ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Од компаниите
12.07.2019 👁 Прочитано: 944

Златко Симононовски, ФАКОМ: Годинава очекуваме извоз од над 20 милиони евра


Интервју со Златко Симононовски, пренесено од Izvonzici.mk

Високите давачки спрема државата и отежнатиот пристап до финансии се меѓу најголемите предизвици за извозниците

Со какви извозни резултати ја завршивте изминатата 2018 година и кави се проекциите за 2019 година?

Најпознатата македонска компанија за производство на челични конструкции и опрема ФАКОМ АД во 2018 година оствари приходи од продажба во износ од 22,3 милиони евра и истите се зголемени за 6% во однос на 2017 година. Остварената структура на приходот покажува дека 67% е реализиран на странскиот пазар и вредноста на остварениот извоз во 2018 е 15,2 милиони евра преку пласман на своите производи во повеќе бродоградилишта во Италија, во европските земји како и во САД, Русија, Индонезија, Мексико и други земји. Исто така во 2018 година ФАКОМ ја зголеми продажбата и на домашниот пазар за 1,7 милиони евра, што претставува зголемување за 30% во однос на 2017 година.

Во 2019 година се очекуваат слични количини за изработка на заварени профили за италијанската бродоградба како и зголемување на количините за изработка на челични конструкции и опрема за разлика од минатата година, со што во зависност од цената на основниот материјал би резултирало со обрт на средства од околу 23 милиони евра.

Во однос на инфраструктурните проекти кои се очекуваат во 2019 година ФАКОМ конкурираше во реконструкција на железничката инфраструктура во Србија, како и на неколку мостови и вијадукти во Хрватска, но исто и во Хрватска, Турција и земјите во северна Африка и Блискиот Исток.  Очекуваме побарувачката за производство на вертикални резервоари да продолжи, да се продолжи со инвестициите во капацитетите за производство на електрична енергија во земјава и во регионот.

Во соработка со компанијата Cimolai Holding S.p.A од Италија, Факом АД отвори своја подружница во Италија за која е обезбедена континуирана работа за подолг временски период. Oд почетокот на месец започнавме со производство во погоните во San Georgio Di Nogaro.

Кои се најголемите проблеми и предизвици со кои се соочува Факом како компанија и индустријата во која работите при извозот?

ФАКОМ при извозот се соочува со многу предизвици и пречки на извозните пазари, но со посветеност и енергија успева да се справи со нив. Меѓу предизвиците со кои се сочува ФАКОМ при извозот се високите давачки спрема државата и отежнатиот пристап до финансии за финансирање на поголеми проекти кои ќе бидат конкурентни на извозниот пазар.

Кои се најголемите извозни пазари за вашата компанија? Отворени нови пазари и планови за влез на нови извозни пазари?

Најголеми извозни пазари на ФАКОМ се Хрватска со 42% учество во приходот од странство, Италија со 35% и Холандија со 20%. Вредно е да се напомене дека во соработка со нашата партнерска фирма од Холандија извезовме конструкции и опрема во поголем број земји низ светот како САД, Мексико, Индонезија, Виетнам, Русија, Полска, Франција и други. Во 2019 година, Факом ќе ја задржи соработката со долгогодишните клиенти и ќе се фокусира за влез на нови пазари во Франција, Скандинавските земји, земјите на Блискиот Исток и други земји.

Кои предуслови, мерки и политики би биле од корист за зголемување на извозот и подобрување на конкурентноста на извозот на вашата компанија?

Како мерки и политики кои би можеле да помогнат за зголемување на извозот и подобрување на конкурентноста би требало да се размисли за следниве:

-Намалување на одредени давачки спрема државата сразмерно со остварениот извоз на извозните компании би помогнале во подобрување на конкурентноста,

-МБПР да има поголемо учество во обезбедување на извозните аранжмани на домашните компании и похрабро споделување на ризиците заедно со деловните субјекти

-Полесен пристап до кредитни линии со ниска каматна стапка за набавка на нови машини и технологии со која ќе се произведуваат производи со поголема додадена вредност наменети за извоз, одредени даночни ослободувања за модернизација на капацитетите и нови технологии,

-Мерки за стимулирање на партнерство помеѓу странските инвеститори и домашните компании.

Златко Симононовски, ФАКОМ: Годинава очекуваме извоз од над 20 милиони евра