Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
01.10.2019 👁 Прочитано: 987

НЕСЕЛЕКТИВНА ПРИМЕНА НА ЗАКОНИТЕ И КАЗНИ ЗА ОНИЕ КОИ НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ !


М-р Анета Димовска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија
- излагање на Тркалезната маса на тема: „ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО КАКО ИМПЕРАТИВ ЗА СТАБИЛНИ И ПРЕДВИДЛИВИ УСЛОВИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС”, во организација на Стопанската комора на Македонија (26.8.2019 година)

Најнапред, сакам да изразам жалење што речиси после скоро три децении од самостојноста на нашата држава уште дискутираме на темата дека владеењето на правото е предуслов за водење бизнис.

Зошто е значајно владеењето на правото за бизнисот?!

Во пазарната економија, како што се претендира да се нарече нашата, клучни се два сегмента кои владеењето на правото го прават императив за бизнисот:
          1. потребата од обезбедување заштита на сопственоста и
          2. гарантирање спроведување на договорите помеѓу субјектите.

Пазарната економија почива на приватната сопственост, што значи дека правото мора да ја штити сопственоста, грижејќи се за обезбедување еднакви услови за сите и фер третман, бидејќи само во такви услови ефикасно можат да се  алоцираат ресурсите, а сопствениците да се мотивирани да работат, да го зголемуваат имотот, односно капиталот и на тој начин да се придонесе за поголемо општествено богатство и подобар животен стандард. Исто така, за да функционира пазарот, неопходна е гаранција дека договорите кои се склучуваат помеѓу економските субјекти ќе се спроведуваат, што значи обезбедување на предвидливост во економските односи и намалување на неизвесноста на инвеститорите дека нивните договорни права ќе бидат навремено реализирани.

Без овие гаранции за заштита на сопственоста и сопственичките права и гаранции за спроведување на договорите, не може да се зборува за пазарна економија, невозможно е да се развива претприемнички дух и да се води бизнис.

Што покажува нашата реалност во овој контекст?!

Факт е дека постои регулатива која обезбедува гарантирање на овие права, но се` уште не успеавмe да создадеме компетентна администрација која ќе обезбеди нивно спроведување, особено кога станува збор за остварување на одредени права во управна постапка, не успеавме да создадеме компетентни и добро екипирани инспекциски служби и, за жал, немаме правосуден систем на кој бизнисот би можел да се потпре, во насока на ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал и обезбедување брзо и правично судење.

Значи, да, во Македонија постојат закони кои ги уредуваат односите, но тоа не е доволно, бидејќи истите селективно се спроведуваат или не се спроведуваат воопшто.

На пример, во 2015 година се донесе нов Закон за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“, бр. 124/15), а со цел негова доследна имплементација се направија измени во сите посебни закони во кои се пропишува надлежност на органите за донесување управни акти (решенија, дозволи, одобренија, лиценци и сл.).

Во тој процес 166 закони се усогласија со новините во Законот за општата управна постапка. На пример, новина која се предвиде, а која е клучна од аспект на бизнисот и  требаше да ги олесни и да ги забрза постапките пред државните органи е тоа што доказите кои треба да се обезбедат за да се оствари одредено право, а кои постојат во службена евиденција на јавните органи не треба странката да ги приложи кон барањето со цел да се утврди исполнувањето на потребните услови.

Значи, во 166 закони кои и во моментов се во примена стои дека од странката може да се бараат само докази кои не постојат во службена евиденција на јавните органи. Другите докази органот треба да ги прибавува по службена должност. Пример: од странката може да се бара лекарско уверение, геодетски елаборат и слично, но податоци од УЈП, Агенцијата за вработување и други органи треба да се обезбедат по службена должност. 

Ништо од ова во пракса не функционира и никој не сноси одговорност за истото, покрај тоа што се предвидени прекршошчни одредби за службените лица во органот кој решава за права и правни интереси на граѓаните.

Не се почитуваат ниту роковите во кои службените лица треба да постапат по закон за решавање на одреден предмет, а никој не одговара доколку во законскиот рок не го решат предметот или не постапат по одредено барање .

Бизнисмените реагираат, но само вербално, а ретки се оние кои правдата ја бараат пред управен суд. Така, се` уште бизнисот е слуга на администрацијата, наместо нејзин господар.

Со инспекторатите кои треба да гарантираат владеење на правото состојбата е слична. Пропуштањето на контроли или селективно спроведување на истите, значи дозволување на дејствија кои се спротивни на закон. Отсуството на силна решеност во нивно спречување и санкционирање го нарушува амбиентот за работа на фирмите и граѓаните кои се посветени кон исполнување на обврските.

Исто така, би сакала да истакнам и пример за политики кои го нарушуваат системот, во смисла генерираат идни очекувања кај субјектите дека непочитувањето на законот и обврските кон државата во конкретен момент можат да поминат неказнето, па дури и истите да се наградат во иднина.

Таков пример е отпишувањето на долговите по основ на придонеси од здравствено осигурување на неплаќачите. Покрај тоа што одредени правни лица обврзници за плаќање на придонесите не биле благовремено санкционирани за неисполнувањето на законската обврска, по извесен период се наградени со тоа што државата им ги простува долговите. Оштетени се правните субјекти кои редовно ги исполнуваат своите обврски кон државата, како и системот воопшто, бидејќи неказнивоста, која во конкретниот случај е наградување за неисполнети обврски долгорочно ја ослабува довербата и лојалноста на фирмите кон државата.

Би заклучила дека овие состојби доведуваат до несоодветен амбиент за бизнисот, бидејќи неказнивоста и селективното спроведување на правото предизвикува ситуација во која непочитувањето на законите од страна на поединци станува исплатливо.

Овозможено е заради персонализирани односи со институциите и владеење на познанствата, наместо владеење на правото, како и заради популистичките одлуки на владеачките елити како инстант решение на одреден проблем на поединци или група, со што всушност долгорочно се дерогира системот.

Ако вака ги дефинираме проблемите, решение на истите би било:

* да се создаде систем на деперсонализирани односи со институциите од извршната и судската власт и 
* амбиент на неисплатливост на непочитување на законите, што значи неселективна примена на законите и казни за оние кои не ги почитуваат истите.

За да се случи ова, неопходна е силна општествена волја и поддршка за решавање на овие проблеми, првенствено силна посветеност на политичките елити за решавање на овие прашања.

НЕСЕЛЕКТИВНА ПРИМЕНА НА ЗАКОНИТЕ И КАЗНИ ЗА ОНИЕ КОИ НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ !