Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ПОРАКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
17.10.2019 👁 Прочитано: 1040

Постојани „граничници“, минимална плата, КИФ, „Македонија 2025“...


Деновиве најчесто поставувано прашање е прашањето зошто постојано се поставуваат некакви политички „граничници“ за конечно да тргне работата. Деновиве тоа е датумот за преговори со ЕУ, пред тоа биле изборите, па пред тоа прашањето за името, па Преспанскиот договор, па Охридскиот договор, па некој самит на НАТО или на ЕУ... Според мене, сето тоа се изговори за да не се соочиме со вистинските проблеми што го кочат нашиот развој. Тоа како да стана дежурно оправдување за нашата неспособност да ги разрешиме темелните прашања, кои бараат многу одрекнувања и компромиси. Што имаат врска овие постојани граничници со спроведувањето на пописот, децентрализацијата, контролните механизми на власта, со изборниот модел, состојбата со медиумите и со невладиниот сектор? Тие се прашања што мора да ги решиме сами, внатре, со тешки разговори, со голема упорност и со нарушување на сопствениот комодитет. Затоа, одговорот на прашањето што често се поставува е дека мора да дојде до промена на фокусот на нашето дејствување, до утврдување нови приоритети и до макотрпно докажување дека тоа може да го направиме ние, а, пред сѐ, двете најголеми етнички заедници, кои се секогаш претставени во Владата и кои мора да најдат заеднички јазик и да заборават на граничниците.

Во сенка на овие прашања, веројатно, по инерција на постојниот модел на функционирање, дојде вчерашната одлука на Владата за покачување на минималната плата. Факт е дека нашата држава и во времето на СФРЈ, а и денес води политика на депресирани лични примања, кои сигурно влијаат врз стапката на нејзиниот развој, а за тоа има милион примери. Факт е, исто така, дека утврдување на минималната плата постои во сите земји, но мора ли ние секогаш да ги повторуваме грешките?

Прво, на бизнисот му пречи мешањето на државата во приватниот сектор и тоа мора да се прави на крајно транспарентен начин и со почитување на тенката граница на навлегување на државата во пазарните принципи на работа на приватниот сектор. Второ, и кога ќе се одлучи на таков чекор, Владата мора да внимава на критериумите според кои се прави тоа, кои мора да се почитуваат бидејќи владеењето на правото значи и доследно спроведување на зацртаните решенија. Трето, тоа мора да претставува континуитет во следењето на примената на тој процес, а не ад хок дејства што мирисаат на популизам и на непазарно однесување. Има работи што мора да ги расчисти и самиот бизнис. Не може и понатаму да се толерира депресивното наградување на оние што се најважна алка во бизнис-процесите, што на некој начин стана обележје на трудоинтензивниот сектор во македонската економија. Прашањата на продуктивноста, воведувањето нови технологии и иновативноста на нови решенија мора да добијат приоритет пред исплатата на ниските примања и под секој минимум, со образложение дека мора да се задржат бизнисите. Тоа е сигурен рецепт за вртење во место и на таков начин не може да се обезбеди иднина ни за самите компании ни за државата во целина. Сиот овој „галиматијас“ мора да биде расчистен затоа што тоа е завесата што создава превид и ги држи работите на мртва точка. Мојот став е дека мора во тој процес да се зголеми степенот на ризик и да се тргне напред, затоа што во спротивно ќе бидеме осудени на „вечност“ која нѐ држи во место. Не случајно еден од клучните диспаритети на македонското бизнис-опкружување е латентниот судир меѓу трудот и капиталот, бидејќи другите два диспаритета се решливи со малку поголема волја. Решавањето на овој диспаритет претставува алфа и омега на нашето опстојување. Ние како претставници на најголемата бизнис-заедница, во која членуваат најдобрите македонски компании, немаме причина да не ја поддржиме одлуката на Владата за утврдување на минималната плата на ниво на 14 500 денари. Напротив, ние сме за утврдување и на повисока минимална плата, која, реално, кај успешните македонски компании изнесува приближно 18 000 денари. Но во нашиот состав има и членки што работат во трудоинтензивните гранки и со кои мора да дебатираме, но и да постигнеме консензус со Владата за дополнителна стимулација на развојните процеси, затоа што, во спротивно, тие ќе бидат ликвидирани. Тоа ќе биде една голема обврска и предизвик во наредниот период, за сите структури во СКМ, на професионален и на едноставен начин да се изгради програма за поддршка на тие компании за да можат да ги достигнат бараните стандарди.

Покрај ова, ние и понатаму, во наредниот период, ќе бидеме фокусирани на стратешките прашања утврдени во нашата програма, покрај веќе договорените таргети од последната средба со министерот за финансии. Ќе следува иста таква средба со министерот за земјоделство, на која ќе се обидеме да фокусираме таргети во едни од најзначајните сектори што го создаваат бруто-домашниот производ, а тоа се земјоделството и прехранбената индустрија. На меѓународен план нѐ очекуваат важни настани, пред сѐ Седницата на УО на КИФ во Подгорица, на која ќе се применат два значајни проекти потпишани со Германската банка за развој и со Унијата на германските комори. „Македонија 2025“ е следниот наш таргет, каде што за првпат оваа година СКМ ќе има значајно место на овој важен самит со македонската бизнис-дијаспора. Тоа значи дека ќе имаме посебен дел во кој УО и македонските бизнисмени ќе дебатираат со раководството на „Македонија 2025“ околу улогата на Коморскиот инвестициски форум како значајна алатка за развој на бизнисот во регионот, а ќе имаме и неколку значајни гости и имиња, кои ќе одржат свои предавања во СКМ.

П.С. На колегите од четвртиот кат на СКМ им посакувам пријатен амбиент во освежените простории, но посакувам тоа да биде поттик за нивен позначаен ангажман. Тие се срцето на коморскиот систем и местото каде што доаѓаат најголем број од претставниците на нашите членки. Тие од нас бараат не само пријатен амбиент туку и врвни експерти, луѓе способни да прават анализи и истражувања, тимови оспособени за проекти и студии што ќе бидат значајни алатки за напредок на бизнисот во наредниот период.  На младата и надежна директорка ѝ препорачувам дека се наоѓа на прекршната точка во својата кариера, а тоа значи поофанзивно работење, поголема посветеност и постојано присуство меѓу членките, што гледам дека го практикува во последно време.

Постојани „граничници“, минимална  плата, КИФ, „Македонија 2025“...