25.10.2018 (Семинар)
НАМАЛУВАЊЕ НА ВКУПНИ ТРОШОЦИ ОД БОЛЕДУВАЊЕ, ПРИЧИНИ ЗА КОНТИНУИРАНО ОТСУСТВО ОД РАБОТА

26.10.2018 (Семинар)
УПРАВНИ ПОСТАПКИ ПРЕДВИДЕНИ ВО ЗАКОН ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ, РОКОВИ ЗА ПОСТАПУВАЊЕ И ПРАВНА ЗАШТИТА

29.10.2018 (Семинар)
АДМИНИСТРАТИВНО УПРАВУВАЊЕ, ВОДЕЊЕ ДЕЛОВНА КОРЕСПОДЕНЦИЈА И ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ

31.10.2018 (Семинар)
ЕФЕКТИВЕН ПРИСТАП И КОРИСНИ АЛАТКИ ВО СОВРЕМЕНИТЕ ПРОЦЕСИ НА ПРОДАЖБА И ПРЕГОВАРАЊЕ

31.10.2018 (Семинар)
ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ЕСЈН И ЗАДОЛЖИТЕЛНО КОРИСТЕЊЕ НА ЕЛЕКТРОНСКИ ЈАВНИ НАБАВКИ

31.10.2018 (Бизнис средби)
Match4Industry Business Matching Индустриски саем и бизнис средби -Коџаели, Р.Турција

07.11.2018 (Бизнис средби)
Бизнис средби ЈИЕ ИТ САМИТ 7-9 ноември 2018 Нови Сад, Србија

29.11.2018 (Конференција)
Меѓународната конференција за текстил за градежништво, медицина и здравствена заштита, машини за текстил и нови технологии и деловни средби, 29-30 ноември 2018 година, Ахен, Германија

30.11.2018 (Форум)
БИЗНИС ФОРУМ И БИЛАТЕРАЛНИ СРЕДБИ МЕЃУ МАКЕДОНСКИ И ГРЧКИ КОМПАНИИ- 30.11.2018 , АТИНА Р.ГРЦИЈА

Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

08.10.2018


Актуелно  

ДО НОВИ ПАЗАРИ И ПОГОЛЕМ ИЗВОЗ И ПРЕКУ КАТАЛОГОТ НА КЛУБОТ НА ИЗВОЗНИЦИ ПРИ СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА


-Една од стратешките цели на Стопанската комора на Македонија е определбата за создавање реални услови за освојување нови пазари кои се од клучно значење за раст на извозот, а со тоа и на националната економија. Македонското стопанство, како мала, отворена економија, за да одржи долгорочен раст, треба и понатаму да ја поддржува извозната ориентација на домашните компании. Потребата за унапредување на извозните можности на македонските компании беше и еден од клучните заклучоци во научно-истражувачката студија „Македонскиот извоз“, изготвена од Виенскиот институт за меѓународни економски односи, по барање на Стопанската комора на Македонија, со посочување на потребата соодносот на извозот во БДП  да се зголеми од 50 до околу 75 проценти. За да може развојот да се движи напред, неопходно е да се направат дополнителни подобрувања во трговскиот сектор со цел да се поддржи растот на извозот. Извозот претставува стратешки одговор за растот на секоја компанија, но и за економијата на една држава. Со него се обезбедува поголем девизен прилив во земјата, компаниите стануваат поконкурентни усогласени со меѓународни стандарди и процедури, што за возврат резултира со поголем профит  и можност на компаниите да се стремат кон максимално искористување на своите капацитети, - истакна Глигор Цветанов, претседател на Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија, на прес-конференцијата на Комората (8.10.2018 година).

 

-Од вкупниот број регистрирани правни лица во државата, само околу 5% односно 3.500 компании се извозно ориентирани. Доколку подетално се анализираат компаниите извозници, може да се заклучи дека 81% од компаниите се во категоријата микро и мали компании, 15,8% се средни компании, а само 3,2% се големи компании. Иако микро и малите компании се најбројни извозници, токму големите компании се моторот кој креира дури 80% од вкупниот извоз на стоки во државата. Во 2017 година Република Македонија бележи извоз од над 5 милијади евра, што претставува најголем пораст во изминатите 10 години,  - посочи Цветанов.

Според официјалните статистичките податоци за трговската размена на Република Македонија со светот за 2017 година, 81,1% од извезените производи завршуваат на пазарите во земјите-членки на Европската унија, а трговската размена со земјите од ЦЕФТА-регионот изнесува 10-12%. Најголем трговски партнер е Германија со кој Македонија бележи суфицит во размената. Значајни трговски партнери на земјата се и Бугарија, Србија, Грција, Италија, Романија, Шпанија, Турција и Велика Британија.

-Ова дефинитивно покажува дека е потребно да се работи на стимулирање на што поголем број нови компании да реализираат извозни активности, а истовремено и оние кои веќе извезуваат да го прошируваат и да го зголемуваат обемот на извозни активности во количини и вид, - додаде претседателот на Клубот на извозници при Комората.    

За да се развиваат трговските односи на Република Македонија со земјите од светот, потребно е компаниите да имаат познавање за начинот на работа на странските пазари. Сепак, во деловните бизнис релации постојат серија предизвици и неусогласености, како што се нетарифните бариери, различните прописи, неусогласените законодавни системи, недоволното знаење за критериумите на извозните пазари, продажни канали, логистика и услови за испорачување, недостатокот од маркетиншки и продажни вештини, кои се само дел од предизвиците со кои компаниите - членки на Стопанската комора на Македонија се соочуваат кога извезуваат во соседството и на светските пазари.

Со цел надминување на постојните проблеми со коишто компаниите се среќаваат, на крајот на 2017 година во Стопанската комора на Македонија се формираше Клубот на извозници, чии основни приоритети се насочени кон помагање на своите членови во нивното надворешно-трговско работење, развивање на трговските контакти и зголемување на нивните извозни можности. Единствена цел за формирање на Клубот е надминување на проблемите кои претставуваат пречка за зголемување на извозот на домашните компании.

-Во таа насока, а со цел промоција на извозно ориентираните компании,  како една од активностите, Клубот на извозници за своите членките изработи  каталог на извозно ориентирани компании од Република Македонија – Macedonian Exporting - Macedonian Export Directory. Преку каталогот,  компаниите ќе ги претстават своите капацитети и извозни портфолија со детални информации, со цел истиот како промотивен материјал да биде достапен на сите потенцијални партнери во земјата и во странство, како и на странските претставништва во земјата и дипломатско-конзуларни претставништва на Македонија во странство, - информираше Глигор Цветанов, претседател на Клубот на извозници при Комората.

Во каталогот на извозници, прв од ваков вид, компаниите од различни индустрии имаат можност да ги претстават своите капацитети, производни палети и потенцијалите за соработка со нови партнери. Каталогот е замислен да функционира како база во која ќе бидат лоцирани сите клучни податоци за извозните компании со можност базата на податоци континуирано да се надградува и проширува со нови извозни производи, дестинации и нови фирми.  

Клубот на извозници е отворен за сите компании кои во своите стратешки определби имаат за цел освојување на странски пазари што ќе овозможи ширење на производните капацитети. Членки на Клубот на извозници, за сега, се претежно компании од прехранбениот сектор, а присутни се и компании од металната и метало-преработувачката индустрија, текстилната, дрвната и хемиската индустрија, коишто се воедно и едни од најголемите извозно ориентирани компании од Република Македонија.

-Ги охрабруваме малите и средни компании и од останатите сектори, да го следат позитивното искуство од постојните членки на Клубот на извозници и да ги искористат можностите за заеднички настап на трети пазари креирајќи конкурентска предност и дополнителна вредност на македонскиот извоз и преку личниот раст и развој да придонесат за позитивен раст на македонската економија, - посочи Цветанов.

Покрај соработката со земјите од ЕУ, континуирано треба да се работи и на  унапредување на трговската размена со земјите-потписнички на ЦЕФТА-Договорот, со особен акцент на земјите од Западен Балкан, како најблиски пазари чии карактеристики во голема мера содејствуваат со карактеристиките на домашниот пазар.

Во таа насока, д-р Татјана Штерјова, од Стопанската комора на Македонија и национален координатор за Коморскиот инвестициски форум, накратко го изложи Проектот „Унапредување на извозните можности на малите и средни претпријатија од регионот на Западен Балкан“, кој Коморскиот инвестициски форум, во кој учествува и Стопанската комора на Македонија, го спроведува со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), преку Германското федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ), во траење од две години.

Активностите на Проектот се насочени кон унапредување на извозните можности на малите и средни претпријатија од регионот, за креирање нови услуги од страна на коморите кои ќе обезбедуваат поддршка за извозните компаниите и олеснување на нивниот влез на регионалните и на пазарите на ЕУ. Во рамките на Проектот ќе се реализираат три групи на активности. Прво, платформа за размена на информации, која претставува интернет дата-база на која коморите-членки на Коморскиот инвестициски форум ќе ги разменуваат своите добри практики, искуства, советодавни услуги и консалтинг, документи и материјали кои се однесуваат на услугите кои им се нудат на компаниите кои се извозно ориентирани, како поддршка за нивните надворешно-трговски активности. Второ, во тек се активностите за подготовка на алатка за проценка на извозната подготвеност на компаниите, која ќе има за цел да обезбеди одговори за потребите и предизвиците со кои се соочуваат компаниите кои се` уште не извезуваат во странство или извезуваат во многу ограничен обем. Трето, имајќи ги предвид скромните податоци за обемот на размена помеѓу државите од регионот на Западен Балкан, активностите ќе се насочат и кон креирање регионални синџири на снабдување, и тоа преку мапирање на постојните и потенцијалните синџири на снабдување во секоја од државите од регионот на Западен Балкан, и поврзување на шампионите во синџирите на вредности со добавувачи од регионот, но и од подрачјето на ЕУ.

-Сите овие активности очекуваме да придонесат за креирање на цел нов сет на услуги и активности кои ние во Стопанската комора на Македонија, но и сите  комори од Коморскиот инвестициски форум ќе можеме да им ги понудиме на извозно ориентираните компании, - посочи д-р Штерјова.

м-р Сања Николова











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права