Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
16.10.2019 👁 Прочитано: 140

Словенечката фирма „NGEN“ го инсталира првиот „Tesla Powerpack“ во регионот


Фирмата „NGEN“ од Словенија, го пушти во употреба првиот систем на батерии за складирање на електрична енергија  „Tesla Powerpack“ во Јесенице, Словенија. Ова е најголем „Tesla Powerpack“ систем во Европа. Инвестицијата за складиштето на електрична енергија со капацитет од 12,6 MW/22,2 MWh изнесува околу 15 милиони евра. Складот којшто е инсталиран во Јесенице, ќе се користи за балансирање на електроенергетската мрежа, намалување на нерамнотежата на балансните групи и давање на флексибилна поддршка на останатите учесници на пазарот на електрична енергија, посебно на големите потрошувачи.

Во наредните 8 месеци во Словенија ќе биде инсталиран уште еден систем на батерии за складирање на електрична енергија.

„NGEN“ разгледува можност за соработка со други компании за инсталирање батерии за складирање на електрична енергија, коешто би било управувано и контролирано од софтвер на оваа компанија.

Студиите покажуваат дека бетерии со капацитет од 4 MW овозможуваат производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија со моќност од 100 MW. Системот којшто го инсталира „NGEN“ ќе биде доволен во Словенија да се изгради електрана од обновливи извори на енергија со моќност од 250 MW.

Идејата за инсталирање на систем на батерии од фирмата „Tesla“ се појавила уште во 2015 година и во потполност е развиена во 2018 година, кога е основана компанијата „NGEN“. Градежните работи се започнати во април 2019 година, а првите оперативни тестови се направени кон крајот на август оваа година. Фирмата „NGEN“ е основана од стопанствениците Роман Бернард и Дамиан Мерлак. Фирмата нуди потполно автоматизиран систем на помошни услуги и напредни решенија за намалување на нерамнотежата на пазарот на електрична енергија.

Перо Авакумовски

Словенечката фирма „NGEN“ го инсталира првиот „Tesla Powerpack“ во регионот