РУДНИКОТ „САСА“ ДОНИРАШЕ СОВРЕМЕН АПАРАТ ЗА АНЕСТЕЗИЈА ЗА ОПШТАТА БОЛНИЦА ВО КОЧАНИ
👁 Прочитано: 1752



РУДНИКОТ „САСА“ ДОНИРАШЕ СОВРЕМЕН АПАРАТ ЗА АНЕСТЕЗИЈА ЗА ОПШТАТА БОЛНИЦА ВО КОЧАНИ

Oпштата болница со проширена дејност од Кочани денеска доби нов апарат за анестезија како донација од рудникот „Саса“ од Македонска Каменица.

Се работи за најсовремен уред во анестезиологијата од германскиот производител „Дрегер“, кој содржи и респиратор, односно интегриран модул за мерење на концентрација на гас во дишниот систем (SCIO модул).

Донацијата за болницата во Кочани, на чие примопредавање попладнево присуствуваа директорите на установата и на рудникот, е дел од вкупната помош во медицинска опрема, заштитни материјали, прехранбени и хигиенски производи и парични средства што менаџментот на „Саса“ ги обезбеди здравствените установи во регионот, а за справување со пандемијата на Ковид-19.

– Од името на вработените во болницата во Кочани упатувам голема благодарност до рудникот Саса, како општествено одговорна компанија, за несебичната помош во справувањето со Ковид-19 пандемијата. Со оваа донација ќе имаме заокружен систем за лекување и на најтешките болни со апарат за анестезија и статичен респиратор во интензивната нега, како и мобилен респиратор за транспорт на болните во повисоките инстанци, истакна директорот на Општата болница со проширена дејност, Александар Серафимов.

Генералниот директор на рудникот „Саса“, Олег Телној истакна дека целиот персонал на болницата во Кочани, како и сите останати здравствени работници ширум земјата, заслужуваат посебна благодарност за нивниот ангажман и залагање во третманот на пациентите со Ковид-19, но и на останатите пациенти.

-Горди сме што во овие тешки времиња имаме можност да помогнеме онаму каде што помошта е најпотребна. Соработуваме со институциите на локално и национално ниво за да утврдиме како можеме најдобро да придонесеме во борбата против Ковид-19. Веруваме дека донациите што ги обезбедивме, како што е оваа за болницата во Кочани, ќе придонесат сите заедно полесно да ги надминеме предизвиците што оваа пандемија ни ги наметна, додаде Телној.

Општата болница со проширена дејност во Кочани има регионален карактер и освен пациентите од општина Кочани, здравствени услуги добиваат и граѓаните од соседните општини кои гравитираат кон неа. 

Превземено од: МИА.МК

Служба за информирање при Комората