ПРЕКУ МЕЃУНАРОДНА КОНВЕНЦИЈА ДО НАМАЛУВАЊЕ НА ДАНОЧНАТА ЕВАЗИЈА

   

👁 Прочитано: 683


ПРЕКУ МЕЃУНАРОДНА КОНВЕНЦИЈА ДО НАМАЛУВАЊЕ НА ДАНОЧНАТА ЕВАЗИЈА

Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
На почетокот на месец септември оваа година кај нас се донесе Законот за ратификација на Конвенцијата за заемна административна помош за даночни прашања, изменета со Протоколот од 2010 година.

Конвенцијата е создадена и развивана од страна на ОЕЦД и Советот на Европа во 1988 година, а дополнета со Протокол во 2010 година. Истата претставува најсеопфатен мултилатерален инструмент за даночна соработка помеѓу земјите - потписнички, со цел справување со даночното затајување и избегнувањето  плаќање данок.

Конвенцијата за заемна административна помош за даночни прашања предвидува меѓусебна административна помош на земјите - потписнички, а помошта, онаму каде што е соодветно, може да вклучи и мерки кои ги преземаат правосудните органи.

Административната помош се состои од размена на информации за даночни прашања со другите држави - потписнички, вклучувајќи и истовремена даночна контрола и учество во даночни контроли во странство, помош при наплата, вклучувајќи и мерки на обезбедување и доставување документи. Сите потписнички на Конвенцијата имаат обврска да обезбедуваат административна помош без разлика дали лицето за кое станува збор е резидент или државјанин на страната или на која било друга земја.

Начелно, Конвенцијата се применува на: даноците на доход или добивка (вклучително и на даноците на капитална добивка), даноците на имот, наследство или подарок, придонесите од задолжително социјално осигурување, даноците на општа потрошувачка (ДДВ и данокот на промет), даноците со кои се оданочуваат моторните возила и на акцизите.

Конвенцијата предвидува неколку видови на размена на информации помеѓу земјите - потписнички и тоа: размена за даночни цели на барање, автоматска размена на информации и спонтана размена на информации. Размената на информации за даночни цели на барање на засегната страна ја обврзува земјата - примател на барањето ако располага со информациите кои се побаруваат во сопствената даночната евиденција истите да ги достави до земјата - барател. Автоматската размена на информации се однесува на информациите за  кои две или повеќе страни потписнички на Конвенцијата однапред се договориле да ги разменуваат автоматски. Спонтаната размена на информации претпоставува дека една страна без претходно барање од другата ги проследува информациите за кои има сознание и за кои постои претпоставка дека можат да доведат до загуба на даночни приходи кај другата страна.

ПРЕКУ МЕЃУНАРОДНА КОНВЕНЦИЈА ДО НАМАЛУВАЊЕ НА ДАНОЧНАТА ЕВАЗИЈА  

Согласно Конвенцијата, земјите - потписнички се обврзуваат врз основа на барање на надлежен орган од земјата - подносител на барањето, да овозможат претставници на надлежниот орган подносител на барањето да присуствуваат во соодветен дел од даночната контрола во земјата - примател на барањето.

Исклучително важно е тоа што врз основа на оваа Конвенција може да се преземаат потребни чекори за наплата на даночни побарувања во странство, во смисла ако одредена земја - потписничка на Конвенцијата достави барање за наплата на даночни побарувања, земјата која го примила ваквото барање има обврска да постапи и да ги наплати даночните побарувања како да се нејзини даночни побарувања.

Со потпишувањето на Конвенцијата и со нејзината ратификација, односно со стапувањето во сила на Законот се создава реална можност македонските даночни власти да ја зголемат соработката со даночните власти во другите држави - потписнички, а со тоа и да ја намалат даночната евазија, што е една од врвните заложби на деловната заедница.

Спречување, откривање и намалување на даночната евазија е приоритет за кој постојано се залага и Стопанската комора на Македонија, бидејќи покрај тоа што истата директно влијае врз намалувањето на даночните приходи, таа значи и нерамноправна положба на економските субјекти, односно овозможување  конкурентска предност на субјектите кои спротивно на закон одбегнуваат да ги платат даноците.

Практично, со стапувањето во сила на Законот и воспоставувањето на потребната инфраструктура за негова примена, македонските даночни власти ќе бидат во состојба да соработуваат за даночни цели со 129 даночни јурисдикции кои во моментот учествуваат во Конвенцијата, вклучувајќи широк спектар на земји, земјите од Г-20 (19 најразвиени држави и Европската унија), државите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка), земјите на ОЕЦД, како и поголем број земји во развој.

Оттаму, треба да се поздрави донесувањето на Законот за ратификација на Конвенцијата за заемна административна помош за даночни прашања, изменета со Протоколот од 2010 година и да се охрабрат даночните власти за понатамошно преземање на сите потребни активности со цел негова примена и намалување на даночната евазија.