УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА НАСЕЛЕНИЕТО ОД ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 136 ОД 27.05.2020)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 22 мај 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА НАСЕЛЕНИЕТО ОД ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/20, 76/20, 94/20, 97/20, 100/20), членот 2 се менува и гласи:

„За заболени од заразната болест Коронавирус COVID-19, при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови или во здравствена установа, за што одлучува здравствен работник по извршена проценка на тежината на клиничката слика.

На лице кое било или се сомнева дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со Коронавирус COVID-19 се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација) во времетраење од 14 дена, за што лицето потпишува писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност дека ќе ја почитува мерката, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесува решение.

Доколку лицето од ставот 2 на овој член не ја применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објекти определени од Владата на Република Северна Македонија, за што Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Северна Македонија донесуваат решение.

Секое лице при влез на граничен премин на територија на Република Северна Македонија е должно со себе да приложи соодветна медицинска потврда со негативен резултат од PCR тест, направен во последните 72 часа пред да влезе на територија на Република Северна Македонија, поради потребата од упатување на лицето во задолжителна домашна самоизолација (државјани на Република Северна Македонија), односно самоизолација во објектот каде лицето има пријавено престојувалиште (странски државјани).

Доколку лицето од ставот 4 на овој член, не приложи соодветна медицинска потврда со негативен резултат од PCR тест, направен во последните 72 часа пред да влезе на територија на Република Северна Македонија, му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објектите од став 3 на овој член.

Заради спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на Коронавирусот COVID-19 и поефикасно утврдување дали одредено лице било, или се сомнева дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со Коронавирус COVID-19, како и навремено информирање на одредено лице дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со Коронавирус COVID-19 и негов навремен медицински третман, Министерството за здравство како мерка може да примени и најнови технолошки достигнувања (интернет платформи, паметни апликации, електронски услуги и слично), при што во однос на обработката на личните податоци се применуваат прописите од областа на заштита на личните податоци, како и соодветни технички и организациски мерки за да се обезбеди ниво на безбедност на личните податоци соодветно на ризикот.”.

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4461/1

Претседател на Владата

22 мај 2020 година

на Република Северна Македонија,

Скопје

Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје