РЕФОРМА НА ДАНОЧНИОТ СИСТЕМ?!

   

👁 Прочитано: 689


РЕФОРМА НА ДАНОЧНИОТ СИСТЕМ?!
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Министерството за финансии промовираше Стратегија за реформа на даночниот систем 2020-2023. Согласно образложението во истата главна цел е да обезбеди даночните власти да се однесуваат на ефикасен, координиран и ефективен начин кон постигнување на заедничка цел - инклузивен и одржлив економски раст.

Подготовката на ваква амбициозна Стратегија е за поздравување, но сепак треба да се укаже на одредени аспекти поврзани со истата.

Лајтмотив во Стратегијата е поголемата праведност кај оданочувањето, со образложение дека  под праведност се подразбира систем на оданочување што е праведен за сите кои имаат обврска да плаќаат даноци согласно законот. Дел од праведноста секако почива на прогресивното оданочување со данок на личен доход, кое се одложи за 2023 година.

За да е праведен системот најнапред треба сите кои се обврзани со закон да плаќаат данок да се доведат во ситуација реално да го плаќаат данокот, значи институциите да работат да се намали евазијата. Во спротивно, воведувањето на прогресивен данок на личен доход само ќе стимулира евазија, како што впрочем се покажа при обидот за негово воведување во 2019 година, што секако не е праведно.

Стратегијата предвидува воспоставување на систем на вертикална праведност, која може да се смета за поширока отколку прогресивноста на даноците. Ваквиот систем во пракса значи повисоки даночни стапки, со многу даночни ослободувања и олеснувања, а предуслов за негово воспоставување е добро подготвена даночна администрација, што не е случај во моментов кај нас.

Постојната состојба од аспект на старосната структура и бројот на инспектори во нашата Управа за јавни приходи е крајно неповолен. Тоа е констатирано и во редовниот Годишен извештај на ММФ за 2019 година (2019 ARTICLE IV Consultation), каде стои дека подобра даночна администрација и подобри даночни инспектори се клучен фактор за спречување на нелегалните активности на терен, а оваа стратегијата не нуди конкретен одговор како ќе создадеме „подобри“ инспектори, кога за создавање на квалитетен инспекциски кадар неопходни се години искуство и практична работа.

Разочарува фактот што во Стратегијата во однос на царинската политика само се констатира дека: „Царинските стапки се релативно ниски во Република Северна Македонија поради високиот степен на либерализација на трговијата. Во 2018 година тие учествуваа со 3% во вкупните буџетски приходи (0,9% од БДП).’’ И толку...

Стопанската комора на Македонија повеќе пати и на различни начини укажуваше и доставуваше барања до надлежните институции за ревидирање на царинската политика. Потребно е таа да се промени во насока на утврдување на соодветно ниво на царинска заштита на нашата домашна економија која може да придонесе за подобра позиционираност на светската економска мапа. Заштитната и развојната функција на царините во наши услови мора да се пред фискалната функција и на царините не смее да се гледа единствено како на извор на приход во државниот буџет, туку како на „алатка“ која креаторите на политиката можат да ја употребат за зголемување на конкурентноста на домашната економија.

За ова треба да се разговара, но со оглед на Стратегијата, веројатно нема простор за разговор во наредните три години.

На крај, во Стратегијата нема ништо ниту за уште едно барање на деловната заедница кое многупати е потенцирано како прашање од исклучителна важност за бизнисот, а се однесува на предвидливоста во носење на регулативата која наметнува нови финансиски обврски за деловните субјекти.