ТЕМА НА ФЕЉТОНОТ - Образование за 21 век

   

👁 Прочитано: 1120


ТЕМА НА ФЕЉТОНОТ - Образование за 21 век

Образованието има важна функција и претставува двигател на развојот на општеството. Влијанието на образованието и неговите последици се чувствуваат во економијата, културата, науката, технологијата и на државата во целина. Затоа, секоја држава се стреми кон квалитетно образование, а со тоа и кон квалитетен и реализиран поединец. Поради важноста, државата пред се, мора да има дефинирана стратегија за целите и насоките во кои ќе се движи образованието. Тоа значи унапредување на квалитетот на образовните услуги и создавање вработливи, оспособени и конкурентни кадри. Дефинирањето на стратегијата значи да се опфатат сите фактори кои влијаат на квалитетот на образованието и реализација на главните императиви.

Основен предуслов за да функционирање секој сектор па и образовниот е да постои Законска регулатива. Постои и во секторот Образование, но, фактите говорат дека најчесто законите помеѓу себе не се хармонизирани, се јавува преклопување на надлежностите помеѓу институциите или одредена образовна институција е фаворизирана во однос на друга институција. Оттука, а согласно изработената анализа на Стопанската комора на Македонија, бизнис секторот предлага Препораки што треба да се направи за да се премостат проблемите и да се овозможи да се реализира на стратешката определба Образованието за 21 век, да креира и создаденов тип на ученик, ,,Ученик на 21 век”.

1. ЗАКОНСКА РЕГУЛАТИВА

Следен фактор кои влијае на образованието е преобемната законска регулатива. Во моментов постојат 20 закони и над 30 подзаконски акти кои го регулираат образованието. Најчесто законите помеѓу себе не се хармонизирани, се јавува преклопување на надлежностите помеѓу институциите или одредена образовна институција е фаворизирана во однос на друга институција . За да биде динамично и флексибилно и да излезе во пресрет на барањата на работодавачите во образованието се прават реформи според одреден закон, но ваквите реформи се косат со друг закон од областа на образованието. Пр. Законот за Националната рамка на квалификации [1] овозможува образованието да одговори на брзите потреби на пазарот на труд и дизајнирање на нови квалификации според барањата на работодавачите, но од друга страна тоа не е во согласност со Законот за стручно образование и обука или Законот за средно образование во делот на дизајнирање на наставните програми врз основа на резултатите од учење. Следна појава е процесот на валидација на неформалното образование кое е предвидено во законот за Националната рамка на квалификации[2], но не е предвидено во Законот за образование на возрасните. Има уште многу вакви примери. Се јавуваат и практични случаи каде процесите не се допрецизирани со законите и создаваат недоумици. Видлив е примерот со практичната обука во компании која не е допрецизирана во Законот за стручно образование и обука или со верификацијата на институцијата за полагање на мајсторскиот испит. Бришењето на член од одреден закон, без да се води грижа дали постои во друг закон или нивна хармонизација и исто така честа појава, како што е честа појавата законите да не се компатибилни со законите од други области. Сето тоа, подоцна, доведува до импровизирани решенија на настанатите состојби.

Тоа наведува на фактот дека има преголема регулација со закони во областа на образованието, но не постои хоризонталната координација во измените и донесувањето на законската легислатива, што доведува до недоумица. Измените кој се прават најчесто се парцијални, несуштински и се носат набрзина, без усогласување со останатите закони од оваа област. Исто така, не постои координација во законската легислатива со другите области/сектори. Затоа неопходно е да се направи хармонизирање на сите закони од секторот образование, а потоа хармонизирање на законите од останатите сектори.

Состојбата со учебниците е посебен фактор за квалитет во образованието. Честопати се прават ревизии на постоечките учебници, а состојбата е позагрижувачка каде воопшто не постојат учебници, посебно по стручните предмети. Во праксата имаме цели генерации на завршени ученици кои своето образование го поминале без учебници или само со скрипти. Тоа не наведува на помислата дека една од причините за слабиот упис на учениците во стручните училишта претставува и недостигот на учебници за стручните предмети. Причината за ова треба да се бара во начинот на исплата на авторот на учебникот која се реализира на пет рати за пет години што делува дестимулирачки на авторите кои пишуваат учебници, имајки во предвид за да можат истите да се пријават на конкурсот, потребно е самите да го финансираат издавањето на ракописот. Тоа во себе вклучува: трудот на авторот, лекторирање на текстот, илустрирање, печатење и сл.

За решавање на овој проблем потребни се измени во законот за учебници за исплатата на средствата на авторот на еден учебник, која треба да се изврши еднократно, веднаш по одобрување на учебникот, а не како досега, исплата на делови, во рок од пет години .

На квалитетот на образованието делува и постојаното менување на министерот за образование и наука. Стана непишано правило секоја година да се назначува нова личност на позицијата министер за образование и наука. Тргнувајки од 2010 година, до денес, на позицијата министер се смениле 7 лица, што во просек значи дека смената се случува на секоја година ипол. Секое менување на министер значи застој на процесите во образованието. Со преземење на функцијата, потребен е период од половина година да се разберат и научат состојбите и процесите во образованието, од причина што се поставуваат личности кои, воопшто немале контакт со образование, или имале некои теоретски, но не и практични познавања за образованието. Образованието е комплексен процес и потребен е внимателен избор на личноста министер за образование. За оваа позиција би требало да се именува личност која има искуство од образовните процеси и бил директно вклучен во нив или личност која поминала низ реалниот сектор и ги знае потребите на пазарот на труд. Истата појава се случува и со вработените во кабинетот на министерот, кои вообичаено се нововработени лица. Често пати, во праксата, се случува, знаењето на искусниот вработен кадар кој долго време работел на определена проблематика во образованието да не биде искористен од новоназначениот министер, што изгледа е случај само во нашата земја.

Ова повторно укажува дека образованието не е главен приоритет на државата. Затоа е неопходно позицијата министер да биде стабилна во траење од четири и повеке години за да станат видливи резултатите на процесите кои се спроведуваат. Во оваа насока оди и фактот дека треба да се користи расположливиот кадар во министерствата со знаење и искуство за образовните процеси.

Продолжува



[1] Закон за Националната рамка на квалификации, член 3 , став 7 и член 4 став 12

[2] Закон за Националната рамка на квалификации, член 3, став 9