Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
08.11.2019 👁 Прочитано: 250

ГРАДЕЖНИТЕ КОМПАНИИ УЧЕСНИЦИ НА ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС ЗА ПАТИШТА


Во присуство на голем број истакнати експерти од градежната фела во патната инфраструктура, претставници на научната и стручната јавност, претставници од бизнис заедницата и државните органи на 7 – 8 ноември 2019 година во Скопје, се одржа Првиот Македонски Конгрес за патишта.

Учество на Конгресот земаа над 300 учесници од 15 земји, кои претходно доставија и голем број стручни трудови за научни сознанија од областа на патната инфраструктура. На Конгресот беа обработени повеќе актуелни теми, меѓу кои темите планирање и проектирање, управување, изградба, и одржување, безбедност на сообраќајот на патиштата, заштита на животната средина и одржлив развој, инфраструктурни објекти, транспортна политика и финансирање, ITS и нови технологии во сообраќајот и слободни и сродни теми од областа на патиштата.

Учесници, а воедно и поддржувачи на Конгресот беа реномирани компании - членки на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, кои повеќе децении се предводници на градежната оператива и располагаат со висококвалификуван и стручен инженерски кадар. Претставници на компаниите земаа учество со свои научни трудови, а во рамки на втората сесија од програмата на Конгресот дел од нив имаа можност и да го презентираат деловното работење пред присутните и стекнатите референци на своите компании низ историјата.

Се очекува Првиот Македонски конгрес за патишта да претставува успешен почеток на една традиција за организирање на вакви научно – стручни собири, каде градежната фела ќе се обединува на едно место со цел размена на искуства и знаење во насока на натамошен развој на дејноста и патната инфраструктура.

Државата во моментот располага со патна мрежа во вкупна должина од 14.182 km, вклучувајќи автопатишта, магистрални, регионални и локални патишта. Главни оски на државната патна мрежа претставуваат двата Пан-европски коридори, Коридор VIII (исток – запад) и Коридор X (север – југ).

м-р Нена Николовска

ГРАДЕЖНИТЕ КОМПАНИИ УЧЕСНИЦИ НА ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС ЗА ПАТИШТА