ПРИЗНАНИЕ ЗА „КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА“ ЗА ПРИДОНЕСОТ ВО ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ АЗЕСКИ

   

АКТУЕЛНО / 18.07.2019
👁 Прочитано: 807


ПРИЗНАНИЕ ЗА „КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА“ ЗА ПРИДОНЕСОТ ВО ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ АЗЕСКИ

На 17.7.2019 година во Охрид, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, оствари работна средба со раководството на „Костал Груп“, предводено од Каи Кникман, претседател и главен извршен директор на „Леополд Костал“ ДОО, со седиште во Луденшајд, Германија. На средбата се разменија искуства околу условите за водење бизнис во Македонија, состојбите околу понудата и побарувачката во автомобилскиот сектор на глобалниот пазар и за проекциите за раст на оваа индустрија, разгледувајќи ги притоа и искуствата од досегашното функционирање на „Костал Македонија“ ДООЕЛ - Охрид, која започна со работа во 2016 година, во дел од поранешниот индустриски комплекс на „ЕМО“ - Охрид.

ПРИЗНАНИЕ ЗА „КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА“ ЗА ПРИДОНЕСОТ ВО ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ АЗЕСКИ

Приказната за „Костал Македонија“ е еден успешен пример за „brownfield“ инвестиција, изградена на постојниот капацитет кој беше во многу лоша состојба, а со иницијатива на сопствениците и менаџерите на „Костал“ Групацијата, односно со инвестицијата која ја направија, дел од овој индустриски комплекс повторно успеа да заживее и да се издигне во една успешна компанија со околу 400 вработени, со перспективи за натамошни инвестициски вложувања и уште повеќе нови вработувања, што претставува значајна придобивка и за поттикнување на економскиот развој на регионот, и на целата држава, - истакна Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

М-р Виктор Мизо посочи дека „Костал Македонија“ ДООЕЛ - Охрид е компанија која  активно е вклучена во работата на Стопанската комора на Македонија, но и многу повеќе од тоа. Таа е една од компаниите - иницијатори за формирање на една нова организациона форма во Комората, во рамките на Советот на странските инвеститори, а тоа е Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство. Оваа Асоцијација се формираше на 30 ноември 2018 година, со цел претставување и застапување специфичните интереси на странските компании од технолошко-индустриските развојни зони и од индустриските зони, како и унапредување на јавно-приватниот дијалог со државните институции, во насока на подобрување на деловниот амбиент, зголемување на конкурентноста, намалување на невработеноста и економски развој, гледано од перспектива на странските инвеститори.

Во знак на благодарност за успешната соработка, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, му додели Признание на генералниот директор на „Костал Македонија“ ДООЕЛ - Охрид, м-р Виктор Мизо, за особени заслуги за формирањето и развојот на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство во рамките на Советот на странски инвеститори при Комората.

ПРИЗНАНИЕ ЗА „КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА“ ЗА ПРИДОНЕСОТ ВО ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ АЗЕСКИ

Каи Кникман се заблагодари на веќе воспоставената одлична соработка со Стопанската комора на Македонија и грижата за секоја своја нова членка, како што е „Костал“, изразувајќи надеж дека таквата взаемна соработка и поддршка ќе продолжи и во иднина.

Во Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство денес членуваат дваесет и две странски компании од технолошко-индустриските развојни зони и од индустриските зелени зони од целата држава. Компаниите-членки на оваа Асоцијација во 2018 година вработуваат околу 20 илјади вработени со остварени годишни приходи од над 2,5 милијарди евра.

Во однос на забелешките на странските инвеститори од ТИРЗ и индустриските зелени зони за условите за водење бизнис во земјава, како клучни се издвојуваат барањата за предвидливо деловно опкружување и транспарентност во креирањето на економските политики и почитување на законите; можност за дебата и консултации пред носење измени во даночната регулатива; зголемување на ефикасноста на даночната администрација и почитување на роковите кои се пропишани со закон, како и преструктурирање на пазарот на работна сила со цел намалување на диспропорцијата меѓу побарувачката на работна сила на пазарот и квалификациите и вештините што ги имаат лицата кои бараат работа.

„Костал Македонија“ ДООЕЛ - Охрид е германска компанија која започна со работа во 2016 година. „Костал Груп“ е семејна компанија со традиција од 4 генерации, формирана во 1912 година и деловни активности во 21 земја на 5 континенти, со над 20.000 вработени и годишен обрт од 2,8 милијарди евра. Групацијата произведува електроника, електромеханика и мехатроника, со широк спектар на употреба во автомобилската индустрија. Согласно проектот за инвестирање, досега „Костал Македонија“ има вложено над 25 милиони евра, со вкупно 400 вработени. Вкупната површина на производствениот погон во кој моментално се врши производство изнесува 5800 м2 и уште толку дополнителен магацински простор. „Костал Македонија“ најави и проширување на производствените капацитети на површина од 19.595 м2, дополнителни вложувања од 40 милиони евра, со вкупно 1150 вработени. Постојни клиенти на фабриката во Охрид се реномирани светски брендови, како што се se „БМВ“, „Дајмлер“, „Порше“, „Тесла“ и „Ролс Ројс“.

Одделение за информирање