ПРЕДЛОГ - ЗАКОН ЗА ГРОБИШТА И ПОГРЕБАЛНИ УСЛУГИ



Основните цели на Законот за гробишта и погребални услуги се одвојување на управувањето и одржувањето на гробиштата како објекти на основната комунална инфраструктура и вршењето на погребалните услуги.

I.Управување со гробишта

Согласно Предлог – законот, управувањето со гробишта го врши управител на гробишта.

Управувањето со гробишта на своето подрачје општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, го врши преку јавно претпријатие за комунални услуги или преку правно лице кое има дозвола за управување со гробишта, врз основа на јавен повик (во натамошниот текст: управител на гробишта).

Јавното претпријатие е должно за вршење на работите управување со гробишта да води посебно сметководство за приходите и расходите остварени од вршењето на оваа дејност.

Правното лице меѓусебните права и обврски со општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје ги уредува со договор.

Доколку на подрачјето на одредена општина нема управител на гробишта, во тој случај две или повеќе општини можат да основаат заедничко јавно претпријатие согласно Законот за меѓуопштинска соработка или заеднички го организираат управувањето со гробиштата врз основа на спогодба согласно Законот за комуналните дејности.

Дозвола за управување со гробишта

За добивање на дозволата за управување со гробишта, правното лице плаќа соодветен надоместок. Висината на надоместокот за добивање на дозволата е 500 евра во денарска противвредност. Средствата остварени од овој надоместок се приход на Буџетот на Република Северна Македонија.

Правните лица за управување со гробиштата се должни да имаат осигурување за одговорност за штета во осигурителна компанија во Република Северна Македонија за надоместување на евентуална штета настаната по однос на одговорноста во вршењето на неговата дејност во висина на осигурителна полиса од 10.000 евра во денарска противвредност.

Постапката за добивање на дозвола за управување со гробишта започнува со поднесување на барање до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи. Органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи е должен во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето да издаде дозвола или да донесе решение со кое ќе го одбие барањето за издавање на дозвола.

Доколу органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи донесе решение за одбивање на барањето за издавање на дозволата подносителот на барањето може да изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот.

II. Вршење на погребални услуги

Во делот посветен на погребалните услуги со Предлог – законот се уредува дека погребалните услуги ги вршaт правни лица кои имаат добиено дозвола за вршење на погребални услуги и кое има склучено договор за вршење на погребални услуги со општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје.

Општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје, јавно претпријатие на општината, како и одговорното лице на општината и јавното претпријатие не смее да формира правно лице за вршење на погребални услуги.

Заради обезбедување на вршење на погребални услуги општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје склучуваат договор за вршење на погребални услуги со правните лица кои имаат добиено дозвола за вршење на погребални услуги.

Правните лица кои имаат добиено дозвола за вршење на погребални услуги издадена од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи, поднесуваат барање до општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје за склучување на договорот.

Општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје во рок од пет работни дена од денот на поднесувањето на барањето, задолжително склучуваат договор за вршење на погребални услуги со лице кое има добиено дозвола за вршење на погребални услуги издадена од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи.

Доколку општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје не го склучи договорот, должни се да донесат решение со кое се одбива барањето. Против решението со кое се одбива барањето, лицето има право да поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи.

Договорот задолжително содржи одредба со која правните лица се обврзуваат да вршат погребални услуги на подрачјето на соодветната општина, општина во градот Скопје, односно градот Скопје за период додека е во важност издадената дозвола за вршење на погребални услуги.

Договорот може да се продолжи со поднесување на барање за негово продолжување во рок од еден месец пред истекот на договорот и доколку лицата приложат нова дозвола за вршење на погребални услуги односно продолжат да ги исполнуваат условите за вршење на погребални услуги согласно одредбите на овој закон.

Општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје должни се веднаш а не подолго од три работни дена на нивната официјална електронска страница да го објават називот и адресата на лицата со кои имаат склучено договор за вршење на погребални услуги.

По исклучок, доколку во одредена општина, општина во градот Скопје односно градот Скопје нема поднесено ниту едно барање за склучување на договор за вршење на погребални услуги на подрачјето на општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, во тој случај се до склучувањето на договор, вршењето на погребалните услуги го обезбедува општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје преку управителот на гробиштата, на начин пропишан со Законот и со склучување на договор. Договорот задолжително содржи одредба дека управителот на гробиштата ќе ги врши погребалните услуги до склучување на договор за погребални услуги со оператор за вршење на погребални услуги.

Правните лица можат да поднесат барање за склучување на договорот за врпење погребални услуги до повеќе општини, општини во градот Скопје, односно градот Скопје.

Дозвола за вршење погребални услуги

За добивање на дозволата за вршење погребални услуги, правното лице плаќа соодветен надоместок. Висината на надоместокот за добивање на дозволата е 200 евра во денарска противвредност. Средствата остварени од овој надоместок се приход на Буџетот на Република Северна Македонија.

Правните лица за вршење на погребални услуги се должни да имаат осигурување за одговорност за штета во осигурителна компанија во Република Северна Македонија за надоместување на евентуална штета настаната по однос на одговорноста во вршењето на неговата дејност во висина на осигурителна полиса од 5.000 евра во денарска противвредност.

Постапката за добивање на дозвола за вршење на погребални услуги започнува со поднесување на барање до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи.

Органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи е должен во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето да издаде дозвола или да донесе решение со кое ќе го одбие барањето за издавање на дозвола.

Доколу органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи донесе решение за одбивање на барањето за издавање на дозволата, подносителот на барањето може да изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот.

Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје