Одржан „онлајн“ семинар во организација на Стопанска комора на Македонија на тема: ОПТИМИЗАЦИЈА НА ЗАЛИХИ – МОДЕЛИ НА УПРАВУВАЊЕ СО ЗАЛИХИ
➢ Актуелно (27.07.2020)
👁 Прочитано: 1088



Одржан  „онлајн“ семинар во организација на Стопанска комора на Македонија на тема: ОПТИМИЗАЦИЈА НА ЗАЛИХИ – МОДЕЛИ НА УПРАВУВАЊЕ  СО ЗАЛИХИ

Под залиха на стоките се подразбира количество стока (материјал, сопствени производи, полупроизводи и готови производи) која е акумулирана (складирана) поради континуирано (трајно) снабдување, временски и просторно, поблиску или подалеку, за производство или за лична потрошувачка.
Улогата и функциите на залихите е да осигураат континуитет на производствениот процес, задоволство на корисникот и профит. Ова се обработуваше на одржаниот семинар, а беа поентирани и следните подолу наведени клучни елементи.

Управувањето со залихите е клуч за менаџирањето со синџирот за снабдување. Оптимизацијата на нивното ниво, секогаш е цел на компаниите што се ориентирани кон профитот. На тој начин се избегнува ситуацијата ООС (out-of-stock) и пропуштената продажба, додека другиот аспект, односно прекумерната залиха, понекогаш се занемарува. Со квалитетно планирање на продажбата и на набавката, тоа може да се одбегне, а компаниите ќе се фокусираат на минимизирање на трошоците од капиталот, врзани за прекумерните залихи.

Управувањето на залихите е активност, со која се организира снабдување стоки за корисникот, а истовремено ги урамнотежува спротивните цели (доволно стока и минимален трошок). Тоа се координира со набавката, производството и со дистрибуцијата, за да се постигнат потребите на пазарот.

Со оглед на тоа што залихите најнепосредно се поврзани со приходите, забрзувањето на нивниот обрт резултира со зголемен приход и со побрзо ослободување на готовината, која секојдневно е потребна за плаќање на краткорочните и на долгорочните обврски.

Како заклучок од он-лајн семинарот беше подвлечено следното: побрзиот обрт на залихите резултира со поголема ликвидност и солвентност на компанијата, додека посредно, има и позитивно влијание на зголемувањето на профитабилноста.

Предавач на семинарот беше Игор Ќика кој е акредитиран експерт-тренер од страна на PECB (Professional Evaluation and Certification Board, Kanada) со повеќе од 150 тренизи во областа на систем менаџмент, процена на ризик и заштита на податоци, овластен консултант на European Bank for Reconstruction and Development (EBRD) и Deustche Gesellschaft fur Internationale Zusammenarbeit (GIZ).

 

М-р Елизабета Андриевска-Ефтимова
советник во Стопанска комора на Македонија