ПОВИК ОД ЕВРОПСКАТА БИЗНИС ЗАЕДНИЦА: ПРОШИРУВАЊЕ НА ЕУ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

   

👁 Прочитано: 781


ПОВИК ОД ЕВРОПСКАТА БИЗНИС ЗАЕДНИЦА: ПРОШИРУВАЊЕ НА ЕУ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија
Околу 20 милиони компании - членки во коморите кои се дел од „Eurochambers“ минатата недела се изјаснија дека деловната заедница на Западен Балкан веќе ја гледаат како дел од европската економија и сакаат економиите на Западен Балкан да станат дел од ЕУ што е можно поскоро. Оваа јасна порака, Европската комора ја испрати до новиот Европски парламент и Европската комисија, како најдобра поддршка за проширување на ЕУ на Западен Балкан и кон активностите на Коморскиот инвестициски форум (КИФ).

Во официјалниот документ, во кој најголемата европска деловна асоцијација ги истакнува своите ставови и препораки за интернационализација на европската економија, како еден од нејзините клучни приоритети, ги наведува идните постапки и градењето релации со најголемите играчи на меѓународната економска сцена, како што се Кина, САД, но и латиноамериканските  и  африканските земји, а посебен акцент е ставен на соработката со економиите од Западен Балкан.

„Eurochambers“ којашто брои 46 национални и 1.700 регионални и локални стопански комори од цела Европа, во порака до европските институции, го поздрави позитивниот моментум и напредокот во процесот на проширување на ЕУ на Западен Балкан и заедно со Коморскиот инвестициски форум на ЗБ 6, повика за поголема поддршка на малите и средни претпријатија од регионот во процесот на дигитализирање на нивните бизниси, подоброто користење на потенцијалот за иновации, олеснување на пристапот до финансии и приспособување кон правилата и стандардите на ЕУ, за да можат што поскоро да уживаат конкретни придобивки од процесот на европска интеграција.

Во исто време, „Eurochambers“ и Коморскиот инвестициски форум, официјално ја повикаа новата Европска комисија да ги спроведе досегашните договори и да воспостави заедничка деловна платформа за континуирана соработка на европските институции со деловната заедница на Западен Балкан, којашто преку јавно-приватен дијалог ќе се осврне на прашања релевантни за економијата, како што се трговските олеснувања, забрзувањето на прекуграничните процедури, поконкурентен статус на услужните индустрии на ЗБ 6 , подобар пристап до ЕУ-фондовите и др.

Официјалното соопштение на „Eurochambers“ ја истакнува важноста на активностите за унапредување на стручното оспособување и учење преку работа, преку имплементација на дуалното образование засновано врз најдобрите практики на ЕУ. „Eurochambers“ и Коморскиот инвестициски форум предлагаат дополнително зајакнување на механизмите за поддршка на деловните активности во Западен Балкан, во согласност со практиките на развиените земји, односно коморите на развиените земји, како и поамбициозен развој на претпристапните програми и механизми предвидени со европските структурни и инвестициски фондови и Европскиот фонд за стратешки инвестиции, вклучувајќи и проширување и подобрување на рамката за инвестиции во приватниот сектор на Западен Балкан. Овие предлози се пред се` во насока на подобрување на пристапот до финансиски средства за малите и средни претпријатија од регионот, со висок потенцијал за раст и развој.

Ставот на „Eurochambers“ е дека коморите од  Западен Балкан треба да бидат вклучени во различни технички комитети на Европската унија и работните групи на Европската комисија, особено оние што покриваат економски и финансиски прашања, како и оние коишто се занимаваат со прашања од областа на деловните стандардизации.

Сето ова, како што е наведено во официјалниот документ, ќе помогне да се намалат трошоците на бизнис заедниците од земјите на ЗБ 6 и дополнително да се зајакне конкурентноста на регионот.