Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
16.10.2019 👁 Прочитано: 394

НЕДЕЛА НА СТРУЧНИ ВЕШТИНИ


„Стручно образование и обука за сите – вештини за живот“ беше темата на 4-тиот по ред настан - Недела на стручни вештини, што се одржа во Хелсинки, Финска, од 15 до 18 октомври 2019 година, со активно учество на претставници од земјите-членки на Европската унија и земјите од Западен Балкан, министри, професори, институции за стручно образование и обука, претставници на коморите, организациите на работодавачи, здруженија, синдикати и претставници на бизнис секторот.

Стручното образование за стекнување и унапредување на стручните вештини со фокус на практичната обука во компанија, доживотното учење и практикантството, дигитализацијата и иновациите беа клучни теми на кои беше посветена Неделата на стручни вештини, а на конференцијата и останатите настани кои беа организирани се испрати пораката за квалитетно и флексибилно стручно образование и обука со квалитетна практична обука на работно место. Зголемувањето на барањата за вештини и компетенции и постојаното менување на квалификациите на сите квалификациски нивоа влијаат на европските системи за стручно образование и обука да бидат флексибилни и да одговорат на краткорочните економски барања. Интензивноста на практичната обука во компанија, флексибилноста во наставните програми и комбинирањето според потребите на работните задачи и специфичната работната средина, вклучување на основните вештини во програмата за практична обука и покрај практичните вештини, професионалната ориентација и кариерниот развој на учениците и подготвени наставници и ментори кои лесно ќе се адаптираа на промените и ќе го менуваат начинот на подучување на учениците се основа за применливо и квалитетно стручно образование и обука.

-На конференцијата се дебатираше како практикантството или учењето преку работа во компанија да стане можност за доживотно учење што ќе обезбедува инклузивност на поединците од различни возрасти, стекнување на практични вештини и унапредување на вештините кои се потребни на пазарот. Учењето на работно место игра главна улога во подобрување на економскиот развој на земјата, квалитетот на животот и животната средина, што значи одговорност и комуникација со сите чинители: образовни институции, училишта, комори, здруженија, синдикати, компании, ученици и родители, информира, - м-р Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија, како учесник на настаните на Неделата на вештини.

Во рамките на конференцијата на која главен фокус беше ставено како практикантството или учењето преку работа во компанија да стане можност за доживотно учење, се организираа неколку панел-дискусии на кои беа анализирани неколку прашања:

1. Кои се сличностите на практикантството или учењето преку работа помеѓу младите и возрасните?

2. Кои се разликите на практикантството или учењето преку работа помеѓу младите и возрасните?

3. Како да се направи практикантството или учењето преку работа во компанија да стане можност за доживотно учење?

4. Кои фокус-групи да се опфатат?

На конференцијата беше истакнато дека недостигот од стручен кадар со пониско ниво на квалификации е присутен во сите земји од Европа како резултат пред се` на процесот на менување на демографијата скоро во сите земји, без исклучок и промена на потребите на пазарот на труд преку развојот на технологијата, автоматизацијата на процесите, дигитализацијата, компјутеризацијата и глобализацијата која бара нови вештини и квалификации. Како резултата на тоа, беше најавена измената на „ Нова програма за вештини за Европа“, која беше публикувана од страна на Европската комисија, во јуни 2016 година со нови активности според релевантните потреби.

Во рамките на конференцијата беше презентирано истражувањето за потребните вештини, направено од ГАК, Глобал, според кое Европската економија секоја година губи 2% од продуктивноста поради неусогласеност на вештините; повеќе од 7 фирми на секои 10 фирми во Европа неусогласеноста на вештините ја гледаат како пречка за инвестиции, додека 39% од возрасните поседуваат повисоко ниво на вештини, но работат на работно место со ниско ниво на вештини. Ставовите кон вештачката интелигенција беа позитивни и покажале дека тоа би служело за зајакнување на човечкиот потенцијал (62%), а никој не изјавил дека таа може да претставува закана за работните места. Во резултатите од истражувањето беше изразена загриженост за финансирањето на практичната обука, како и за достапноста на идните вештини во согласност со тековните разлики во вештините низ цела Европа. Во препораките кои следуваа беше истакнато:

- учењето преку работа или практикантството треба да стане дел од доживотното учење;

- да се зголеми можноста за пристап до образованието и тоа применливо образование преку кое се стекнуваат вештини и компетенции;

- да се изнајдат соодветни модели за учење преку работа, бизнис заедницата да биде посветена на учењето преку работа и подобрување на учењето преку работа во компаниите како дел од можноста за развивање на вештините и талентот на индивидуите.

Беше изразена надеж дека Европската унија ќе продолжи да ги поддржува земјите-членки на ЕУ во зголемување на квалитетот на практичната обука, транспарентноста и меѓусебната доверба помеѓу институциите за образование и обука и компаниите низ цела Европа.

Сепак, она што беше констатирано на конференцијата во Хелсинки беше дека во европските земји повеќе се посветува внимание на иницијалното стручно образование и обука и секоја земја има свој пристап кон обезбедување на стручното образование и практичната обука, додека во неевропските земји (Канада) повеќе се посветува внимание на образованието за возрасни. Јакнењето на практикантството или учењето преку работа значи поддршка на младите за пристап до работно место, а за возрасните полесно наоѓање работа. Исто така, беше констатирана и разликата помеѓу учењето преку работа или практикантството кај учениците и кај возрасните во однос на мотивацијата, искуството, флексибилноста на програмите, педагогијата, пристапот и времето на учење, широчината на учење, адаптацијата, преквалификацијата и доквалификацијата, платата...

Како заклучок од конференцијата беше истакнато дека практикантството или учењето преку работа значи одговорност за учениците и возрасните да учат и за да ги постигнат работните задачи на работното место, комуникација со заинтересираните чинители и соработка помеѓу образованието и бизнисот низ Европа. Во таа насока постојат повеќе предизвици кои треба да се постигнат:

1. учење преку работа или практикантство за сите поединци - ученици и возрасни;

2. приспособување на програмите на потребите на пазарот на труд;

3. вклучување на учење преку работа на работно место во програмите и приспособување според возраста на поединецот;

4. поттикнување на процесот како да се учи;

5. вклучување на специфични занимања;

6. вклучување на основните и трансферзалните вештини во програмата за учење преку работа;

7. засилено учество на работодавачите во сите сегменти од образованието.

Конференцијата беше организирана од Министерството за образование и култура на Финска, Финската асоцијација за практикантство и Европската комисија, во контекст на финското претседателство со Советот на Европската унија.

м-р Наташа Јаневска