Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

11.07.2018


Актуелно  

СРЕДНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА ЗА ПРОСПЕРИТЕТ ВО ЕВРОПА


Под наслов „Иднината на средното стручно образование и обука во Европа“, во Виена, се одржа дводневна конференција со активно учество на претставници од земјите - членки на Европската унија, министри, професори, агенции за стручно образование и обука, претставници на бизнис секторот. На конференцијата беа поканети и присуствуваа и претставници од коморите и од агенциите за средно стручно образование и обука од земјите од Западен Балкан.

Дигитализацијата, глобализацијата, миграцијата и стареењето на населението се само неколку од клучните фактори кои влијаејќи на работата во светски рамки на почетокот на 21. век, создаваат потреби за нови системи за стручно образование и обука во Европа. Зголемување на барањата за вештини и постојано менување на работните профили на сите квалификациски нивоа ги тераат европските системи за стручно образование и обука да бидат одговорни за краткорочни економски барања, додека ја одржуваат потребната стабилност и предвидливост. Ова беа поентите истакнати во рамките на панел дискусиите и работилниците организирани во рамките на Конференцијата за значењето на средното стручно образование и обука, што се одржа на 9 и 10 јули 2018 година во главниот град на Австрија.

На Конференцијата се дебатираше дали системите за стручно образование и обука во земјите од Европската унија се подготвени за во иднина, да продолжат да обезбедуваат висококвалитетен, инклузивен систем на образование и обуката, и дали може да им обезбеди на поединците и на пазарот на трудот вистински сет на вештини, информира Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија, како учесник на Конференцијата.

Преку панел дискусии беа анализирани следните прашања:
- кои се надворешните фактори кои влијаат врз европските системи за стручно образование и обука;
- на кој начин може да доведуваат до промени во постојните институционални, педагошки и политички пристапи и приоритети;
- до кој степен сегашните и идните влијанија се нарушуваат со воспоставениот европски систем на стручно образование и обука и која е заедничката визија на Европа за средно стручно образование и обука во 2020 година;
- кои предизвици треба да се решаваат заеднички од страна на земјите-членки на ЕУ и како може политиката на соработка на ниво на ЕУ да создаде дополнителна вредност и поддршка за националните системи во периодот по 2020 година?

Зошто Европа повторно го става во фокус средното стручно образование и обука? Недостигот од стручен кадар со средно образование безусловно е присутен во сите земји од Европа. Дигитализацијата, автоматизацијата на процесите, комјутеризацијата, глобализацијата, се дел од причините поради кои доаѓа до промена на потребата од стручен кадар на пазарот на труд, а голем дел од работните позиции ќе ги заменат роботите и машините, а се работи и на оптимализација на трошоците. Во јуни 2016 година Европската комисија  публикува „Нова програма за вештини за Европа“, која содржи листа на активности кои веднаш мора да се преземат, со цел да се овозможи Европа да го подобри квалитетот и релевантноста на формирање вештини, да ги направи вештините и квалификациите повеќе видливи и споредливи и истите да се унапредат со можност за обезбедување информации за нова кариера.

Сепак, она што беше посочено и констатирано на Конференцијата во Виена беше дека секоја земја има свој пристап кон обезбедувањето на содржината и управувањето со стручното образование и обука, но меѓу нив постои заедничка основа, а тоа е дека системот за средно стручно образование и обука се смета за специфично образование и обука за занимања и е насочен кон обезбедување квалификувана работна сила и обично се разгледува инфериорно во однос на општото или академското образование. Оттука, неминовен е процесот на дијалог и соработка на сите чинители во процесот со цел да се изгради систем кој ќе даде позитивни ефекти.

Согласно изнесеното, четири главни модели може да се дифузни во европскиот систем на средно стручно образование денеска:
1. системот е базиран на учење преку пракса или дуален систем карактеристичен за Германија;
2. систем кој претставува иницијално стручно образование;
3. системот е препознаен како понатамошна обука;
4. системот  како дел од процесот за доживотно учење.

Како заклучок од Конференцијата беше истакнато дека со оглед на проширувањето и диверзификацијата на стручното образование и обука со нови провајдери и испорака на нови нивоа и во нов контекст, постои причина да се верува дека европското стручно образование и обука ќе станат уште поразновидни и плуралистички. Тоа може да биде позитивен аспект доколку средното стручно образование и обука како процес стане поатрактивно и релевантно образование, но постои опасност да се чувствува во негативна насока дека фрагментацијата и поларизацијата би можеле да се зголемат. Во таа насока постојат повеќе предизвици на кои Европа ќе треба да работи, а тоа се:
- традиционална дистинкција помеѓу субсектори за образование и обука;
- проширување на дефиницијата за средно стручно образование. Креаторите на политиките ризикуваат да ја преиспитаат потребата за стручно ориентирана едукација надвор од традиционалниот сектор за стручно образование и обука;
- развојот на системот во иднина може да бара решенија во развој на одредени потсектори и да вклучува институции и провајдери кои функционираат индивидуално наменски давајќи инпут во образовниот систем во конкретни дејности.

Конференцијата беше организирана од Министерството за образование, наука и истражување на Австрија, во соработка со австриското сојузно Министерство за дигитални и економски прашања и со Европската комисија, во контекст на австриското претседателство со Советот на Европската унија.

Даниела Михајловска Василевска











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права