ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА



Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата ги уредува безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата; правилата на сообраќајот на патиштата; системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата; должностите во случај на сообраќајна незгода; кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центраи и возачки дозволи; оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца; посебните мерки на безбедност; организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата; евиденциите и заштитата на податоците; прекршочните одредби и овластувањата за подзаконски прописи.

Со донесувањето на новиот Закон за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19) се наметна потребата од ревидирање на прекршочните одредби на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во насока на нивно усогласување со одредбите од Законот за прекршоците. Имено, со предложениот текст се врши ревидирање и усогласување во поглед на висината на глобите и од аспект на прекршочната постапка.

Во однос на физичките лица со предложените измени се врши усогласување во насока на бришење на мандатен платен налог, кој не е предвиден во новиот Закон за прекршоците и за досегашните прекршоци за кои беше предвидено издавање мандатен платен налог предвидено е издавање прекршочен платен налог, изрекување на глоба.

Во однос на прекршоците направени од страна на правните лица се предвидуваат глоби во распон, имајќи ја предвид големината на правното лице (за микро трговци, за мали, за средни и за големи трговци).

Во однос на одговорното лице во правно лице се предвидува глоба во фиксен износ од 500 евра во денарска противвредност.

Воедно, со предложените измени и дополнувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за првпат се уредува материјата поврзана со учеството во сообраќај на електричните тротинети, со дефинирање на поимот „електричен тротинет“ и дефинирање на условите за нивно учество во сообраќајот (утврдување на сообраќајните површини на кои може да се движат, брзината на движење, возраста на лицето кое управува со нив, користење на заштитна опрема, употреба на светла), - членови 1, 67, 68 и 75 од предложениот закон.

Истовремено, со предложените измени и дополнување се предлага зголемување на старосната граница во поглед на важењето на возачката дозвола (од досега предвидените 70 години старост - на 75 години старост) - член 173, 184 и 185 од предложениот закон.

Поради зачестено учество во сообраќајот на технички неисправни возила, возила кои предизвикуваат голема бучава која сериозно го нарушува јавниот ред и мир на граѓаните, како и возила со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола од шест или повеќе месеци, со предложените измени и дополнувања се предвидува можност за времено одземање на наведените возила од 90 дена (член 193 од предложениот закон).


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје