Пријавете ни со каков проблем се соочувате и доставете ни слика од терен
➢ ВАЖНО (24.07.2020)
👁 Прочитано: 3760



Пријавете ни со каков проблем се соочувате и доставете ни слика од терен

Стопанската комора на Македонија, како претставник на најголемата бизнис заедница во државата, интензивно во минатите години презема иницијативи за поедноставување на постапките и скратување на времето кое товарните возила го поминуваат во чекање на границите. Лани, според податоци на Светската банка, балканските земји губат една милијарда американски долари годишно заради чекање на граничните премини. Транспортните средства, а посебно камионите, 80 проценти од своето време го поминуваат во чекање на границите, а само 20 проценти на автопатите.

Оттука, долгите процедури и време на чекање на камионите на граничните премини предизвикуваат нетарифни трошоци кои крајно неповолно се одразуваат врз економско-финансиското работење и конкурентноста на учесниците во меѓународната трговска размена (транспортери, увозници, извозници, корисници на транспортни услуги и др.), предизвикувајќи негативни ефекти како врз интензитетот на меѓународната трговија, така и врз процесот на послободно движење на луѓе и капитал во меѓународни рамки.

Стопанската комора на Македонија согледувајќи ја тежината и последиците од ваквата појава, активно е вклучена во активностите за подобрување на состојбите на ова поле, во насока на забрзување на протокот на камионите преку граничните премини, надминување на бариерите и олеснување на граничните процедури и формалности. За постигнување на ова цел, Комората најнапред на почетокот на годинава, направи согледување на состојбите по пат на непосредно присуство на стручни тимови на дел од најфреквентните гранични премини со соседните земји, со цел да се направи детектирање на присутните појави при спроведување на царинските формалности. Резултатите кои произлегуваат од сите согледувања, редовно на соодветен начин ги доставуваме до надлежните државни органи, со барање да бидат донесени соодветни мерки и решенија за подобрување на состојбите на ова поле и забрзување на фреквентноста на возилата преку граничните премини, односно забрзување на целокупниот процес на прекугранична стоковна размена, на луѓе и на капитал преку истите.

Во рамките на досегашните наши анализи врз основа на укажувањата на компаниите вниманието беше насочено кон неколку прашања како:

  1. Просечното време на техничка обработка на документи и ослободување на возило при излез од нашата држава на Царинска испостава и контролата од страна на МВР,
  2. Просечното време на чекање на камионите на Царински терминал во услови на транзитна постапка, како и во услови на внатрешна транзитна постапка со цел завршување на царинската постапка со царинење во царинарница во внатрешноста на државата,
  3. Во услови кога царинската постапка завршува со царинење во царинскиот терминал на граничен премин, просечното време на чекање зависи од видот на стоката и е условен од времетраењето на фитосанитарната и ветеринарната контрола. Колку време трае царинската постапка доколку стоката не подлежи на фитосанитарна и ветеринарна контрола,
  4. Колку време трае царинската постапка ако станува збор за стока која подлежи на фитосанитарна контрола,
  5. Колку време трае царинската постапка во случај на ветеринарна контрола и сл.

Со цел намалување на трошоците на македонските компании, зголемување на нивната конкурентност, а пред се` конкурентноста на македонските производи, но и со цел зголемување на извозот од државата, посебно во вакви времиња на работа, неопходно е натамошно олеснување на протокот на стоки преку поедноставување на процедурите и намалување на времето кое се минува на граничните премини бидејќи транспортните трошоци претставуваат значителен фактор во формирањето на цените на чинење на производите.

Доколку, како компании-учесници во меѓународните царински формалности имате свои согледувања и препораки коишто можат да дадат соодветен придонес во отклонување на одредени пречки кои го закочуваат бизнисот, Ве повикуваме истите да ни ги доставувате со слика и текст од терен на следниот e-mail:aneta.dimovska@mchamber.mk.

Исто така, доколку имате пофалба за одредена постапка или позитивно искуство врска оваа проблематика, Ве повикуваме и тоа да го споделите со нас, со цел да покажеме дека има и успешни примери на добро функционирање кои можат да бидат пример во работењето.

 

Служба за информирање при Комората