СО ВИСОКИ СТАНДАРДИ ДО УСПЕХ – „НЕЛТ“

   

👁 Прочитано: 1957


СО ВИСОКИ СТАНДАРДИ ДО УСПЕХ – „НЕЛТ“

Претставниците на Стопанската комора на Македонија, м-р Анета Трајковска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија и м-р Анета Димовска, самостоен советник во Комората, остварија работна посета на компанијата „НЕЛТ“ од Скопје. Во рамки на работната посета се сретнаа со генералниот директор на „НЕЛТ“ за Македонија и Косово, Зоран Стојчевски, со Методија Христовски, директор на логистика и со Раде Јашовиќ, финансиски директор на компанијата.

Веќе 20 години оваа компанија која е со доминантен српски капитал е една од водечките во Македонија во областа на дистрибуцијата и логистичките услуги. „НЕЛТ“ во моментов вработува околу 200 лица и е сместен во општина Илинден, со магацински и административни простории на простор над 3.000 м2. Преку испораката на производи со висок квалитет, на безбеден и брз начин „НЕЛТ“ значајно придонесува за квалитетот на македонскиот пазар, но и на другите пазари каде е застапена оваа компанија.

Имено, Групацијата „НЕЛТ“, на која припаѓа и македонската „НЕЛТ“, е присутна на пазарите во Европа, присутна е во сите држави од регионот (Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Косово), а во поново време и во одредени држави во  Африка. Така, организацискиот систем на „НЕЛТ“ поврзува 4.000 вработени во 14 компании на пазарите во 11 држави.

Современите технологии и високите стандарди кои ги користи „НЕЛТ“ во областа на складирањето и на дистрибуцијата на стока придонесуваат за изградените долгорочни партнерски односи со многу лидери во соодветните деловни полиња, како: „Procter&Gamble“ (со брендовите „Ariel“, „Pampers“, „Always“, „Head&Shoulders“ и други), „Mondelēz International“ (со брендот „Милка“) и други. Оваа компанија својот развој го базира на етичкото работење и на желбата да придонесе кон создавање подобра средина за вработените, партнерите и пошироката општествена заедница, со постигнување добри деловни резултати и високо ниво на одговорност за животната средина.

На состанокот во „НЕЛТ“ од страна на претставниците на Комората беа презентирани тековните активности и приоритетите на Комората за следниот период. Раководството на „НЕЛТ“ ги претстави идните планови за развој на компанијата, како и клучните предизвици со кои се соочува оваа компанија во секојдневното работење. Имено, одредени пречки во работењето постојат заради ригидност на регулативата од областа на превоз во патниот сообраќај, како и заради законското ограничување на плаќањето во готово, што резултира со загуба на помали клиенти на кои оваа компанија им е добавувач, а кои не се подготвени плаќањата да ги вршат на фактура.

Заеднички, се заклучи дека е потребно да се достави иницијатива до надлежните органи со предлози за промена на регулативата во делот на  патниот сообраќај и се изрази подготвеност за поактивно иднo вклучување на оваа реномирана компанија во проектите на Стопанската комора на Македонија.

м-р Анета Димовска