УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕТО И ОСИГУРУВАЊЕ ВО СЛУЧАЈ НА НЕВРАБОТЕНОСТ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 136 ОД 27.05.2020)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 26 мај 2020 година донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕТО И ОСИГУРУВАЊЕ ВО СЛУЧАЈ НА НЕВРАБОТЕНОСТ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 89/20), во член 1 во ставот 2 во десеттиот ред по зборот „невработеност,“ се додаваат зборовите „како и за основите кои се однесуваат на давање на писмена изјава за престанок на работниот однос, спогодбено престанување на работниот однос и за престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавачот утврдени во член 67 алинеите 1, 2 и 6 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.“

Член 2

По членот 2 се додаваат два нови члена 2-а и 2-б, кои гласат:

„Член 2-а

Невработеното лице на кое работниот однос му престанал во периодот од 11 март 2020 година до 30 април 2020 година, независно од времето поминато во работен однос, може да оствари право на паричен надоместок во висина од 50% од месечна нето плата на работникот исплатена за последниот месец, но не повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, објавена за последниот месец, во случај кога работниот однос му престанал со давање на писмена изјава од страна на работникот, спогодбено му престанал работниот однос или работниот однос му престанал со отказ од страна на работодавачот, за времетраење од два месеци, сметано од престанокот на работниот однос.

Доколку невработеното лице од ставот 1 на овој член, по истекот на користење на правото на паричен надоместок, заснова нов работен однос, ќе може повторно да се стекне со право на паричен надоместок согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, при што не се зема во предвид користењето на правото на паричниот надоместок согласно оваа уредба со законска сила.

Член 2-б

Правото на паричниот надоместок од членот 2-а од оваа уредба со законска сила, се остварува врз основа на барање од невработеното лице.

Барањето од ставот 1 на овој член, се доставува во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. “

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4565/1

Претседател на Владата

26 мај 2020 година

на Република Северна Македонија,

Скопје

Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје