ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ДАНОЦИ И ЦАРИНИ
01.05.2019 👁 Прочитано: 2144

БРЕГЗИТ (BREXIT) И УВОЗОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ФИРМИ


Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Иако не се случи Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор, а излегувањето е одложено за 31 октомври оваа година, се` уште е релевантно прашањето какви би биле импликациите врз бизнисот во нашата држава, во случај на излегување на Велика Британија од Европската унија без договор.

Велика Британија во моментов е членка на Европската царинска унија и е дел од единствениот европски пазар. Царинската унија на ЕУ е област за слободна трговија, во која членките не наметнуваат тарифи при увоз стоки од други земји-членки и во која постојат идентични тарифи за увозот од земјите надвор од таа унија. Согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската заедница и нејзините земји – членки, во нашата држава голем број производи се увезуваат слободно од Европската унија (по царинска стапка 0%). Во нашиот случај, увозот од останатите земји од светот (освен од земјите на ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА, Турција и Украина) се врши согласно основното правило на Светската трговска организација на еднаков третман на сите останати земји преку примена на принципот за најповластена нација, што значи дека во отсуство на специфичен трговски договор (договор за слободна трговија или царинска унија) се предмет на исти царини, исти царински проверки и исти бариери во трговијата.

Во моментов, увозот на производи во нашата држава од Велика Британија се врши согласно стапките кои важат за останатите земји - членки на ЕУ, а кои изнесуваат 0% (освен за некои видови месо и риби, млеко и млечни производи, живина и јајца, за повеќето видови зеленчук и овошје и други прехранбени продукти).

Во случај на излез на Велика Британија од ЕУ без договор ќе се предизвикаат зголемени непланирани трошоци за македонските компании и намалување на нивната конкурентност, бидејќи во услови на неуредени односи со билатерален договор со оваа земја, увозот на производи во нашата држава понатаму нема да се врши по преференцијални стапки.

БРЕГЗИТ (BREXIT) И УВОЗОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ФИРМИ

Согласно анализите, најпогодени би биле домашните компании од преработувачката индустрија кои се извозно ориентирани, а кои одредени репроматеријали и полупроизводи увезуваат од Велика Британија. Имајќи ја предвид структурата на увозни производи од Велика Британија во претходните години, на пример, за акумулатори, за цевки и црева, сигурносно стакло за моторни возила, ретровизори, мотори за возила, хидраулични пумпи, издувни лонци и издувни цевки наместо досегашната 0% царинска стапка, ќе се применува стапка од 15%, за теписи за ентериер во возила 12,5%, за различни видови на ткаенини 10%, за светла, фарови, штопови, опрема за сигнализација на возила 8%, за прачки, стапови и профилни форми од пластични маси 6%, за ткаенини за надворешни пневматски гуми и текстилни ткаенини кои се импрегнирани, премачкани, прекриени, или ламинирани со пластични маси 5%, за хлороводородна киселина, нитрати, како и за благородни метали во колоидна состојба, неоргански или органски соединенија на благородни метали, амалгами на благородни метали, други разни видови соединенија 5% и др.

Значи, трошоците на домашните компании заради повисоки царини ќе се зголемат во износ од 5-10%, во споредба со состојба кога увозот од Велика Британија како членка на ЕУ се царини по преференцијални царински стапки.

Со оглед на фактот дека од Велика Британија во нашата земја во 2018 година се увезени производи во вредност од 729,56 милиони евра, под претпоставка увозот да се царини по стапка од 5%, трошоците на домашните економски субјекти би се зголемиле за најмалку 36 милиони евра. 

Имајќи ги предвид претходните факти, без разлика на тоа што излегувањето на Велика Британија од ЕУ е одложено за 31 октомври 2019 година, во услови на неизвесност дали истото ќе се случи без или со одреден договор со ЕУ, неопходно е македонските надлежни институции да пристапат кон преговори со Велика Британија за склучување билатерален договор во насока на уредување на преференцијални царински стапки кои би се применувале по евентуалното излегување на Велика Британија од Европската унија. 

Македонските фирми производители мора да имаат предвидливи околности, да можат да планираат нарачки, да немаат потреба од дополнителни финансиски средства и да придонесуваат кон пораст на извозот и на бруто домашниот производ.

БРЕГЗИТ (BREXIT) И УВОЗОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ФИРМИ
БРЕГЗИТ (BREXIT) И УВОЗОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ФИРМИ