има расходи за одбрана во висина од најмалку 2% од нејзиниот БДП. Така погледнато, само 9 земји членки го надминуваат тоа ниво. Доминираат САД со 3,42%, а по нив се Бугарија со 3,25% и Грција со 2,28% од БДП. Други земји со расходи за одбрана повисоки од 2% од БДП се Обединетото Кралство (2,14%), Естонија (2,14%), Романија (2,04%), Литванија (2,03%), Латвија (2,01%) и Полска (2%). На другиот крај, најмали расходи за одбрана во однос на нивниот БДП имаат Белгија (0,93%), Шпанија (0,92%) и Луксембург (0,56%). Интересно е дека во 2019 година, расходите за одбрана најмногу ги зголемиле Бугарија со годишен раст од дури 127% и Словачка со годишен раст од 48%.

Втората насока што НАТО ја дава за своите земји членки е дека од вкупните расходи за одбрана што ги има секоја од нив, најмалку 20% треба да се однесуваат на набавка на опрема. Во 2019 година оваа насока ја исполнуваат 16 земји членки. Притоа, погледнато по поодделни земји, најголем дел за набавка на опрема извоиле Бугарија (58,9% од нејзините вкупни расходи за одбрана) , Словачка (45%) и Луксембург (41,7%). На дното на листата со најмалку потрошени средства за набавка на опрема во однос на вкупните расходи за одбрана се Белгија со 10,8%, Словенија со 7,6% и Хрватска со 6,7%.

Очигледно, членството во НАТО носи со себе финансиски издатоци за потребите на одбраната. Во наредниот текст ќе се обидеме да видиме како стои нашата земја во поглед на насоките на НАТО.