ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ (*)



Нормативната интервенција во членот 1 и 2 на Законот за странци се предлага со цел да се опфати и илегалниот излез од Република Северна Македонија, заради санкционирање и спречување на овие појави.

Со решението утврдено во членот 3, се овозможува  странецот и во компанија да може да ја обавува професионалната обука.

Преку измената во членот 4 се овозможува континуитет на постапката во случај кога странецот по влегувањето во Република Северна Македонија поднесува барање за регулирање на престој (во случај кога истиот има повеќе патни исправи).

Со членот 6 од Предлог законот се врши воедначување на постапките кога на странецот му се одзема одредено право и му се изрекува забрана за влез во Република Северна Македонија (пр: протерување - член 151 став (7), забрана за влез - член 153 став (10))

Измените утврдени во членот 7 од Предлог законот се во контекст на новите предлози од Законот за сопственост и стварни права, кадешто е предвидено зборот „резидент“ да се замени со зборот „државјанин“. Како една од  причините за привремен престој се утврдува и „изучување на јазик на кој се изведува наставата“, со оглед на потребата на студентите кои се запишуваат како студенти на високообразовна установа во Република Северна Македонија да го изучуваат јазикот на кој се изведува наставата, а непостоењето на оваа можност во досегашната пракса создаваше проблем кај странските студенти да се запишат на факултетите.

Со членот 8 со кој се дополнува членот 72 став (1) со нова алинеја, односно се допрецизира условот за добивање привремен престој и тоа да „не претставува закана за јавниот поредок, националната безбедност, јавното здравје или за меѓународните односи на Република Северна Македонија“.

Измените содржани во член 9 од Предлог законот, се со цел  дообјаснување на членот, односно појаснување дека патната исправа не се поднесува заедно со барањето за престој, туку само дека се дава на увид.

Во членовите 13 и 14 се допрецизираат доказите кои се доставуваат во Агенцијата за вработување, со цел добивање на мислење заради вработување, односно упатување на странец.

Со членот 16, се менува ставот (1) и се дополнува со нови ставови членот 93, поради фактот што проценката на значителниот напредок на студентот не е во надлежност на Министерството за внатрешни работи при одобрување на привремениот престој на студентот. Додавањето на ставот 4 е потребно со оглед на измените во член 71 (точка 6) заради ограничување на привремениот престој поради изучување на јазик на една година, што се оценило дека е доволно за остварување на оваа цел на странците пред да се запишат како редовни студенти.

Во членот 17 од Предлог - законот, е додаден нов став во членот 103, е со оглед на специфичноста на привремениот престој заради лекување, бидејќи во одредени случаи кај странецот потребата од лекување настанала кога тој веќе се наоѓал на територијата на Република Северна Македонија и поради неговата состојба не може да отпатува во странство за да го поднесе барањето преку дипломатско-конзуларно претставништво на Република Северна Македонија. Во одредени случаи се јавува потреба барањето да биде поднесено од страна на установата кадешто се одвива лекувањето.

Преку предложениот член 18 се предвидува можноста здравствената документација на странецот за згрижување во установи за стари лица  да може да биде издадена од институции во Република Северна Македонија.

Членот 20, со кој е додаден нов став во членот 114 е во контекст на истите права кои им се дадени на членови на потесно семејство на покровителот (странец кој има регулиран престој во Република Северна Македонија) со членовите на потесно семејство на државјанин на Република Северна Македонија, а  кои се регулирани и со Законот за вработување и работа на странци.

Со член 21 од Предлог законот е извршено допрецизирање на  дефиницијата странец по потекло од Република Северна Македонија. 

Со членот 23 од Предлог Законот, се врши усогласување со новите предлози од Законот за сопственост и стварни права и се предлага на странец, државјанин на држава членка на Европската Унија или на ОЕЦД или кој согласно со меѓународен договор стекнал право на сопственост на стан, станбена зграда или куќа на територијата на Република Северна Македонија под услови утврдени со закон, во износ од најмалку 40.000 евра, да му се одобрува привремен престој доколку приложи доказ за истото.

Исто така, со предложените измени и дополнувањеа на Законот за странци (*) се врши усогласување со Законот на прекршоците, од аспект на утврдување на рамка на  износ на висината на глобите кои се изрекуваат на физички, правни лица и одговорни лица во правните лица за прекршоците утврдени со овој закон. (членови 40 до 44 од Предлог - законот).

Законот е предвидено да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје