ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ДАНОЦИ И ЦАРИНИ
18.09.2019 👁 Прочитано: 498

НЕШТО ВАЖНО НЕДОСТИГА ВО ПРЕДЛОГОТ ЗА ОДАНОЧУВАЊЕ НА МОТОРНИ ВОЗИЛА


Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Со цел усогласување со Директивата 2008/118/EC во новиот текст на Законот за акцизите („Службен весник на РСМ“, бр. 108 од 28.5.2019 година) се приспособи опфатот на акцизните добра, при што е утврдено дека акцизни добра се: алкохол и алкохолни пијалaци, тутунски производи и енергенти и електрична енергија. Истото значи дека патничките автомобилите се исклучија од категоријата „акцизни добра“, а дополнително како акцизни добра се воведоа електричната енергија, природниот гас, јагленот, коксот и лигнитот. Новиот текст на законот ќе стапи во сила од 1 ноември оваа година. Во меѓувреме, до неговото стапување во сила патничките автомобили се` уште се акцизни добра, а aкцизата се плаќа врз основа на вредноста на патничкиот автомобил и тоа: за вредност до 3.000 евра стапката е 0%, за вредност од 3.000 до 4.000 евра стапката на акциза изнесува 0,5%, за вредност од 4.000 до 5.000 евра 1%, за вредност од 5.000 до 6.000 евра 1,5%, за вредност од 6.000 до 8.500 2%, за вредност од 8.500 до 12.000 3%, за вредност од 12.000 до 14.000 4%, за вредност од 14.000 до 16.000 6%, за вредност од 16.000 до 18.000 9%, за вредност од 18.000 до 22.000 11,5%, за вредност од 22.000 до 25.000 13,5%, за вредност од 25.000 до 30.000 15,5% и за вредност над 30.000 евра 18%.

По стапувањето во сила на новиот Закон за акцизите, паралелно со исклучувањето на патничките автомобили од Законот за акцизи како акцизно добро, неопходно е да стапи во сила Закон за данок на моторни возила, со кој по теркот од Европската унија ќе се уреди оданочувањето на моторните возила кај нас. Во моментот Нацрт-текст на закон е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и јавно достапен за коментар. Согласно понудениот Нацрт-текст на законот за данок на моторни возила, предмет на оданочување со данок на моторни возила ќе бидат новите и употребувани моторни возила кои за прв пат се ставаат во слободен промет или за прв пат се регистрираат кај нас. Значи, законот се однесува на оданочувањето на патнички автомобили и останати моторни возила конструирани првенствено за превоз на лица, вклучувајќи моторни возила за комбиниран превоз на лица и стоки од типот караван, комби и слично, спортски автомобили приспособени за употреба на патиштата, патнички возила кои се движат на хибриден електричен погон (комбинација на мотор со внатрешно согорување и со електричен мотор како погонски мотор), мотоцикли, (вклучително и мопеди), скутери и слични возила со или без странична приколка, „pick-up“ возила со двојна кабина, трицикли и четирицикли. Предмет на оданочување со данок на моторни возила нема да бидат патнички возила, мотоцикли и скутери, трицикли и четирицикли кои се движат само со електричен погонски мотор.

Обврзник за плаќање на данокот на моторни возила ќе е лицето кое извршило внес или увезува моторно возило, лицето кое произвело моторно возило или извршило пренамена на друго моторно возило во моторно возило со цел користење на територијата на Македонија. 

Начелно, данокот на моторните возила ќе се пресметува врз основа на податокот за износот на просечната емисијата на јаглерод диоксид - CO2 изразен во грам по километар, податокот за износот на 1 грам јаглерод диоксид - CO2 за соодветна категорија во зависност од видот на горивото кое се користи за погон на возилото искажан во денари, податокот за продажната вредност на возилото без вклучен данок на додадена вредност или при увоз податокот за царинската вредност на возилото утврдена согласно царинските прописи и податокот за износот на царината искажани во евра во денарска противвредност, како и податокот за износот на процентот од вредноста на возилото за соодветна категорија.

За „pick-up“ возила со двојна кабина, данокот ќе се пресметува врз основа на податокот за силината на моторот искажан во киловати – kW , податок за износот на 1 kW изразен во денари за соодветна категорија и податокот за нивото на емисија на издувните гасови (еуро норма).

За мотоцикли и скутери, трицикли и четирицикли данокот ќе се пресметува врз основа на податокот за зафатнината на моторот искажана во сантиметри кубни - см3, податок за износ на 1 см3 изразен во денари за соодветна категорија и податокот за нивото на емисија на издувните гасови (еуро норма).

При увоз на моторни возила, данокот на моторни возила го пресметува и наплатува надлежниот царински орган.

Во понудениот Нацрт-текст на законот е предвидено Владата со Уредба да го утврдува начинот на пресметка на данокот на моторни возила и да ги утврдува износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила. Ова ја отвора дилемата дали на ваков начин се создава правна несигурност кај деловните субјекти и кај граѓаните, бидејќи нема да може да се утврди износот кој би требало да го плаќаат, ниту може да се направи споредба во однос на постојното даночно оптоварување со акциза на патничките автомобили. Неспорно е дека е потребно усогласување со регулативата на ЕУ, во контекст на „врзување“ на висината на данокот кој ќе се плаќа на моторните возила со емисијата на јаглерод диоксид - CO2, во насока на стимулирање на употреба на моторни возила кои помалку штетно би влијаеле на амбиенталниот воздух и животната средина. Но, предложениот текст на законот мора да ги содржи есенцијалните елементи на даночно-правниот однос, односно покрај субјекти на даночно-правниот однос, даночен објект, даночна основица, даночни ослободувања и олеснувања мора да ги содржи и даночните стапки.

По увидот во износите на данок кои би се плаќале ќе може да се ценат ефектите од новиот модел на оданочување на моторните возила.

НЕШТО ВАЖНО НЕДОСТИГА ВО ПРЕДЛОГОТ ЗА ОДАНОЧУВАЊЕ НА МОТОРНИ ВОЗИЛА
НЕШТО ВАЖНО НЕДОСТИГА ВО ПРЕДЛОГОТ ЗА ОДАНОЧУВАЊЕ НА МОТОРНИ ВОЗИЛА